И оваа година, трета по ред, во црквата на „Светите Апостоли Петар и Павле“ во селото Тресонче, свечено беше отворена малореканската летна школа „По патеките на Дичо Зограф“. Со поздравни обраќања се обратија проф. д-р Сашо Цветковски, научен раководител на школата, проф. д-р Ненад Макуљевиќ од Филозофскиот факултет во Белград, и Медат Куртовски, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше. По отворањето, во црквата беше отслужена трисагија за покој на душата на великанот Димитар – Дичо Крстев.
Активностите на школата ќе се одвиваат од 3 до 7 септември 2022 година во селото Тресонче, во околните села на Мала Река и во Бигорскиот манастир. Едукативните и научно-истражувачките активности на школата ќе ги следат повеќемина учесници, кустоси и научни соработници од музеите и научните институции во Македонија, како и студенти од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оваа година свои предавања ќе имаат д-р Александар Василески, м-р Дарко Николовски, д-р Ненад Макуљевиќ, д-р Ана Костиќ, м-р Васил Ѓоргиев-Ликин, Борис Маркоски, д-р Елизабета Касапова, Сашо Поповски и д-р Сашо Цветковски.
Малореканската летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“, е под покровителство на Бигорскиот манастир, здружението на граѓани „Брезовец“ – Тресонче, Општина Маврово и Ростуше, како и истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија за науки и уметности (МАНУ).
Научна конференција за оваа година е со тематска содржина посветена на 170 години од живописувањето на црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица.
Во великиот синодикон во Бигорскиот Манастир, вечерва пак, започна и сесијата предавања, а како први говорници свечено ја отворија д-р Александар Василески, м-р Дарко Николовски и д-р Емилија Апостолова Чаловска.
Малореканската летна школа, со своите активности има голем придонес во афирмацијата на Дичо Зограф, но и на македонските зографи од 19 век, а од досегашните активности на Малореканската летна школа произлегоа неколку научни трудови во кои се третираат дела на малку познати македонски зографи, со тенденција да се создаде база за посериoзни истражувања на македонската уметноста и преродбата во 19. век.