„Подари капка живот“
Возљубени браќа и сестри,
Со чувство на благодарност кон Бога за сè што ни дарува, ве известуваме дека, со благослов на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, во духот на меѓусебната љубов и солидарност, наредната недела во Бигорскиот Манастир ќе се одржи крводарителска акција под мотото: „Подари капка живот“.
📅 23 ноември (недела)
⏰ од 11 до 15 часот
📍 Во една од просториите на манастирскиот комплекс
Во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија, го отвораме нашето манастирско семејство за сите што сакаат да направат едно мало, но бесценето дело – да подарат живот. Една капка крв може да значи цел живот за некого, а љубовта што ја вложувате во ова дело е дар кој го радува и самото небо.
Нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, секогаш нè потсетува дека делата на милосрдието се силна проповед на Христовата љубов. Затоа, токму во овој дом на духовноста, секој крводарителски чин станува благословен подвиг – „Дај крв, прими дух!“
Ве охрабруваме сите што можете и сакате, да се придружите.
Сите дарителите треба задолжително да понесат со себе документ за лична идентификација.
Нека оваа недела биде осветлена од топлината на нашите отворени срца и нека добриот Бог им возврати со Својата благодат на сите што даруваат.












