Пред два дена, кога Црквата Христова го славеше споменот на Светиот Свештеномаченик Харалампиј, со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, Бигорската Свештена Обител беше домаќин на над стотина пчелари од сите краеви на нашата земја, организирани преку Сојузот на пчеларските друштва на Р. Македонија и во содејство со познатата личност од ТВ Канал5, баба Рада Бошковска. Пчеларите, предводени од Претседателот на Сојузот, г. Менде Трајковски, беа срдечно и гостољубиво пречекани од нашето братство, и имаа можност да се запознаат со историјата и мисијата на манастирот. Исто така, тие присуствуваа и на чинот на водосветот и на благословувањето на пчелите и медот во близина на манастирскиот пчеларник.
„Боже, Создателу на сè! Ти, Кој ги благословуваш и умножуваш семињата, ги правиш добри и пригодни за наша употреба; Ти, Кој, по застапништвото на Претечата и Крстителот Јован, милостиво ги примаш нашите молитви, благоволи, со Своето милосрдие, да ги благословиш и осветиш пчелите во нашата Татковина и во целиот Твој свет, да ги принесуваат пообилно своите плодови за наша храна и за украсување на Твоите храмови и на светите Твои олтари и дај им, Господи, на оние што се трудат за одгледување на овие пчели, изобилни плодови и исполни ги со небесен благослов, преку Господа Исуса Христа, Кому нека биде чест и слава во веки веков. Амин!“