Учество на манастирот Рајчица на реномирана Меѓународна конференција во Виена

Меѓународната конференција во Виена, насловена како „Заздравување на ранетите сеќавања: Одговорноста на црквите да лекуваат“, заврши викендов со повик за посилно вмрежување и поинтензивна локална, регионална и меѓународна соработка меѓу црквите и социо-политичките актери.

Конференцијата, која се одржа од 13 до 16 ноември, воедно го означи и крајот на истоимениот проект инициран од фондацијата PRO ORIENTE.

На конференцијата во Виена присуствуваа вкупно 70 учесници од 25 земји, вклучувајќи свештенослужители, монаштво, академици и меѓународни експерти од различни области на работа.

Поголемиот дел од учесниците дојдоа од Југоисточна Европа, Блискиот Исток и Источна Европа – трите фокусни региони на проектот, каде односите меѓу Католичката и Православната Црква играат посебна улога во социјалната кохезија.

Со благослов на својот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, на оваа значајна меѓународна конференција учествуваше и монахињата Ефимија од манастирот Рајчица, која во рамки на своите докторски студии даде академски придонес кон посочената тема. Таа го постави прашањето за сегашните граници, но и можности за дијалог и соработка меѓу верските заедници и политичките актери.

На Конференцијата учество зеде и ставрофорниот протопрезвитер Бобан Митевски, докторанд на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Бидејќи конференцијата се одржуваше во Виена, беа поканети и претставници на православните и католичките Цркви во Австрија, кои дадоа увид во меѓусебната соработка на локално ниво.

Конференцијата ја истакна поврзаноста и тензијата меѓу конкретните предизвици и фундаменталните теолошки прашања. Фокусот беше ставен на прашањата за траума и духовност и односот меѓу клирот и верниците, потребата од вмрежување и посилна локална, регионална и меѓународна соработка меѓу црквите и социо-политичките актери, како и потребата од усвојување на ненасилен и исполнет со почит јазик – како внатре во Црквата, така и во медиумите.

Дијалогот и личните сведоштва за искуствата од војна и угнетување јасно покажаа дека теолошката и црковната размена не можат да дадат плодни резултати доколку се одвоени од овие искуства на неправда, без разлика дали се актуелни или историски.

Како дел од Конференцијата, во соработка со Дипломатската академија на Виена, се одржа јавна панел дискусија фокусирана на прашањето: каков конструктивен придонес може да даде религијата за надминување и трансформирање на војните и социјалните конфликти.

Координаторката на проектот, Виола Рахеб, нагласи дека во рамки на целиот проект беше важно да се даде глас на „функционалните, успешни локални иницијативи од регионите, кои даваат конкретен придонес во надминувањето на предрасудите и насилството и за промоцијата на мир“.

Проф. Регина Елснер, портпаролка на работната група на комисијата, нагласи: „Оваа конференција, како и целиот проект, покажаа дека сите процеси на разбирање мора да ги земат предвид реалностите на луѓето на терен за да можат нивните резултати да бидат ефективни во таа реалност. Не е можно да се постигне заеднички договор без трансформирање на конкретните структури на неправда, за кои црквите често се делумно одговорни – или активно или преку молчење“.

Претседателот на PRO ORIENTE, г. Клеменс Која, им се заблагодари на учесниците за нивната активна вклученост, истакнувајќи: „Низ целиот проект, стануваше сè појасно дека само фокусирањето на ранетите сеќавања не е доволно, бидејќи нови рани сè уште се нанесуваат во регионите денес“.

Сестра Ефимија е магистер по Уставно право и докторанд кој во својата научна работа се занимава со широкиот спектар прашања поврзани со односите меѓу државата и верските заедници, верските слободи и правото, моделите на секуларност и современите предизвици на плуралистичките општества. Нејзиниот академски ангажман овозможува овие теми да се разгледуваат низ прецизна правна, теолошка и општествена перспектива, што претставува значаен придонес во рамките на ваквите меѓународни форуми.