По претходна покана од еминентните организатори – фондацијата Конрад Аденауер (KAS) и Центарот Вилфрид Мартенс за европски студии, Бигорскиот Манастир учествуваше на меѓународната конференција Религиска дипломатија помеѓу Истокот и Западот: улогата на религијата во современите европски процеси, што се одржа од 9 до 12 јули на островот Сирос, Грција. Претставник на манастирот беше нашиот собрат, архимандритот Кирил, кој со благослов на старецот, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, отпатува во Грција за да го претстави неговиот глас на овој значаен меѓухристијански собир.
Конференцијата се одвиваше во светлината на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја – настан со огромно значење за севкупната христијанска историја и еклисиолошка свест, особено во контекст на модерните предизвици за христијанството во Европа.
Архимандритот Кирил имаше свое излагање во рамките на третата тематска сесија, насловена Ставот на Црквите кон современите социјални прашања, каде што говореше на тема со наслов: Еден православен одговор на дигиталното доба и современите социо-културни прашања, со посебен акцент на предизвиците кои ги носи брзиот развој на т.н. вештачка интелигенција (AI), односно дигиталните системи базирани на податоци, големите јазични модели (LLM), биоинженерингот, трансхуманизмот и новите форми на виртуелно постоење. Пред учесниците на дискусијата тој го постави прашањето: „Како човекот може да остане личност во светот на алгоритмите и аватарите?“ и пренесувајќи ги размислите на својот старец, Епископот г. Партениј, истакна дека современите дигитални тенденции често тежнеат да го сведат човекот на „корисник“, „профил“ или „сет на податоци“, и на тој начин да ја разбијат неговата онтолошка целосност. Наспрема овие редукционистички модели, Црквата сведочи за човекот како икона Божја, создадена за заедница, за богопричастие и преобразување – не како проект на технологијата, туку како творба повикана кон обожение. Во продолжение, тој стави посебен акцент на православната антропологија, заснована врз воплотувањето Христово, според која човечкото телото не е носител на информации, туку средиште на спасението. Оваа тајна е загрозена во епоха која го одделува телото од искуството и литургиското живеење од личната присутност. „Без тело нема личност; без присутност нема Евхаристија; без Евхаристија – нема вистинска заедница“, подвлече тој. Исто така, тој ја истакна неопходноста од еден обновен аскетизам – не во смисла на бегство од светот, туку како преобразување на секојдневниот живот: пост не само од храна, туку и од врева, од екраните, од дигиталната хиперстимулација. „И во оваа нова епоха, Црквата има што да понуди – внатрешна тишина, молитва, лична присутност и автентичен однос.“
Говорејќи и за прашањата на миграцијата, сиромаштијата, политичката поларизација и секуларизацијата, архимандритот Кирил ја истакна потребата од враќање на светото и богодоличното во јавниот живот, преку литургиска култура, духовно образование и социјално милосрдие на Црквата. Технологијата, рече тој, не е ни добра ни лоша по природа, но мора да остане слуга на човекот, а не негов идол. Кон крајот од излагањето тој упати повик за духовно расудување, како нов облик на аскеза во дигиталното доба – способност да се разликува корисното од деструктивното, да се зачува личноста и присуството, и да се брани тајната на човечкото достоинство.
Меѓународниот карактер на конференцијата беше дополнително засилен со присуството на бројни еминентни претставници од православниот и католичкиот свет, академската заедница и европските институции и фондации. Меѓу нив беа: Неговото Високопреосвештенство г. Митрополитот Доротеј II, православен архиереј на Сирос, Тинос, Миконос и околните острови; Неговото Високопреосвештенство г. Севастијан Росолатос, поранешен надбискуп на Католичката надбискупија на Атина и актуелен апостолски администратор на епархиите на Сирос, Тира и Крит; абат д-р Никодемус Шнабел (O.S.B.), игумен на Опатијата „Успение“ на Гората Сион во Ерусалим и на манастирот Табха; Архимандрит Филаделф Кафалис, протосингел на Митрополијата на Белгија при Вселенската Патријаршија; проф. д-р Стефан Атанасиу, професор по систематска теологија на Универзитетот во Минхен и архиерејски намесник за Швајцарија при Вселенската Патријаршија; проф. д-р Рене Микалеф (SJ), теолог по етика на Папскиот Грегоријански Универзитет во Рим; проф. д-р Марко Шраге, професор на Папскиот Висок Институт за морална теологија „Алфонсијана“ во Ватикан; проф. д-р Јакоб Ом, претседател на фондацијата socioMovens и свештеник од Архиепископијата на Падерборн, Германија; г. Штефан фон Кемпис, уредник и раководител на германската редакција на Радио Ватикан; о. Паскал Клосе, свештеник од епархијата Трир и докторанд по Јудаистика и јудео-христијански односи на Грегоријанскиот Универзитет; д-р Владимир Стошиќ, истражувач на Универзитетот во Регенсбург и докторанд на Универзитетот во Хемниц; д-р Константин Мигдалис, советник на Интерпарламентарното собрание на Православието (ИПС); г. Горан Трпчевски, научен соработник во ИПС; д-р Ларс Хенсел, директор на Одделот за Европа и Северна Америка при фондацијата Конрад Аденауер; г. Маријан Вендт, директор на KAS за Грција и Кипар и поранешен пратеник во германскиот Бундестаг; д-р Нино Галети, директор на KAS за Италија, Малта и Ватикан; д-р Федерико Отавио Рехо, стратешки координатор и виш истражувачки службеник при Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ (Белгија); г. Елефтериј Петропулос, виш истражувач и проектен менаџер на KAS за Грција и Кипар; г. Панос Тасиопулос, раководител за меѓународна соработка и настани при Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“.
Со ова учество, Бигорскиот Манастир уште еднаш даде свој скромен придонес во меѓуевропските христијански симпозиуми, сведочејќи ја светлината на православното предание пред современите предизвици на европското општество и современата културна матрица.