Во периодот од 30 август до 4 септември 2025 година мијачкиот крај повторно стана духовно-научно средиште: се одржа шестата Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“, под покровителство на Бигорскиот Манастир „Св. Јован Крстител“, Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ, Општина Маврово и Ростуше и Здружението на граѓани „Брзовец“ – Тресонче. Школата започна со свечено отворање во црквата „Свв. Aпостоли Петар и Павле“ во Тресонче, каде присутните ги поздравија научниот раководител д-р Сашо Цветковски и проф. д-р Ненад Макуљевиќ. Во попладневните часови секојдневно вечерни следуваа сесии во Бигорскиот манастир, во текот на дневните часови – теренски посети на храмовите во регионот.
Во текот на програмата беа изнесени низа значајни прилози што го продлабочија разбирањето за зографската традиција и за духовно-културниот контекст на XIX век. Д-р Сашо Цветковски говореше за иконописните дела на зографите од Колакија во Македонија од средината и втората половина на XIX век; м-р Васил Георгиев и Борис Маркоски ги претставија графичките хартиени икони во црквите од Требиште, Битуше, Дебар и Крушево; д-р Давор Јанкуловски го осветли малореканскиот говор преку ракописите „Наказание“ (1824) на Ѓурчин Кокале и „Ерминија“ (1844) на Дичо Зограф; д-р Светозар Ангелов укажа на малку познати икони од „Успение на Богородица“ во Ќустендил; проф. д-р Ненад Макуљевиќ ги разработи теориските основи на зографското сликарство во XIX век; д-р Светлана Смолчиќ Макуљевиќ се задржа на култот кон Богородица и сликарството на манастирот Трескавец; м-р Марија Лакиќ го претстави опусот на Алексије Лазовиќ; м-р Катерина Росикопулос ја обработи црквата „Вознесение Христово“ од Тополчани; а Катерина Велковска ги претстави иконите на Дичо Зограф од Галеријата на икони во Охрид. Меѓу учесниците настапија и д-р Катарина Рашиќ и м-р Христијан Цветковски, со согледувања што го поврзаа локалното наследство со поширокиот балкански контекст.
Теренската настава опфати молитвени и стручни посети во Гари („Успение на Богородица“), Лазарополе („Св. Ѓорѓи“), Дебар („Успение на Богородица“), Требиште („Св. Ахилиј“), Битуше („Св. Архангел Михаил“ и Скит „Св. Кирил и Методиј“), како и Ростуше, при што учесниците, покрај уметничко-историските вредности, ја почувствуваа и живата врска меѓу верата и уметноста што го обликува идентитетот на Мијачијата.
Завршницата се одржа во Бигорскиот манастир, каде што, со монашко гостољубие, Архимандрит Доситеј од името на Старецот и Игумен на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, им врачи на учесниците сертификати за учество, изразувајќи признание за нивниот научен придонес во расветлувањето на историјата на Бигорски и на сиот рекански предел. Школата уште еднаш потврди дека Бигорскиот Манастир е светилник каде што живото црковно предание и сериозната научна мисла плодотворно се среќаваат, оставајќи траен печат врз нашата културна меморија и повикувајќи на понатамошно истражување и зачувување на богатото духовно и културно наследство.