Печалбарството и денес е судбина на Долнореканци

Од памтивек Долнореканците со торбиче на рамо, со мистрија и тесла, заминувале на гурбет во непознат крај, а со работа на градежни објекти се истакнале и станале препознатливи и барани како одлични мајстори за ѕидање, малтерисување, за поставување фасади. Овој тренд никогаш не престанал

По кањонот на реката Радика, на планините Кораб, Дешат и Крчин, од десната страна се нанижани селата Жировница, Видуше, Ростуша, Велебрдо, Требише, Битуше, Присојница, Аџиевци, Скудриње. Од левата страна на реката, пак, на планината Бистра, се наоѓа селото Болетин, од кое во 1961 година сите жители беа иселени во Турција. Пред неколку години Џевдет Ќомерп, како повратник од Турција, на татковото огниште изгради куќа и во неа живее 5-6 месеци во годината. Најава за поврат има и од други потомци на некогашните жители на Болетин. На планината Бистра е сместено и селото Јанче, а на Стогово се наоѓа селото Могорче. Овој регион е познат како Долна Река.

 

СЕКОГАШ ЉУБЕЗНИ КОН ЈАБАНЏИИ

Нашата прва станица во сончевиот ноемвриски ден беше првото село на Долна Река, Жировница, сместено во пазувите на планината Кораб, во средиштето на општината Маврово Ростуша. Ги затекнавме жителите сретсело, собрани на утрински муабети на ноемвриското сонце. Со отворена душа и со насмевка нѐ пречекаа, ни посакаа добар престој. Во училиштето нѐ пречека директорот Реџеп Реџепоски.

– Нашиот народ низ вековите живеел со маки, сами се снаоѓале талкајќи низ непознати краеви и со работа успевале на семејството да му обезбедат опстанок. Со маки сѐ уште се соочуваат. Таква ни била и таква останала судбината. Од раѓањето па до смртта гурбетуваме низ целиот свет. Токму затоа сме питоми и секогаш сакаме на јабанџијата да му помогнеме, колку што можеме, бидејќи знаеме што е мака и што значи некој да ти помогне кога ти е најтешко – ни објасни тој зошто Долнореканци се секогаш љубезни и гостопримливи.

Жировница е планинско село, со средна надморска височина од 912 метри. Со години е најврнежливото место во Македонија, со рекорд од 1.560 литри на квадратен метар годишно, што е седум пати повеќе, на пример, од водниот талог што паѓа во Овче Поле. Тоа е стара населба, првпат во пишаните документи е забележана во турските дефтери од 1446-1447 година, а се претпоставува дека датира од многу поодамна.
Нашиот соговорник Реџеповски, дипломиран географ и историчар, во малиот прст ги има сите информации за селото.

– Пред неколку години Жировница беше најголемо село во општината Маврово Ростуша, со повеќе од 3.000 жители, но приматот му го презеде Скудриње. Го задржавме првото место по бројот на домаќинства и куќи – вели Реџеповски.

 

ЅИДАРИ-ПЕЧАЛБАРИ

Од памтивек Долнореканците со торбиче на рамо, со мистрија и тесла, заминувале на гурбет во непознат крај, а со работа на градежни објекти се истакнале и станале препознатливи и барани како одлични мајстори за ѕидање, малтерисување, за поставување фасади.

Овој тренд никогаш не престанал. И во овој век продолжува печалбарството во нови услови што ги нуди новото време. Во 2002 и 2003 година речиси половина Жировница се пресели во Италија, а и другите долнорекански села се преполовени.

Жителите велат дека се принудени да одат на печалба.
– Никој не заминува од ќеф, секој од нас би сакал да има работа во своето родно место. Но работа нема, одиме да печалиме, таму нема да останеме, ќе се вратиме во крајот. Туѓина си е туѓина. Заминуваме по патеките на нашите татковци и кога ќе се создадат услови, ќе се вратиме назад. Да има работа во Долна Река никој од младите нема да помислува за печалба, бидејќи на сите ни е познато дека печалбарскиот леб е тежок – ни вели 25-годишниот Џевад, дипломиран професор, кој работи како мајстор на занаетот што го научил од својот родител.

Каде и да одат, Долнореканци пак дома се враќаат, родното место не го забораваат. Налето и зиме одморот го минуваат со најблиските, кога ќе се пензионираат, се враќаат дома и живеат тука до крајот на животот. Во сите села од овој регион не престанува изградбата на нови куќи, со по неколку ката.

