Заврши Третата малореканска научна конференција „По патеките на Дичо Зограф“

Во деновите од 3 до 7 септември, Свештената Бигорска Обител беше домаќин на Третата малореканска научна конференција, насловена како: „По патеките на Дичо Зограф“, којашто се одржа со благослов на нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски и со благослов и иницијатива на нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, а во соработка и организација со проф. д-р Сашо Цветковски. Годинешнава конференција беше посветена на 170-годишнината од живописувањето на манастирскиот храм „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица.

Свеченото отворање на овој научен собир се одржа на 3 септември во дворот на црквата „Свети Петар и Павле“, во селото Тресонче, родното место на Дичо Зограф. Со поздравни обраќања се обратија проф. д-р Сашо Цветковски, научен раководител на школата, проф. д-р Ненад Макуљевиќ од Филозофскиот факултет во Белград, и Медат Куртовски, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, а присуствуваа научни работници, студенти и тресончани од здружението „Брзовец“. Исто така, во црквата беше отслужена трисагија од јеромонах од нашето братство, за покој на душата на великанот Димитар – Дичо Крстев, нашиот најпознат зограф од преродбенскиот деветнаесетти век.

Во деновите што следуваа се одржаа неколку научни секции, на кои свои излагања имаа неколку звучни имиња од областа на историјата на уметност и архитектурата: Сашо Цветковски, Елизабета Касапова, Ненад Макуљевиќ од Белградскиот универзитет, Ана Костиќ, Васил Ѓорѓиев-Ликин, Александар Василевски, Борис Марковски, Сашо Поповски, Дарко Николовски.

Научниот собир заврши денес, кога со благослов на Старецот и Игуменот на нашата Обител, Епископот Партениј, нашиот собрат Архимандритот Доситеј на учесниците им додели посебно изготвени сертификати во знак на благодарност за нивното учество. Воедно, тој од име на Владиката срдечно им се заблагодари на научните работници што на овој начин, преку научни конференции на кои ги излагаат своите откритија, даваат значаен придонес за расветлување на историјата на Бигорскиот Манастир и на реканскиот крај општо.

На крајот, сите учесници на Третата малореканска научна конференција ја посетија Бигорската книгохранителница.