Древната Бигорска светиња, каде што вековите оставиле неизбришливи траги од молитвениот подвиг на недобројни монаси, денес беше сведок на уште едно возвишено духовно собрание кое ги спои небото и земјата во една молитва, една благодарност, едно славословие. Осветен со воскресенската светлина, денот започна со благодатниот принос на Божествената Евхаристија во соборниот храм на Чесниот Претеча. Во атмосфера на молитвен мир и срдечно славословие, братството и многубројниот притекнат народ Му вознесоа благодарења на Господ на славата за сите Негови неискажливи милости.
И ете, овој благословен ден беше благословен и со посебна небесна посета. По завршувањето на светата Литургијата, со благоговение и чест беа пречекани светите мошти на светиот Климент, епископот Римски – апостолски маж, кој со својата маченичка смрт ја запечати верата Христова во првиот век од Христијанството. Оваа светиња ја донесе нашиот почитуван пријател, благочестивиот г. Александар Младеновски од Австралиско-сиднејската епархија, родум од благородната Битола. Тој со голема љубов и усрдна молитва ја измолил оваа светиња од Руската задгранична православна црква во Австралија и, со благослов на Високопреосвештениот Архиепископ г. Георгиј, му ја предаде на нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, препознавајќи во неговото дело светол пример на живо апостолство и несопирлива љубов кон светиите Божји. Колку е прекрасна промислата Божја! Свети Климент, чиишто мошти некогаш светите браќа Кирил и Методиј ги пронајдоа во морските длабочини на Херсон и ги понесоа во Рим, сега доаѓа како небесен благослов и во нашата света Обител! Така, преку вековите се протега невидливата нишка на благодатта Божја којашто ги поврзува светиите во еден нераскинлив континуитет, во едно вечно Христово братство.

По овој величествен момент, во свечениот манастирски синодикон се одржа торжествената промоцијата на најновото книжевно издание на нашата Обител – петтомното дело „Бигорска хроника – архиерејско петлетие“ – летопис на духовниот живот на нашата монашка заедница и на благодатното служење на нашиот возљубен Старец.
Свеченоста со своето присуство ја украсија бројни гости: амбасадорката на Република Грција, г-ѓа Софија Филипиду; реномираниот професор од Богословскиот факултет во Скопје, протоѓакон проф. д-р Ратомир Гроздановски, кој е воедно и автор на прекрасниот и вдахновен пролог на ова јубилејно издание; јеромонахот Лука од светогорскиот манастир Ксенофонт, свештеници, професори, новинари, луѓе на пишаниот збор, општествени дејци и бројни верници.
Од името на братството, присутнит е најнапред ги поздрави нашиот собрат архимандритот Кирил, уредник на изданието, кој во своето кратко обраќање, со смирение и љубов, нагласи дека ова дело претставува благодарствен дар на Братството за својот духовен родител и воедно возобновител на монаштвото, Преосветениот епископот Антаниски г. Партениј, по повод трите значајни јубилеи што ги одбележуваме оваа година: 55 години од неговото раѓање, 30 години монаштво и 5 години архиерејско служење.
Во продолжение, промоторот на делото, угледниот универзитетски професор д-р Александар Спасеновски произнесе особено моќно и трогателно слово, истакнувајќи дека оваа хроника не е обично сведоштво на минливи настани, туку духовна повест за преобразувањето на душите на луѓето преку љубовта Христова, што се излева во делото и подвигот на нашиот Старец.
Потоа со трогателни зборови на благодарност од своето татковско срце на присутните им се обрати и Старецот, споделувајќи ја својата тивка радост и длабока благодарност кон седародавецот Бог и кон сите кои се потрудиле во создавањето на ова духовно и книжевно издание:
Возљубен проф. д-р Ратомир Грозданоски,
Возљубен проф. д-р Александар Спасеновски,
Почитувана амбасадорке на Република Грција, г. Софија Филипиду,
Сечесни отци, преподобни монаси и монахињи, возљубени браќа, сестри и чеда во Христа,
Додека го слушав обраќањето на отец Кирил, а особено промотивното слово на почитуваниот професор на Правниот факултет Александар Спасеновски, кој сега е и советник на премиерот Христијан Мицкоски, во срцето ми навираа солзи. Не од сентимент, не од привремен душевен занес, туку од благодарност, затоа што зборовите што ги изговорија не беа обичен формализам, туку живо сведоштво.
