Посета на УМС на ВМРО-ДПМНЕ од Битола во Бигорски и Рајчица

Постои ли поубава и посилна порака од онаа за единството во мирот, радоста и љубовта!? Тоа е пораката која Црквата постојано ни ја испраќа, сакајќи сите да нѐ обедини околу Христа, Началникот на доброто; таа смирено нѐ учи да ја бараме силата одозгора за да се избориме со слабостите од овој свет, и според зборовите на нашиот Старец, архимандритот Партениј, „упатува животворни поуки во нашите срца, претворајќи ги храм на Светиот Дух и правејќи да живееме во хармонија со целиот свет. Ете – вели Старецот – сега, во Црквата, преку Светиот Дух ни е дадено да ја востановиме таа хармонија. Кога човекот ќе Го прими во себе Светиот Дух, тој веќе е во хармонија со целиот свет. И тогаш срцето пее во симфонија со сѐ што е создадено; хармонична песна на Светиот Дух. Во Стариот Завет, кога луѓето помислиле дека за да бидат посилни треба да се обединат во злото, дури и да застанат против Бога, решиле да ја изградат Вавилонската кула и велеле дека ќе гаѓаат кон небото со стрели. Но Господ ја спречил таа нивна намера, им ги измешал јазиците, направил секој да зборува на различен јазик за да ги раздели. А на Педесетница, пак, Господ на Апостолите им даде дар да зборуваат на различни јазици за да можат така сите народи да ги привлечат и обединат во Светиот Дух. Затоа тој празник е празник на единство во доброто“.

И ете, Бог по Својата премудра промисла уреди во пресрет на празникот Педесетница, во нашите манастири да пристигнат членовите на Унијата на млади сили на партијата ВМРО-ДПМНЕ од Битола, предводени од нивниот претседател Бојан Димовски. Овие млади луѓе дојдоа тука за да се запознаат со мисијата на нашите манастири, со нивната историја, со суштината на православната вера и со монашкиот живот. Тие ги споделија со братството и сестринството и своите досегашни активности и искуства. Видно трогнати од гостопримливоста на која наидоа, искрено ги упатија своите молитви кон Бога и Неговите Светии. Особено полезна за нив беше и средбата со нашиот Старец, Архимандрит Партениј, кој понесен од љубовта, на овие млади души им упати боговдахновени егзистенцијални поуки, порачувајќи им да останат соединети и да Го бараат Христа, зашто Он е темелот на сите добрини, Он ги посетува и преобразува срцата човечки, учејќи ги да ги љубат сите и на сите да им простуваат.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост словото на Архимандрит Партениј, изговорено пред посетителите, во манастирската трпезарија во Рајчица:

„Мили мои, сакам најнапред да ве поздравам и да ви кажам дека многу се радувам што посакавте да ги посетите нашите два манастири и така да научите нешто повеќе за Христијанството, зашто тоа е голема сила и секогаш придонесувало за градењето на здраво, духовно и прогресивно општество. Но ние, денешните Христијани, некако го забораваме тоа. Крстени сме, но претежно сме само номинални, или традиционални Христијани, и речиси и да немаме претстава колку Христијанството може да ни даде нам како личности, а и воопшто на општеството. Не би било така доколку го познававме малку подобро, но, за жал, денес таква е состојбата во Македонија: многу малку знаеме за ова спасоносно учење. Тоа е затоа што во училиштата долго време немаше воведено веронаука, па и денес сè уште тешко се спроведува, бидејќи некои, би ги нарекле деструктивни сили во нашето општество, се трудат да ја спречат веронауката. А тоа понатаму си повлекува свои штетни последици. Гледајте, повеќето наши соседни народи ја воведоа веронауката во државните школи како редовен предмет. Кај нас тоа оди тешко, и сега вие, како наша младина, сте лишени од нешто многу битно, а тоа е правилното сфаќање за човечката слобода, зашто треба да знаете дека единствено Христијанството ѝ дава слобода на човековата личност. Христијанството на вистински начин го осободува човекот и го прави мудар и селективен во животот. Можеби токму затоа оние коишто би сакале да владеат со луѓето, под превезот на некаква демократија, толку огорчено се борат против Христијанството – тоа едоставно не им дозволува да владеат со луѓето на еден тоталитарен и бескрупулозен начин. Пример за тоа имате во комунизмот. Тогаш Христијанството особено им пречеше, иако тоа, световно гледано, е моралистичка вера, придонесува човекот да стане поморален, поттикнувајќи ги сите морални закони кај него, помага да се цени и чува семејството итн. И покрај сите тие позитивни одлики и начела кои комунистите ги усвоија од христијанството, ним сепак им пречеше Христијанската вера. А зошто? Од причина што единствен можен начин да се создаде тоа лажно општество во кое луѓето ќе бидат бессовесно искористувани, беше да се тргне таа пречка која се вика Христијанство.

