Осмиот меѓународен хорски фестивал, што се одржа во градот Солун, Грција, на 18 и 19 ноември 2017 лето Господово, меѓу бројните учесници, за свои драги гости ги имаа и слаткогласните монашки хорови од свештените обители: Бигорски, Рајчица и Пречиста. Настапувајќи на вториот ден од фестивалот, монасите низ источно-византиски песни и химни им ја пренесоа на своите домакини топлата љубов на нашиот народ.
Древните црковни песни, кои беа отпеани од монасите и монахињите, ги погалија срцата на сите присутни, а самите тие, пак, со огромна радост и љубов беа пречекани од домаќините организатори на фестивалот. Монашките симфонични гласови топло прозвучија во велелепната Солунска концертна сала “Μέγαρο μουσικής”, која е најреномирана музичка инатитуција во Северна Грција.
Според зборовите на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, поканата за настап на нашите два хора на еден ваков реномиран фестивал, “покажува дека грчкото општество сè повеќе се отвора кон нашата МПЦ-ОА и препознава во неа жив и интензивен црковен, светотаински живот, со активно монаштво, редовна богослужбена пракса – од каде што, всушност, и произлегува искуството за изведбата на вакви богослужбени песнопенија”.
Хорот на Бигорската Обител, кој е предводен од хорархот отец Анатолиј Лазески, го започна својот настап со прекрасната и умилителна стихира кон Свети Јован Крстител земена од „Древниот стихирар“ (15 век), потоа следеше изведбата на „Сè што дише да Го фали Господа“ и композицијата во чест на Пресвета Богородица „Достојно е“. Сестрите, пак, од Рајчица и Пречиста, предводени од хорархот монахиња Касијана Митревска, најпрвин во чест на заштитникот на Солун, Свети Димитриј Мироточив, го отпеаја на грчки јазик неговиот тропар, а настапот го продолжија со делото на слаткогласниот творец на источно – византиски песни, Свети Јован Кукузел, наречено „Господи, Твоето име е во веки“ и катавасијата “Христос се раѓа – славете”, завршувајќи со композицијата „Пресвета Владичице“.
-Настапот на нашите монашки хорови во Грција, пред публика од високо општествено качество, има исклучително значење, бидејќи освен практичниот музички дел, тој претставува и еден вид силна црковна мисија за промоција на нашата Црква и нејзината широка евангелска дејност. Ваквите настани, се разбира, даваат и можност за понатамошно продлабочување на меѓусебните врски, но и за стекнување на нови, кои во иднина би биле од голема полза за нашето меѓусебно зближување како два православни народа”, додаде отец Партениј.