Во древниот соборен храм на Охридските архиепископи, храмот на Премудроста Божја во Охрид, денеска се случи уште еден свечен и молитвен настан. На Божествената Литургија, со којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, архимандритот Георгиј беше хиротонисан и устоличен за нов митрополит на нашата Дебарско-кичевска епархија.
Пред членовите на Светиот Архиерејски Синод и присутниот народ, новохиротонисаниот владика Георгиј возгласи ветување за послушност кон Црквата и верата, за несебично служење, за љубов кон Бога и ближните. Во духот на евангелската одговорност, тој се завети да го носи својот крст со ревност, труд и искреност, како што му доликува на еден вистински архиереј – да биде пастир, а не управител, да се принесе себе си како „жртва светаденица“, според зборовите на Архиепископот, за народот Божји.
Меѓу присутните во храмот беа и нашиот Старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј, заедно со дел од својата монашка заедница, коишто со искрена љубов Го молеа Бога да го укрепи новиот архиереј на патот на спасението и пастирското служење, правилно да раководи со словото на Вистината.
Во молитвено очекување на благословеното пастирствување на нашиот нов митрополит, ја вознесуваме нашата надеж кон Христа, дека и ова ново поглавје во историјата на нашата богочувана епархија ќе биде исполнето со благодат, светлина и вистинска пастирска љубов.
Нашето монашко братство, предводено од нашиот возљубен Старец, владиката г. Партениј, му упатува искрени честитки, благослови и благопожелби на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, посакувајќи му духовна мудрост, љубов, трпение и несебично служење на Црквата Христова. Божјата благодат нека го просветлува и крепи, а светите апостоли, чиишто молитви денес ги чувствуваме особено живо, нека му бидат пример и закрилници на патот што сега го започнува.
На многаја лета, Високопреосвештен Владико!
Фото: ММС (Македонски Медиа Сервис)