Новиот светски поредок што го гледаме денес не е ништо поинаков во односот кон Христијанството од некогашниот комунистички систем. И денес, преку различни пропаганди, безбожниот свет се бори против Христијанството кое не им дозволува да си играат со луѓето како со марионетки; зашто, имајте на ум, доколку луѓето не се Христијани, доколку не веруваат во Бога и во оние универзални вредности што произлегуваат од Христијанството, тие лесно стануваат подложни на секакви идеологии, кои денес ни се наметнуваат во име на слободата и демократијата. Еве тоа е актуелно и кај нас, па многу млади луѓе се заблудуваат неразмислувајќи трезвено, и се „залетуваат“ во некаков револуционизам, наводно за подобра демократија. Секако, станува збор за заблуда и лажна револуција. Бидејќи не може оној кој и самиот греши, да го осудува грешникот. Сте слушнале за она Евангелското: „Лицемере, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си“ (Мт. 7, 5). Ние секогаш сакаме да посочиме кон другиот, наместо да си го согледаме својот грев. Или еден друг Евангелски пример, можеби сте читале, но еве накратно ќе ви раскажам за блудницата која требаше да биде каменувана, според законите на Стариот завет. Имено, според Еврејскиот закон, доколку жена била фатена во прељуба, таа била казнувана со каменување. Но кога Христос наишол на таков случај, Он не побразал веднаш да го спроведе Законот, туку започнал со прст на земја да им ги пишува гревовите на оние кои сакале да ја каменуваат жената, бидејќи како Сезнаен, Он ги знаел мислите и минатото на сите нив. Каменувачите виделе дека Он ги знае нивните гревови, почнале еден по еден посрамени да си заминуваат, зашто Он им покажал дека тие, всушност, не се разликуваат од жената што ја осудиле. И така, Господ ѝ простил на жената и ѝ рекол дека штом никој не ја осудил, нема да ја осуди ни Он. Сите ние по својата човечка слабост грешиме, која-годе и положба да ја имаме во ова наше општество. Но место да се осудуваме едни со други, треба со почит и љубов еден со друг да се поправаме, да бидеме самокритични, а не критизери. Единствена алтернатива што денес ја имаме е сите да се поправаме во општеството, па така и сегашната власт да ја ревидира својата работа, и опозицијата да се консолидира, и пред сè да се престане со секакво деструктивно однесување, да се почитуваат државните институции и волјата на народот, изразена преку изборот, за нашата Татковина да не трпи штета и да не назадува. Ова го велам единствено од љубов кон нашата Татковина, а не како припадник на некаква политичка опција, и единствена мотивација ми е интересот на мојот народ и мојата земја, која за секој од нас треба да е светиња, бидејќи е скапо платена. Христијанството и предците нѐ учат и дека трите основни духовни столбови кои треба да ги почитуваме се: Црквата, Татковината и семејството – тие го градат човекот во вистинска смисла на зборот.

Вие сте млади, нашата иднина е во вас. Затоа треба да црпите знаења од Христијанството, од Светото Евангелие, Православието, бидејќи само во Православната Црква можеме во полнота да Го најдеме вистинскиот и добриот Христос – Оној Кој дојде да се распне заради нас, и да нè спаси нас, луѓето. Значи, Црквата на која ѝ припаѓаме е една голема духовна скапоценост во нашите животи. Таа е Црква која низ вековите го менувала, па и сега може да го промени светот на подобро. Не случајно низ целата историја злото од овој свет најмногу војувало против Црквата. Знаете, овој свет е борба меѓу доброто и злото. А средиштето на таа борба, како што вели големиот руски мислител Достоевски, е срцето на човекот. Значи од борбата во човековото срце зависи дали светот ќе стане подобар или полош. Ако повеќе срца го изберат доброто, т.е. Христос, тогаш и светот ќе стане подобар. Затоа и вам ви посакувам да Го најдете Христа, за во вас постојано да владее доброто, и утре да ви биде добро во семејството, да ни биде подобро во Татковината и подобро во светот, бидејќи единствено Христос е носител на вистинската револуција, револуција која носи суштинско подобрување, оти е револуција против гревот во нас, против злото во нас. Само таа револуција менува, зашто преобразува, зашто прави човекот да биде вистински човек. Само Христос му го враќа првобитното достоинство на човекот, што гревот го одзел.