На источната страна на Жировница, на левиот брег на Жировничка Река, најголемата притока на Радика, се наоѓа археолошки локалитет Манастир. На неколку тераси се гледаат грамади на градежен материјал, кршен камен, покривни ќерамиди и др. Во близината постои уште еден археолошки локалитет, наречен Поповци, кој претставува средновековна црква и некропола. Откриени се гробови градени од камени плочи, поставени во правец исток-запад.

 

НИЗ КАЊОНОТ НА РАДИКА

Излегуваме од Жировница и продолжуваме кон нашата следна дестинација, селата Битуше и Ростуша. Патувањето по кањонот на Радика е импресивно – на момент се чини како планините Бистра и Кораб да создаваат покрив над бистрите води на реката. Го одминуваме селото Ростуша и се искачуваме по серпентините кон Битуше. Пред извесно време завршија работите за реконструкција на локалниот пат Велебрдо – Битуше, кој пред петнаесетина години на неколку места беше однесен од свлечиште, а потоа со санација само привремено оспособен. Водата од дождовите и топењето на снегот ја поткопуваа земјата, па со години беше вистинска мајсторија да се поминат стотината метри, особено зиме.

Во Битуше е мирно, нема никој низ улиците. Но чадат оџаците на десетина куќи. Го сретнавме градежниот техничар Генчо Милошевски, кој ни рече дека во селото постојано живеат четириесетмина жители, претежно пензионери и повозрасни лица, кои напладне се дома, домаќинките го приготвуваат ручекот. Тој подготвува локација на која наскоро ќе гради викенд-куќа за соселанец.

– Битуше е единствено меѓу 23-те села од десната страна на Радика, разместени по разграноците на Кораб и Дешат, во кое не е извршена исламизација на населението. Со векови егзистира како христијанско православно село. Зошто османлиите не извршиле потурчување и во ова село не е познато. И покрај ова, Битуше и битушани со векови живеат во братска слога со неисламизираните, како и со исламизираните жители во овој крај – пишува новинарот и публицист Гале Фидановски во книгата „Битуше, празници, традиции, верувања“.

– Карактеристично за Битуше е тоа што од своето постоење до денес има 120 куќи. Бројот на жителите бил постојан во 18-19 век и во првата половина на минатиот век, се движел меѓу 560 и 580 лица. Но во шеесеттите години на 20 век и Битуше го зафаќа бранот на миграција, како и сите мијачки села, па бројот на жители се намалува на 70-80 лица. Тој број денес е преполовен, а налето се зголемува за два-трипати.
Во центарот на Ростуша напладне е живо и раздвижено, благодарение на учениците на средното општинско училиште и на деветолетката.

– И во Ростуша бранот на иселување на жителите продолжува. Од околу 1.100 жители, останаа околу 580, поголемиот број од нив се пензионери и повозрасни жители – ни вели професорот Тасим Сулејмани, поранешен републички пратеник.

Во 1969 година со работа почна средното училиште, гимназија. Во прва година се запишале 200 ученици, а денес се образоваат во сите четири години вкупно 150 ученици, што зборува за иселувањето. Единствен проблем, според Сулејмани, е тоа што не се градат индустриски објекти. На почетокот на осамостојувањето на нашата држава беа затворени погоните на текстилната фабрика „Братство“, во која работеа околу 300 работници од Ростуша, Велердо, Битуше и Требише. Башким Емини, претседател на месната заедница на Скудриње, вели дека од 3.200 жители, над 2.000 се на печалба, а во селото се останати околу 1.200.

– Разочарани сме од сите досегашни влади – вели Емини.
Меѓутоа радува фактот што повеќе скудринчани градат погони од метална индустрија за производство на метални профили, на повеќе видови шајки, текстилната индустрија е присутна со производство на долна облека. Во неколкуте производствени погони се вработени над 300 скудринчани. Доколку домашните инвеститори ги имаат привилегиите на странските инвеститори, ќе се зголеми заинтересираноста и во Долна Река, ќе никнат нови погони и можност да се обезбедат работни места.

