Царски ми ја потпиша слободата, со црвената боја од прстите Твои окрвавени, Владико, поцрвенети од Твојата крв. И сега верно ти се молиме, со првородните Твои причисли го и со Твоите праведници за радост удостој го, овој што се пресели кон Тебе, Благоутробен.
Стихира од Последование за погребение на монаси
За праведникот, оној кој цел живот се трудел да постигне заедница со Христа, смртта, како што вели Ап. Павле, е придобивка. Бидејќи тогаш најпосле му се дава да Го види лице во лице Младоженецот на својата душа, и да го исполни копнежот што горел во неговото срце. Токму затоа блажен е крајот на праведниците, и благодатно е чувството што ги обзема живите кога ќе се најдат покрај нивните упокоени тела. Тоа го почувствуваа сите што денес пристигнаа во манастирот Св. Богородица – Пречиста, Кичевска за да ја испратат душата на својата возљубена монахиња и игуменија на овој манастир, во нејзиното патување кон вечноста. Со ваков блажен крај ја удостои Господ оваа доблесна и верна до крај монашка душа, оти целиот свој живот таа посветено Му служеше, достојно за расото што го носеше, дури и во време кога тешко беше да се исповеда, а камоли сочува верата. Но, ете токму во тоа неблагопријатно време Богородица по својата длабока промисла ја избра нејзината душа и ја повика на служба во својот свет Манастир што од самиот почеток никогаш не го оставила без својата грижа, постојано оставајќи си свои верни следбеници да ја чуваат светињата. Таа не се поколеба, туку од нејзините раце игуменскиот крст смирено го прими, го исполни послушанието и од Богородичниот благослов не се лиши. И сега Пречистанското светилиште, покрај моќното застапништво на Богомајката, и молитвеното посредување на сите маченици, преподобни кои тука се подвизувале, стекна уште една молитвеничка пред Бога за духовното преуспевање и небесен благослов на оваа света Обител.
Спомнувајќи си за животот и подвигот на мати Агнија, нашиот возљубен Архиереј, Митрополит Тимотеј, ја истакна нејзината пожртвувана трудољубивост во грижата за манастирот и особено нејзината добродетел на сеопфатна љубов кон сите, без разлика на нивната вера и националност:
„Драги браќа и сестри,
Денеска сме собрани во овој свет манастир, да ѝ одадеме последна почит на нашата драга и сакана игуменија – мајка Агнија, која последниве 30 години од нејзиниот живот, го помина во силно и храбро залагање за возобновување и разубавување на оваа света обител. Можеби на некои од вас им е познат, но верувам дека најголем дел од вас, не го знаете нејзиниот животен пат.
Мајка Агнија е родена на 22 март 1935 година, во село Клење, општина Богатиќ, Шабац, Република Србија. Како младо девојче, поточно на 18 години, определувајќи се за монашки живот, заминува за искушеничка во манастирот Жича, каде во тоа време, игуменија е нејзината тетка- Елена. После некое време, преминува во шумадиската епархија, односно во манастирот Драча, кој се наоѓа близу Крагуевац. Оттука преминува во манастирот Калениќ кој се наоѓа во истата епархија, каде прима и монашки потстриг. Долги години потоа, ќе биде во епископската резиденција во Крагуевац, најнапред кај епископот Валеријан, а некое време и кај епископот Сава Вуковиќ.
Во 1986 година, поточно пред 30 години, мајка Агнија доаѓа во оваа света Обител, Манастирот Света Богородица – Пречиста, каде што ќе го започне својот подвижнички- монашки живот, заедно со тогашната игуменија Салафаила, по род Русинка, која била дојдена од прочуеното сестринство од манастирот Лесна, од каде што се и познатите монахињи, игуменијата Марија и Диадора.
Мајка Агнија, ќе го затекне овој свет манастир во една незавидна состојба, дотраени и руинирани објекти, со мал исклучок на еден дел од епископскиот (владичкиот) конак, кој беше обновен, а сето друго беше или веќе разрушено или беше на работ на распаѓање. Со нејзино натчовечко залагање и ангажирање, но се разбира и со помош на благочестивиот народ од Кичево, манастирот света Богородица Пречиста повторно прерасна во еден вистински бисер, кој блеска со својата убавина, со возобновените конаци кои го опкружуваат манастирскиот комплекс, а уште повеќе со светоста и привлечноста која привлекува многу боготражители, кои наоѓаат утеха, поткрепа и цврстина во нашата света православна вера и надеж во Господа Исуса Христа. Имајќи во вид дека ова е тажен момент, кога сите ние, се простуваме од мајка Агнија во овој привремен живот, би биле несправедливи, ако ги одминевме и не ги споменевме овие нешта, бидејќи токму таа, е една од најзаслужните што придонесе сето тоа да се реализира, а секако за доброто на нашата света Вера, Црква и Народ. Би сакал како Архиереј на МПЦ-ОА, да истакнам уште една голема добродетел на мајка Агнија. Сите добро знаете дека, таа беше по телесно раѓање Србинка, меѓутоа, во овие 30 изминати години, таа никогаш не правеше разлика помеѓу луѓето дали е некој Србин, Македонец, Албанец, Турчин или Ром. Сите подеднакво ги примаше, уважуваше и поучуваше, а на моменти знаеше, особено православните, да ги укори со повисок тон. Имавме многу сличности со мајка Агнија, како Архиереј и старешина на Пречистанската Обител.
Смртта е нешто неминовно. Неминовност стана поради престапот на нашиот прародител Адам, бидејќи се вели: „Плата за гревот е смртта.“ Кога ќе се исполни времето, таа ги посетува и силните и слабите, и богатите и сиромасите, и добрите и лошите, и старите и младите. Монашкиот живот пак, е определба да се служи на Бога, а за спас на својата боголика душа. Во богатата христијанска литература, честопати животниот пат се споредува со горење на свеќа. Имено, додека свеќата гори, со милоста Божја, ние се подготвуваме за премин во другиот, блажениот и вечниот живот. Откако свеќата ќе догори, што значи дека нашиот живот згаснува, ние повеќе немаме можност, со нашите постапки, живот и подвизи, исповеданија и покајанија да обезбедиме поинаков статус, во задгробниот односно вечниот и непреодниот живот. Покојната мајка Агнија, го живееше својот монашки живот, повеќе од 60 години, горејќи во буквална смисла како восочна свеќа со подвизи, со молитва и со правење добри дела на секоја христијанска, па и нехристијанска душа која ќе и се обратеше со искрена молитва и прозба, за помош, утеха, совет и било која друга човечка потреба. Таа догоре, го изоди својот пат, сообразно или подобно на она што и свети апостол Павле го вели: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија“ (2Тим. 4; 7-8).
На крај, да искажеме искрена благодарност, за сѐ што направи за оваа света обител, за свештенството и монаштвото, и за нашиот благочестив православен народ, во сите овие изминати 30 години. Се молиме на Господа Исуса Христа и на пресветата мајка Божја, да имаат милост кон нејзината душа, да ги почујат нашите молитви, и да ѝ подарат вечен и блажен живот, во Царството Божјо, на Оној на Кого, безрезервно Го љубеше и Му служеше целиот нејзин живот.
Нека ѝ е вечен споменот, и Бог да ја прости.
Опело на Игуманија Агнија (Јокић)
празник Свети бесребреници Козма и Дамјан, Манастир Света Пречиста – Кичево