Денес претходно имав средба со млади луѓе, некаде на возраст од околу 25 години, кои за првпат дојдоа во манастир, но читале и сакаа да се исповедаат. Во текот на разговорот за духовни теми, забележав како лицата почнаа да им се менуваат, и тоа често го гледам во овие дваесет години како духовник. Гледам како Христос ги менува луѓето, бидејќи Он е една духовна сила која навистина може да го направи човекот подобар. И големиот индиски државник Ганди, кој имал можност да се запознае со Евангелието, изрекол една убава мисла за христијанството: „Да беа сите христијани вистински христијани, цел свет ќе беше христијански“. Тој правилно ги сфатил прекрасните пораки од Евангелието, но го согледал и тоа дека многу христијани, всушност, не живеат според Светото Евангелие. Сепак, да не губиме надеж. Важно е сега да почнеме да ги правиме првите чекори, и Господ ќе дејствува, бидејќи Он ја прегрнува секоја наша добра намера. Он знае дека сите ние сме со слабости, со многу грешки, па и да згрешиме, да паднеме, важно сме го направиле тој прв чекор кон Бога, и сега се трудиме, учиме од своите грешки, се смируваме и се поправаме. Добриот Господ нема никогаш да нè осуди, зашто Он знае дека нема човек кој во себе не носи страсти. Он дошол да нè спаси и да ги лекува нашите страсти и слабости, а не да ни суди. Многу луѓе денес гледаат на Христијанството како на религија, па велат дека Христијанството не дава слобода, наметнува многу правила, ограничувања и забрани, но тоа е тотално погрешна и злонамерна констатација. Бидејќи Самиот Христос, зборувајќи за Своите заповеди, рекол: „Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мт. 11, 30). Всушност, Христос како најважни ги дал овие две заповеди: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум“; и ближниот свој, односно секој човек во овој свет, без разлика на нација, вера, боја на кожа, возљуби го како самиот себеси. На нив, рекол Христос, се држи целиот Закон и Пророците (в. Мт. 22, 37-40). Он нѐ учи на љубов, нè учи да го сакаме ближниот како себеси. Тоа значи дека дури и ако нашиот ближен е грешен, дека има некоја голема страст која му го контролира животот, ние не би требало да го осудиме, да го напуштиме, туку напротив – да го сакаме, да се молиме и сострадуваме со него – ете на тоа нѐ учи Христијанството. И тоа не се коси со демократските начела, кои заговараат сеопшта слобода. Но да се запрашаме: за каква слобода се залагаат поборниците на денешната европска демократија? Ако е тоа слободата во гревот, тогаш дали вистински сме слободни, или стануваме робови на тој грев за кој толку ревносно се застапуваме, во име на слободата и демократијата? Ќе наведам еден пример: истополовите бракови. Уште во Стариот Завет се спомнува за страста кон истиот пол. Во Новиот Завет таа страст се става на исто рамниште со пијанството, прељубата, итн. Рековме дека Црквата не го осудува грешникот, туку гревот. Зар треба сега сите гревови да ги озакониме? Не ги осудуваме паднатите во грев, но не можеме да го игнорираме гревот, и да не се бориме против него. Кога некој почувствува дека здравјето му е нарушено, оди на лекар. Лекарот му советува воздржување од некои лоши навики во интерес на неговото здравје. Значи тие лоши навики прераснале во страст која го нарушува здравјето. За да се исцели, болниот мора да ја намалува и контролира својата страст. Така е и со блудната страст, но и со секоја страст, воопшто. За човекот да остане здрав, тој мора да ја ограничи, контролира својата страст. Ние знаеме дека природно бракот може да биде заедница само помеѓу маж и жена. На почетокот Бог ги создаде маж и жена и ги благослови. Потоа, во Новиот Завет, Христос уште еднаш го благослови бракот со првото чудо кое го направи за време на Својот земен живот, и тоа јавно, пред сите, на свадбата во Кана Галилејска. Со тоа Он покажа дека бракот е многу важен, дека тој е основната клетка на општеството. Зашто ако ние немаме здраво семејство, нема да имаме ни Црква, ни Држава. Двете ќе ни бидат болни. А тие се од суштинско значење за животот. И токму тоа е Христијанството – една убава наука за животот. Наука за тоа како човекот вистински да стане човек.