Професорот Александар, мое долгогодишно духовно чедо кое го познавам уште од неговата младост, не говореше како гостин, туку како човек кој со години доаѓа тука, го познава духот на ова братство, живее заедно со нас, го чувствува братството како свое, учествува во литургискиот живот манастирот, и заедно со своето семејство живее вистински црковен живот. Затоа, кога размислувавме кому да му го довериме зборот на промоцијата, решивме дека токму тој е најпогодната личност. Затоа што може со чисто срце и искрена совест да посведочи за она што овде се гради, не со раце, туку, пред сѐ, со молитви, со љубов, со солзи.
Предговорот на книгата, пак, го напиша нашиот драг професор Ратомир Грозданоски – долгогодишен и реномиран професор по Нов завет на Богословскиот факултет во Скопје, човек со длабоко духовно познание, кој за мене отсекогаш бил пример на тивка ученост и христоносна мудрост. Тој беше мој класен раководител во средното богословско училиште во Драчево. Со него, значи, нѐ врзуваат повеќе од 35 години познанство, пријателство и духовна блискост. Тој ги знае нашите почетоци, нашето растење, нашите копнежи и надежи. И затоа, кога го добивме в раце неговиот предговор, откако го прочитав со трепет му реков на отец Кирил: „Ова не е предговор. Ова е сведоштво.“ И така и го насловивме: „Сведоштво наместо пролог“.

Во тие неколку страници, професорот не пишува како критичар или како теолог што анализира, туку како духовен сведок, кој ја гледа Божјата рака во историјата на ова свето место.
Професорот Александар кажа многу и големи нешта. Јас, пак, можам само да Му заблагодарам на Сесветиот Бог што нè удостои да ги доживееме чудесните пројави на Неговата милост. Она што некогаш само го посакувавме, па и го сонувавме – да се обнови општежителното монаштво во нашата Татковина – денес е реалност. Верувајте, тоа беше моја длабока желба отсекогаш, но никогаш не сум посакувал да бидам јас оној кој ќе основа манастир, ниту пак да бидам игумен или старец. Тоа беше нешто што навистина не го замислував за себе. Но, како што вели Писмото: Моите мисли не се како вашите мисли, ниту Моите патишта се како вашите патишта[1]. Така посакала Неговата волја, и ме доведе овде, во оваа света Обител. Се предадов целосно на Неговото водство и Господ беше Оној Кој уреди сè. Често, во тишината на ноќта, се прашувам како апостолот Павле, кој со длабоко смирение рече: по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче[2]. Јас тоа можам да го кажам со сета вистина и со полна свест за својата недостојност. Зошто, Господи, сите овие дела ги сотвори преку мене? Кога имаше многу подобри, попаметни, побогати со дарови и со добродетели? Но само Он знае зошто го призва моето срце, за да ги оствари овие дела што ги гледаме денес, дела што се, навистина, големи, не затоа што се наши и човечки, туку затоа што се Негови.
