Познатиот и прекрасен храм на Светиот угодник Божји Николај Чудотворец во славниот град Штип, издигнат во времето на Преродбата, денес беше сведок на уште еден значен настан од црковниот живот на нашата најсвета Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Имено, со торжествена архиерејска Литургија беше одбележан десетгодишниот јубилеј од архипастирствувањето на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички, г. Иларион. Со Светата Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа архиереи од Светиот Синод на МПЦ-ОА митрополитите: г. Петар, г. Тимотеј, г. Наум, г. Агатангел, г. Јосиф, г. Јосиф, епископот г. Климент; потоа Вископреподобните Архимандрити г. Партениј и г. Дамаскин, како и свештенството и ѓаконството од богочуванта Брегалничка Епархија. Пред бројното мноштво верници со пригодно слово се обрати Неговото Блаженство, г. Стефан, истакнувајќи ги заслугите и постигнувањата на Брегалничкиот Митрополит.
Многупочитуваниот Митрополит г. Иларион, кој веќе десет години достоинствено и со ревност го носи тешкиот архиерејски и пастирски крст, е поранешен собрат на Свештената Бигорска Обител. Затоа, денес, по повод десетгодишниот јубилеј, неговиот некогашен соподвижник во монашката борба, нашиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, од името на целото бигорско братство му подари една скромна архиерејска панагија.
На многаја лета, Високопреосвештен свети Владико!