Ростуше

Факти
  • На левиот брег на Жировничка Река се наоѓа археолошкиот локалитет Манастир, а во близината и локалитетот Поповци
  • Водите од Дуфскиот Водопад порано се користеле за добивање електрична енергија во најстарата хидроелектрична централа во Македонија
  • Езерото Локув, на 1.565 м надморска височина, е најниското ледничко езеро во Македонија

Реџеп Реџепоски
Реџеп Реџепоски

Нашиот народ низ вековите живеел со маки, сами се снаоѓале талкајќи низ непознати краеви и со работа успевале на семејството да му обезбедат опстанок. Со маки сѐ уште се соочуваат


Eсенски пејзаж на подножјето на крчин

Дуфскиот водопад
ДУФСКИОТ ВОДОПАД

Природните убавини во областа на Долна Река привлекуваат посетители. Водопадот Дуф се наоѓа на северната страна на селото Ростуша, на оддалеченост од околу еден километар. Патеката е обележана и безбедна, а доживувањата се неповторливи, без разлика во кој период од годината ќе го посетите. Престојот во овој бисер на природата е посебно доживување. Пенливите води се најбујни во пролетните месеци, кога се топи снегот од планината Дешат. По должината на патеката на пристојна далечина се поставени клупи и масички за одмор.

Дуфскиот водопад е висок околу 28 метри, водата создава долга бела завеса. При паѓањето на водата низ стрмната карпа се разнесува наоколу на растојание од педесетина метри.

Пред повеќе од половина век, водите од водопадот се користеле за добивање електрична енергија во најстарата хидроелектрична централа во Македонија. За тоа сведочат напуштените канали.

Вниманието на планинарите и на љубителите на природата го привлекуваат и петте леднички езера на планината Дешат, над селата Требише и Битуше. Ледничкото езеро Локув, на 1.565 м надморска височина, е најниското ледничко езеро во Македонија.


 

Бигорски манастир
БИГОРСКИОТ МАНАСТИР – СТОЖЕР НА ДУХОВНОСТА

Во текот на изминатите 21 година од почетокот на обновувањето и заживувањето на монаштвото во македонското духовно светилиште, бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ даде голем придонес во обновувањето на вековната црковна традиција, на богослужбите, литургиите, на обичаите и одбележувањата на значајните православни празници, кои беа прекинати со затворањето на манастирот во годините по Втората светска војна, во средината на минатиот век.

Паралелно со духовната обнова, бигорското монашко братство, предводено од игуменот на манастирот, архимандрит Партениј, во автентичен стил повторно го изгради конакот Долен палат, кој изгоре во пожар од 1912 година; од темел го подигна новиот Источен палат, кој ги поврзува Долен и Горен палат, а минатата година беше осветен и обновениот Горен палат, кој настрада во пожарот во 2009 година. Со реализација на овие градежни активности, Бигорскиот манастир доби целосен изглед на светогорски манастир, но сепак во духот на локалната, македонска мијачка градителска традиција.

Братството, исто така, ја возобнови и црквата „Св. Богородица“ во селото Ростуша, а некогашната караула на македонско-албанската граница во моментот се пренаменува во манастирски конак, кој од идната година ќе се користи како центар за веронаука. Дополнително, во негова непосредна близина се гради голем, прекрасен храм, посветен на солунските браќа свети Кирил и Методиј. Целокупниот комплекс ќе го сочинува бигорскиот скит во Битуше, посветен на просветителите.

Во еден неодамнешен разговор, отец Партениј нè запозна дека во тек е реализацијата на многу значајни активности: уредување на галеријата за икони, живописување на балдахинот на влезот во манастирот, живописување на храмот на „Св. Богородица“ во с. Ростуша, изградба на нов конак во метохот во Рајчица и друго. Наредната година се планира да се активираат манастирските рибници, покрај реката Радика.

Пред два месеца свечено беше отворен и етноресторанот „Куќа на Мијаците“, кој дава голем придонес во развојот на верскиот, односно манастирскиот туризам. Иако има минато краток период од работењето, веќе го оправда своето постоење.

Отец Партениј нагласува дека во пресрет на илјадагодишнината од основањето на манастирот, која ќе биде за три години, треба да се остварат повеќе проекти. А особено што побрзо треба да се реализира проектот за изградба на манастирски гостински конак, на паркингот пред манастирот. Потребата за нов конак се наметнува од преголемиот интерес за посета на бигорското светилиште, како и од големата духовна жед по бога кај нашиот народ. Идејниот проект е веќе изработен, а се чекаат само финансиски средства. Игуменот смета на помош на државата и на донации на фирми. Постојните сместувачки капацитети ни оддалеку не можат да одговорат на потребите на домашните верници и на туристите, особено на странските гости што покажуваат особен интерес за престој во овој регион.


Пристапност
  • Регионот Долна Река е сместен по кањонот на реката Радика, меѓу планините Кораб, Дешат и Крчин
  • Локалниот пат Велебрдо – Битуше е неодамна реконструиран
  • Водопадот Дуф се наоѓа на северната страна на Ростуша, на оддалеченост од околу 1 км

Автор: Киро Кипроски