Се чувствувам крајно недостоен, но и бескрајно благодарен. Му благодариме на Бога што ни даде да испишеме едно поглавје во историјата на нашето монаштво, кое сведочи за живото дејство на Светиот Дух во Црквата. Често повторувам, и ќе го кажам и сега: не ние, туку родот на којшто припаѓаме, монашкиот, е Божјата садница во историјата на Црквата. Преку него Господ постојано ја обновува верата, го запалува духот и го чува единството на Црквата. Монаштвото, низ сите векови, било тивок, но непоколеблив столб на православието. Се сеќавам на деновите во Богословијата, под раководството на нашиот драг професор Ратомир Грозданоски, човек со светол и благ дух, кој не само што нè поучуваше со зборови, туку и со свој живот ни ја сведочеше верата. Тогаш слушавме и читавме за монаштвото, за неговото значење и сила, но не можевме до крај да го разбереме. Сè остана тајна, сè додека не го здогледав со сопствени очи животот на Света Гора, и сè додека не ја почувствував благодатта на монашкиот подвиг во своето срце. Дури тогаш разбрав колку монаштвото може да направи за Божјиот народ, колку може да преобрази души и да го врати животот и духот во Црквата. Оти, монаштвото е најблиску до срцето на народот. Тоа не владее, туку служи; не учи со зборови, туку со тивко присуство. И токму преку монашките братства, во нашата Црква се возобнови литургискиот живот, повторно заживеа духовноста и се разгоре љубовта кон Бога.
Пред неколку, мештаните од Река и Дебар – повеќето од кои се доселија овде токму поради манастирот и монаштвото – посакаа да ме изненадат по повод мојот роденден. Секој од нив напишал по некоја кратка и искрена порака за тоа како го доживува манастирот, и сите беа исполнети со многу љубов и благодарност. Но меѓу сите тие пораки, една ме допре најдлабоко. Едно мало дете од Битуше напиша најкратка, а можеби и најголема порака: „Му благодарам на Бога што Ве запознав Вас, за да Го запознам Него.“ Тие зборови ме трогнаа до солзи. Ете, тоа е нашиот императив. Тоа е суштината на монашкиот живот: да им Го сведочиме Христа на човечките души, така што преку нас луѓето да Го препознаат Него. За тоа живеевме до денес. Тоа е смислата на нашето постоење – да Го покажеме Христа во нашето лице, во нашите дела, во нашиот мир и љубов. Се надевам дека барем до некаде успеавме во тоа. Јас, лично, не се чувствувам дека успеав. Но знам дека моите браќа успеаја, затоа што нивната љубов, нивното послушание и нивната вера го смилостивија Господ да го благослови сето ова што денес го гледаме. Сите тие верници што со години доаѓаат овде, што го љубат ова свето место, се сведоци дека Господ го дарува овој манастир со Својата милост не заради нас, туку заради нивната вера и чистота на срцето. Но токму затоа, гледајќи ја таа љубов, чувствувам колку е голема одговорноста што ја имаме – да го сочуваме духовниот авторитет што досега е постигнат, да го зачуваме духот на пожртвуваноста и на љубовта, кој е печат на ова братство.
Овие зборови пред сè ги упатувам кон моите браќа монаси: да стојат право, да стојат цврсто во Христа, во верата, во љубовта и во послушанието. Да не се поколеба срцето ни во тешкотија, ниту умот во искушение, за да можеме достојно да го изодиме патот на кој сите се ветивме. Оти, како што вели Господ: Кој ќе истрае до крај, тој ќе се спаси[3].
Ви благодарам уште еднаш на вашето присуство, на вашите молитви и љубов. Да ни даде Бог сите да останеме верни сведоци на Христа, Кого Го љубиме и Кому Му служиме, за навек. Амин.
На крајот од промоцијата, младите ангелогласни певци од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево го исполнија целиот простор со благоухание од монашки песни, внесувајќи умиление и духовна радост во срцата на сите присутни.
И така, овој ден се запечати како светол и благословен празник на словото и на Духот. Не беше тоа обична книжевна промоција, туку созвучие на благодарност и љубов, сведоштво дека таму каде што словото се соединува со молитвата, таму Христос се јавува жив, во делата, во срцата и во молитвена тишина на секој кој Го љуби.
Бигорската свештена обител уште еднаш се покажа како средоточие на благодат и светлина, на духовност и култура, сведок на Божјото присуство во нашето време.
[1] Иса. 55:8.
[2] 1 Кор. 15:8.
[3] Матеј 24:13.































