Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Корчански г. Јован вчера беше избран од Светиот синод на Православната автокефална црква на Албанија за нов Архиепископ на Тирана, Драч и на цела Албанија.
Устоличувањето ќе биде на 29 март.
Митрополитот Јован се смета за духовно чедо на блаженоупокоениот Архиепископ Анастасиј. Роден е како Фатмир Пелуши, во Тирана на 2 јануари 1956 година. Неговото семејство припаѓало на бекташката традиција.
Во младоста, во периодот на немилосрдниот верски прогон во Албанија (1979), тајно бил крстен од херојскиот свештеник о. Космас Кириј, кој подоцна станал епископ на Аполонија, и се приклучил на малата подземна група на прогонуваната Црква. Студирал психологија на Универзитетот во Тирана и, од 1979 до 1990 година, работел во одделот за рехабилитација на Психијатриската болница во Тирана, специјализиран за работна терапија за пациенти. Во 1990 година побегнал во Италија, а потоа во Бостон, САД, каде со стипендија од албанската заедница продолжил теолошки студии на Православна теолошка школа.
На 27 февруари 1994 година бил ракоположен за ѓакон, а на 4 декември истата година бил ракоположен за презвитер. Во 1995 година, на предлог на архиепископот Анастасиј, продолжил со постдипломски теолошки студии во школата „Светиот крст“ во Бостон. Во 1998 година бил ракоположен за епископ и избран за митрополит Корчански на 20.6.1998.
Монашкото братство при Свештената Бигорска Обител, предводено од нашиот Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, упатува најтопли честитки до новоизбраниот Архиепископ на Тирана, Драч и на цела Албанија, г. Јован. Го молиме Семилостивиот Господ да го укрепи и просветли во неговата возвишена и одговорна пастирска мисија, да му подари духовна сила, мудрост и љубов, за да ја води доверената му света Црква по патеките на Евангелието. Нека неговото архиепископско служење биде благословено и плодоносно, а неговото име запишано меѓу достојните архипастири на Светата Православна Црква. Во духот на братската љубов, се радуваме на неговиот избор и се молиме за него, за неговото стадо и за целата Православна Црква во Албанија. На многаја и благаја лета!