Промоција на две книжевни дела во Бигорски

Во благословената атмосфера на нашата древна Обител, по минатонеделната Света Литургија, во големата манастирска трпезарија, беше одржан еден прекрасен книжевен настан – промоција на две дела од македонската авторка Билјана Андоновска: збирката духовна поезија „Твојот Крст“ и романот „Божјиот лекар Свети Нектариј Егински“. На овој настан, кој привлече бројни љубители на книгата и на манастирската духовност, промоторка беше истакнатата новинарка Силвана Жежова, која со топлина, проникливост и особена литературна чувствителност го претстави творештвото на авторката.

Во своето излагање, Жежова го истакна единството на убавината и љубовта како централна нишка што ги поврзува двете книги, наведувајќи го и Достоевски: „Убавината ќе го спаси светот“. Таа нагласи дека поезијата од „Твојот Крст“ не само што ги изразува длабоките човечки чувства, туку и отвора прозорец кон небото, претворајќи ги стиховите во молитви и утешни зборови за сите кои страдаат, се губат, љубат или се надеваат. Поезијата на Андоновска, како што рече Жежова, наликува „на молитви, низ кои како бисери на ѓердан се редат утехи за неутешните, натажените, заблудените, болните, оставените, сираците, а за кои постои единствен лек, Бог.“

„Во маката ќе бараш клуч за спасение, во секое искушение Божјо откровение“.

Особено впечатливо беше претставувањето на романот „Божјиот лекар Свети Нектариј Егински“, кој претставува богата наративна и духовна фреска за животот, страдањата и чудата на овој голем светител. Во делото се опфатени не само биографски моменти од животот на Свети Нектариј, туку и негови лични писма, катихези и беседи, преку кои читателот се доближува до неговата светост и духовна длабочина. Вториот дел на романот вклучува сведоштва на луѓе од нашите простори кои го почувствувале допирот на неговото небесно застапништво – наративи кои ги преобразуваат страниците во славословие и благодарење.

„Преку внимателно избраните настани од животот на светителот, провејува интенцијата читателите да се уверат во чудата на верата. Од една-страна неправдите и болките, од друга-страна вербата во Бога и светлината на примерот дека, кога се нема никаков сомнеж, тогаш Бог одговора.“ – ќе нагласи Жежова. 

Авторката Билјана Андоновска, меѓу другото, раскажа за неколку клучни моменти при пишувањето на романот за свети Нектариј Егински.

„Кога го добив благословот да пишувам за свети Нектариј му се молев да ми помогне да ги пренесам страдањата и отфрленоста со која се соочувал постојано. Страдајќи пишував, плачејќи се радував цели две години. Го доживував тоа на еден чудесен начин.

Но, секогаш беше тука свети Нектариј и самиот си наоѓаше луѓе со срца кои можат да ја примат неговата љубов и да помогнат ова дело да биде достапно за читателите“, истакна Андоновска.

На промоцијата се обрати и нашиот почитуван старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој произнесе топли зборови на благодарност и љубов, пофалувајќи ја авторката за нејзиниот дар да го пренесе светото во книжевното, вдахновеното во разбирливото, и болката во утеха:

„Почитувана авторка Билјана,

возљубени браќа и сестри,

Дозволете ми најнапред да ве поздравам со срдечно добредојде, со радост што сме собрани во духот на љубовта и почитта кон еден голем светител на нашата Црква – светиот Нектариј Егински.

Пoвoдoт што нè обединува денеска е навистина прекрасен: книга посветена на животот на овој Божји угодник од XX век. За него, за овој тивок, смирен и трпелив епископ на Црквата Христова, се напишани многу книги. И многу од нив, благодарение на Божјата промисла, се веќе преведени и на нашиот роден македонски јазик. Но, посебна радост носи ова дело пред нас, бидејќи станува збор можеби за првата книга напишана изворно на македонски јазик, од наша драга писателка – сестра Билјана, којашто не е само писател по дар, туку и ревносен почитувач на светителот, така што со своето семејство повеќе од десетина пати се поклонила на неговите чесни мошти. Нема зборови што може да го доловат она што човек го чувствува кога ќе застане пред чудотворните мошти на Свети Нектариј – спокој, солзи, љубов, и неизречива близина со Бога.

Токму затоа оваа книга има вредност не само книжевна, туку и духовна. Таа извира од искуството, од личната љубов, од верата. И тоа ја прави значајна – бидејќи зборува со топлината на срцето, а не само со логиката на перото. Оти, свети Нектариј, како што го нарекуваат новиот свети Николај, е навистина едно светило што надалеку сјае во нашето совремие. Знаете што значи да споредат некого со свети Николај Чудотворец? Тоа е еден епитет кој не се дава лесно. Свети Николај е светител кого го слави целата вселена – Исток и Запад, Север и Југ. Го почитуваат и православни и римокатолици и друговерци. Светител кој прави безброј чуда, кој моќно спасува, кој неуморно посредува. Е сега, замислете, тој епитет, таа споредба – нов свети Николај – ја добил и свети Нектариј. И бездруго заслужено, затоа што и свети Нектариј го живеел својот монашки и епископски призив како вистински подвижник на љубовта. Претрпел неправедни понижувања, озборувања, клевети, тешкотии, но никогаш не роптал. Како кротко јагне безгласно пред стрижачите свои, така и тој, смирен, молитвен, тивок, трпеливо го носел својот животен крст. И токму затоа Господ го возвеличи многу. Преку неговите молитви, безброј луѓе добиле исцеление, утеха, надеж, радост.

