А оние што ги предопредели, нив и ги повика; и кои ги повика, нив и ги оправда; кои ги оправда, нив и ги прослави (Рим. 8,30).
Влегуваме во 30-годишниот јубилеј и учествуваме во радоста на Црквата и размислуваме за сите благотворни дела, сотворени со мудрост и со благоразумност, со љубов и со честитост, цели дваесет и девет години, кои како жртва сепаленица ни ги принесе богосочуваното и богоподдржано, богомилото и богопочитувано игуменување на Неговото Преосвештенство, нашиот најсакан Старец Епископ г. Партениј, и Му благодариме од една страна на Дародавецот Бог Кој ни го подари на Црквата и на сите нас, милостив и љубовен, правилно да го распространува словото на Неговата Вистина, и од друга страна му благодариме лично нему за неговите добри намери и дела кон Црквата, за светите цели, за прогресивните визии, за благотворните дела, за разбирањето, за неговата будна татковска грижа за нашето спасение, за сè што направил и продолжува со младешки елан да прави за Црквата, за родот на Православните и за сите и за сѐ.
За мнозина делата говорат; едни немаат можност да видат, а други ги затвораат очите за да не видат. Но оние кои се удостоиле барем за миг да го вперат духовниот поглед во Христа, лесно ги препознаваат Неговите возљубени.
Пред 29 години, на 5 август (23 јули ст. стил)1995 година, во навечерието на чесниот спомен на Светата Маченица и невеста Христова Христина, на Преосвештениот Антаниски, од страна на монахољубивиот и секогаш сакан наш Високопреосвештен Митрополит и архипастир Дебарско-кичевски г. Тимотеј, визионерски му беше даден крстот на монашкиот подвиг. Но врз тоа тој доброволно понесе на својот грб десетици и стотици крстови, како оној што учествува во Божествената љубов и ја раздава на сите околу себе.
Во знак на сеќавање на тој благословен ден, вчера на вечерната богослужба во Бигорски се собраа сите монаси и монахињи од нашата монашка заедница, за му ја изразат љубовта и благодарноста на својот духовен татко во Христа, Старецот Епископ г. Партениј. На крајот од Вечерната, со пригодно слово од името на сите браќа и сестри кон Старецот се обрати нашиот најстар собрат архимандритот г. Доситеј, кој по повод годишнината од замонашувањето му подари иконографска претстава на Деисис – Господ Исус Христос, Пресвета Богородица и Свети Јован Крстител, со блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис како коленопреклоно се застапува пред Христа.
Возљубен Старче, на многаја лета! Одведи нѐ и нас кон вистинскиот и последен копнеж – Христа, Царот на мирот!