Денеска во Бигорската свештена обител, во пријателска посета допатува Амбасадорот на Р. Унгарија, г. Андраш Клајн, придружуван од својот соработник, г. Ерик Вангел.
Во оваа пригода, Неговата Екселенција ѝ подари на Бигорската книгохранителница дваесетина вредни книжевни изданија, како донација од Министерството за надворешни работи на Унгарија. Со оваа благородна дарба нашата библиотека е збогатена со наслови посветени на унгарската историја, култура и црковно наследство.
Од името на Старецот на манастирот, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, високите гости ги пречекаа архимандритот Доситеј и архимандритот Кирил, кои им изразија искрена благодарност за вниманието, почитта и поддршката кон духовното и културното наследство што го чува и негува Бигорската обител.
Оваа посета претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на културните и духовните врски меѓу народите, како и во унапредувањето на меѓусебното разбирање и соработка преку книгата и просветата.












