Радосна дружба со корисниците на услуги од градот Скопје од здружението „Порака – Неготино“

На наша голема радост а по благослов и покана на нашиот Старец, Епископот Партениј, бевме удостоени да бидеме во едно-дневна дружба со корисниците на услуги од градот Скопје од здружението „Порака – Неготино“. Желбата на овие чисти души беше поттикната од нивната меѓусебна дружба да поминат еден ден во нашето духовно светилиште, за духовно да се запознаат со позначајните работи на нашата вера и да се помолат со нивните топли души.

Уште при нивното пристигнување беа пречекани од љубовта и прегратките на нашиот Старец, кој ги благослови и им посака да се чувствуваат убаво за време на престојо во манастирот. Љубовта од нивните топли срца и онаа на нашиот Старец градеше мостови на Божјата љубов за време на таа благословена средба. Со блага насмевка на лицата му се заблагодарија за благословот и за гостопримството. По оваа радосна средба која го облагороди и развесели манастирскиот двор, овие мили души се упатија во храмот на Претечата Господов, каде од страна на нашиот собрат, јеромонах Ефросиниј беа запознаени со основите на нашата вера. За време на заедничката дружба во манастирскиот архондарик, покрај чајот и кафето, беа почестени од љубовта од нашите браќа. Во тој момент, чиниш, во кого-годе да погледнеше од нив, потонуваш во љубовта во неговите очи. На крајот од посетата, нивната желба беше да се фотографираат со Старецот и Игуменот на манастирот Епископот Партениј, како спомен за еден убав настан кој нема да го заборават.

Ова е нивна втора посета во нашето духовно Светилиште, предводена од директорката на здружението „Порака – Неготино“ од Неготино, Гордана Трајковска и социјалниот работник Андон Димовски, овозможена и потпомогната од страна на „Град Скопје“ и ЈСП.

Радоста ја пренесоа и во нивниот дом во Волково, а нивните срца кои шират само љубов, ја споделија таа радост и доживување и со корисниците од Неготино, при што изразија желба и тие да го посетат манастирот во иднина.

Нека нашиот семилостив Христос Бог продолжи и понатаму да пребива во нивните топли срца.