Неговиот свет живот надалеку го прославил, а потоа, и по смртта добил голема слобода во Царството небесно. Црквата одамна ја прифатила неговата светост и во 1961 година бил и официјално впишан во Диптихот на светиите од Вселенскиот патријарх Атинагора. Значи, не велиме дека бил канонизиран, затоа што овој термин не ѝ е својствен на православната традиција, туку велиме дека беше препознаен од Светиот Дух во животот на Црквата како свет. И како таков, бил впишан во Диптихот на светителите. Затоа, кога источната православна Црква впишува некого во Диптихот, велиме дека само го вбројува, го сместува дадениот светија во црковниот календар (на грчки тоа се нарекува ἁγιοκατάταξις, подредување во списокот на светиите).

Свети Нектариј творел чудеса и за време на животот, но уште повеќе – по своето упокојување, И народот тоа го препознава. Оди, се поклонува, со солзи и молитва го бара неговото застапништво, во неговиот манастир, на неговиот гроб. Истото се случува и кај други светии од нашево време, како, на пример, кај преподобниот старец Паисиј Светогорец. Замислете, само годинава, на  неговиот празник, на неговиот гроб се собраа повеќе од 30.000 поклоници! Кој би чекал толку голем ред кај еден гроб, ако тој гроб не зборуваше, ако не сведочеше? Ако таму не се излеваше живоносната сила на воскреснатиот Христос, ако таму немаше благодат, мир, топлина, радост? Луѓето не би оделе, кога таму не биле неговите молитви, неговите застапништва, неговите чудеса; не би одел никој ако неговата душа, осветена, не пребиваше во светлината на Царството Небесно, од каде што посредува за секого што ќе се допре до него со вера.

Иако телото, односно моштите се меѓу нас, тие се веќе исполнети со светлина одозгора, бидејќи личноста на светителот е жива во Бога. Еден ден, при второто Христово доаѓање, и телото ќе воскресне во слава и ќе се соедини со душата во вечноста. Но, дури уште сега, додека се поклонуваме пред моштите, ја чувствуваме светоста што излегува од нив, бидејќи светијата се осветил уште во овој живот – со подвиг, со љубов, со молитва.

Светоста, возљубени, не е нешто што се создава со акт или одлука. Не е нешто што може Синодот на епископи да го „произведе“. Синодот, по Божја волја, произведува епископи, овие свештеници и ѓакони итн. Се излева благодатта, бидејќи Црквата тоа го благословува. И каков и да е човекот, ако со вера го прими чинот, благодатта ќе го крепи. А неговата лична борба ќе покаже дали ќе остане достоен на тој дар. Но кај светителите не е така. Светителот е посведочен од Бога. Тој првин е прославен во небесната Црква, па потоа, преку чудата, преку нетленоста, преку молитвената сила, и Црквата на земјата го препознава и го прима како свој. Луѓето не ги прават светителите, туку само ги признаваат и ги сведочат оние коишто Господ ги прославил. И тогаш Црквата со должна почит ги впишува нивните имиња меѓу светиите.

Така се случило и со свети Нектариј Егински – голем Божји угодник, кој за време на животот претрпел многу страданија, но останал верен и полн со љубов. И по неговата блажена кончина, Господ уште повеќе го прослави. Направил многу додека бил телесно жив, но сега твори уште поголеми чуда, од Царството небесно. И така, преку него, народот Божји Го слави Христа.

Овие денови зборував со браќата за старец Паисиј. Колку направи тој скромен светогорец во својот живот! Повеќе отколку множества епископи, свештеници, клирици. Колку души утеши, колку солзи избриша! А уште повеќе сега – откако замина при Господа. Некогаш, додека беше жив, можеби до стотина души дневно ќе го посетеа. А денес? Илјадници и илјадници доаѓаат на неговиот гроб, барајќи молитва, милост, благослов.

Исто е и со овој голем светител, свети Нектариј. Тие се живи сведоци дека Воскресението не е приказна, туку реалност. Дека Христос е жив. Дека Неговите пријатели, светителите, живеат во Него и преку нив Он го посетува Својот народ.

Во книгата на Билјана, покрај житието на светителот, поместени се и сведоштва за чудата што свети Нектариј ги извршил врз поклоници токму од Македонија. Тоа се трогателни и живи сведоштва, едно по едно, како мали икони на верата, кои ни раскажуваат за поклоничките групи што со љубов и надеж тргнале кон Егина и таму го доживеале благословот, заштитата и мистичната близина на светителот.

Му благодариме на Бога што ги дарувал на нашиот народ овие сведоштва. А на нашата драга Билјана, со љубов ѝ благодариме за трудот што го вложила да ги собере и сподели со нас. Таа стана едно смирено орудие преку кое и денес, преку пишаното слово, дејствува љубовта на светителот.

Нека се моли свети Нектариј за сите нас. Нека нè закрилува со своите молитви, и нека ни помогне да бидеме едно во Христа, едно во Светата Троица – според желбата на нашиот Господ, Кој нè повикува сите на заедничарење во љубовта. Амин.“

Промоцијата беше збогатена и со читање на песни од збирката поезија „Твојот крст“, од чиишто стихови, присутните гости посебно беа трогнати.

Настанот беше заокружен со аплауз на духовно благодарење и со молитвена срдечност во која присутните ја понесоа тишината на светителите и мирисот на зборовите што утешуваат. Во манастирот на Свети Јован Крстител, секоја промоција станува повеќе од книжевен настан – станува сведоштво на верата, надежта и љубовта кои продолжуваат да го градат храмот на живиот Бог во срцата на луѓето.