Молитвен спомен за упокоените

Духовденска задушница

Во самото предверие на големиот празник на Светата Троица – Педесетница, Црквата востановила посебен ден за спомнување на нашите упокоени ближни, но и на сите „од века упокоени православни христијани, отци, браќа и сестри наши“. Тој ден се нарекува Духовденска вселенска задушница.

Молитвениот спомен за сите упокоени благочестиви христијани е премудро поставен пред Светата Педесетница, бидејќи на тој ден го празнуваме Слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, настан со кој се завршил домостројот за спасението на човештвото, а во тоа спасение удел земаат и починатите. Затоа Црквата на Педесетница торжествено ги превозгласува молитвите кон Светиот Дух за оживотворување на сите живи, но проси благодат од Сесветиот и Сеосветувачки Дух Утешител и за починатите, благодат за која тие биле удостоени уште за време на животот, зашто секоја душа живее преку Светиот Дух. Ете зошто во саботата пред Духовден, Црквата им посветува посебно внимание на починатите, молејќи се усрдно за покој на нивните души. Свети Василиј Велики, кој ги составил умилителните молитви на вечерната на Педесетница, во нив вели дека Бог благоволил особено во тој ден да се принесуваат молитви за упокоените, па дури и за „оние во адот“. Сите упокоени на овој ден ја чувствуваат благодатта од Светиот Дух.

Навлегувајќи во оваа голема тајна на соборноста на нашата најсвета православна Црква, која е всушност една голема заедница на двата света – видливиот и невидливиот, нашите две обители, Бигорската и Раичката, во молитвената атмосфера на заупокоените богослужби, си спомнаа за сите христијани починати со вера во Воскресението и надеж во вечниот живот. Зашто, според зборовите на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, „нашето живеење на земјата е всушност живеење во љубовта Христова. Христос, од неискажлива милост, иако Бог, стана човек заради нас, пострада за нас, ја пролеа Својата крв и умре на Крстот, за да нè оживее нас, духовно умртвените од гревот и непослушанието. Затоа ние, како христијани, сме должни да ја покажуваме својата вера преку љубовта кон ближните, не само кон тие што се сега околу нас, туку и кон оние што си заминале при Господа. Таа љубов се искажува преку молитва, и молитва во храмот, за време на Богослужението, за време на извршувањето на Божествената Евхаристија, но и домашна молитва, кога ние во своите срца се молиме за нашите починати роднини, блиски, пријатели и познаници. Исто така нашата љубов кон упокоените ближни особено се покажува и тогаш кога даваме милостина на сиромашните во нивни спомен. Да се помолиме милостивиот Христос Бог наш да ги упокои душите на починатите во населбите на праведните и да ги удостои со Божествената светлина на Своето Пресвето Лице, а нас да нè помилува и спаси“. Амин.