Денес во областа на науката човекот напреднал навистина многу. Но сè уште не проникнал доволно во мудроста како да стане човек во вистинска смисла на зборот. Еве вчера читав една проповед од св. Јован Златоуст, кој живеел во IV век во Константинопол, денешен Истанбул. Обраќајќи им се на луѓето, некаде по 400 години од доаѓањето на Христос на земјата, тој им објаснуваше за паганите од I век, и ги опишуваше како крути и гневни, неприемчиви за духовните нешта. Токму од таа причина, вели тој, кога се крштеваа, Господ им правеше големи чуда, како на пример тоа да можат да зборуваат на разни јазици, и мораше да ги поткрепува со некакви надворешни пројави, за овие луѓе, кои беа целосно предадени на телесното и мрачни, да можат преку сетилно видливи пројави да ги сфатат духовните нешта. А денес, заклучува тој во беседата, вие немате потреба од чуда, бидејќи имате вера, и кога ги исповедате гревовите, немате потреба од некое надворешно чудо за да знаете дека Бог ви простил. Гледајте, колку луѓето со Христијанството станале духовни и просветлени, колку биле напредни и почнале да мислат на духовни нешта. А денес, напротив, по толку векови, наместо уште повеќе да се издигнуваме духовно, констатираме дека светот се вратил во едно примитивно и грубо паганство, па и покрај сиот напредок, сепак, ние сме симнати на нивото на паганите, на телесни и назадни нешта, и сме станале крајно неосетливи за духовното.

Затоа, денес во т.н. „постхристијански свет“ ни се случува криза во човештвото, во бракот, и во државите воопшто. Пред извесно време, едни мои пријатели ми раскажуваа за една негативна појава во Австралија. Имено, Австралија е земја со големи материјални благодети, таму може добро да се живее и само од социјалната помош што ја дава државата. А сепак, се случуваат толку многу самоубиства, па дури и постои некаков мост и некава карпа, каде што луѓето одат да се самоубијат. И морала државата да интервенира, да поставува разни пречки на тие места за луѓето да да не си ги одземаат своите животи. Гледате дека материјалното не е она што дава смисла во животот и што нè прави вистински среќни. А овде луѓето му придаваат преголема важност на материјалното, па велиме дека во нашата Татковина имаме проблем што економијата ни е слаба, па затоа сме толку несреќни и во општеството има толку многу негативни појави. Но да се радуваме и да Му благодариме на Бога што кај нас духот на Православието е сè уште силен, иако тоа помина, а и понатаму врви низ особено тешки општествени премрежија. Бидејќи рековме дека Црквата е таа која може да го преобрази човекот, да му даде смисла на човечкиот живот, да го направи среќен. И ова ви го кажувам од опит, а не како некој кој само прочитал во книгите и прераскажува. Јас лично видов колку голема и преобразувачка сила е Православието, особено во работата со млади луѓе кои паднале во пороците на денешницата. Видов дека кога Христос ќе влезе во човекот, односно кога самиот човекот ќе го побара Него, тој станува „нова твар“, како што вели Апостолот Павле. И може потполно да се преобрази, да стане позитивна личност, да им помогне и на другите околу себе. Затоа добро замислете се над ова и самите ќе сфатите дека на сите ќе ни биде подобро доколку станеме вистински Христијани. Вие утре ќе бидете на различни функции, некои од вас можеби и на многу влијателни места, па ќе можете многу да ѝ помогнете на својата Татковина, ако своите одлуки ги донесувате врз основа на Христијанското учење и Евангелието. Можеби помеѓу вас сега има и некој од друга вера, но нема од што би се навредил, бидејќи Христос, за разлика од сите други учители на земјата, беше најдобар и универзален. Он не ги дели луѓето на верници и неверници, не вели сакај го само Христијанинот, туку за Него секој човек е наш ближен. Така, никој не би можел да биде во опасност, или загрозен од страна на вистинскиот Христијанин. Во Христијанството под фундаменталист се подразбира предобар човек. Еве, можеме слободно да кажеме дека во Христијанството фундаменталисти се монасите. Бидејќи самиот збор фундаменталист потекнува од латинскиот збор fundamentus, што значи основа, темел, а во христијанството темел е простувањето и љубовта. Што направи Христос на Крстот? Им прости и на тие што Го распнаа. Христијанството е сеопростувачко и сељубовно. Тие начела се неговата преобразувачка сила. Така, ви порачувам да се љубите еден со друг, да ги љубите од сѐ срце сите луѓе. Зашто само оној што го сака другиот и што му мисли добро, ја сака и ѝ мисли добро и на својата Татковина“.