Соопштение за Богојавление


Распоред на Богослужбите

Петок (4/17 јануари)

6:30 Утрена богослужба

8:00 Царски часови со изобразителна за Светото Богојавление (според црковниот типик овој ден не се служи Божествена Литургија)

16:00 Вечерна богослужба

23:00 – 04:00 Традиционално реканско сеноќно бдение со Архиерејска Божествена Литургија, на којашто ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј

Сабота (5/18 јануари)

04:00 – 04:30 Богојавленски Голем водосвет во манастирската фијала

19:00 Празнична вечерна богослужба


Недела (6/19 јануари) ВОДИЦИ

08:00 Божествена Василиева Литургија во Сечесниот храм на Пресвета Богородица во с. Ростуше, на којашто ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј

09:30 Почеток на торжествена Литија од храмот „Пресвета Богородица“ во с. Ростуше до „Ростушки мост“ на р. Радика

19:00 Вечерна богослужба во чест на Свети Јован


Понеделник (7/20 јануари) СОБОР НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

06:30 Утрена и Божествена Литургија


Полагање на Крстот во реката Радика

Ги замолуваме сите заинтересирани кои сакаат да земат учество во чинот на полагањето на крстот во водите на реката Радика, да се пријават кај нашиот надлежен архимандрит, о. Доситеј на следниот телефон: +389 70 342 970. (кликнете на бројот за директен линк од мобилен)


Google Map Location 

Божјата благодат и силата на Светиот Дух со Кој се осветува водата, особено се чувствува на денот на Просвештението, кога правиме спомен на Крштението Господово од раката на Св. Јован Претеча. Со чинот на осветувањето на богојавленската вода и полагањето на крстот во водите, се символизира ослободувањето од гревот што Христос му го донесе на родот човечки. Во тој миг се случува осветување на сите води и секој што ќе се допре или пие од таа осветена и облагодатена вода, го чувствува Божјиот благослов, се исполнува со голема сила и му се дава духовно и телесно здравје, но само доколку со вистински страв Божји и побожност пристапува кон оваа голема тајна. Затоа е многу важно учесниците во чинот на полагањето на крстот во водата претходно да учествуваат и на Божествената Литургија со примање на Светата причест.

Всушност самиот овој чин не треба да биде сфатен како еден обичен ритуал, ниту некаква натпреварувачка игра на којашто целта е само да се фати крстот, туку учесниците после Литургијата треба со литија да се упатат кон местото каде што ќе се осветуваат водите, и тука со најголема почит и внимание да ги слушаат прекрасните молитви на водосветот, без непристојно однесување и викање, бидејќи така си го отфрлаат благословот. Оној, пак, кој ќе се удостои да го извлече крстот што се допира до водите и ги осветува, и да му го врати на свештеникот, треба претходно да го целива со вера, да им даде и на другите околу себе да го целиваат за и тие да бидат благословени. Потоа да го однесе благословот и во својот дом кај своите ближни, зашто крстот треба да им стане она што ќе ги обединува сите во взаемна љубов и силна вера во Христа.


Со благослов на Епископот Антаниски г. Партениј
игумен на Свештената Бигорска Обител