Денеска, на споменот на Успението на Светиот Рамноапостолен отец, просветител и учител наш Кирил Философ, Бигорската Обител имаше чест да биде посетена од амбасадорите на пет пријателски држави: амбасадорот на Република Албанија г. Денион Мејдани, амбасадорот на Република Италија г. Паоло Палминтери, амбасадорот на Република Унгарија г. Андраш Клеин, амбасадорот на Чешката Република г. Јарослав Лудва и амбасадорот на Кралството Шпанија г. Рафаел Соријано Ортиз.
Со благослов на нашиот Старец и Игумен, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, високоценетите гости беа пречекани од економот на манастирот, архимандритот Доситеј. Тој им приреди топло добредојде, запознавајќи ги со богатата историја, духовното значење и културното наследство на ова наше илјадалетно светилиште.
Во рамките на посетата се одржа разговор за актуелните предизвици и животот на манастирот, како и за неговата улога како духовен центар кој го негува духот на меѓукултурното сопостоење. Амбасадорите ја изразија својата восхитеност од убавината на Обителта, од нејзината повеќестрана мисија, како и од гостопримството на монашкото братство.
Оваа средба беше уште еден показател за континуираниот интерес и почитта што меѓународната дипломатска заедница ја има кон Бигорскиот Манастир како едно од најзначајните духовни и културни средишта во регионот.