Се упокои во Господа новинарот Киро Кипроски

„Блажен е човекот кој се бои од Господа“ (Псалм 111,1)

Во спомен на новинарот Киро Кипроски – долгогодишен пријател и хроничар на Бигорскиот манастир

Според неиспитливиот Божји домострој, измината ноќ премина кај Господа нашиот долгогодишен пријател и соработник, неуморен хроничар на духовната обнова, почитуваниот Киро Кипроски – доајен на македонското новинарство. Се упокои по кратко боледување на 76-годишна возраст во својот роден Гостивар.

Во епоха кога светот сѐ повеќе ја губи сензитивноста за објективноста, кога зборот ја губи тежината на одговорноста, и кога медиумите преминуваат во сензации и во алатки за плитки лукративни цели, Киро Кипроски остана доследен на повисоката смисла на новинарството – како служба на вистината, како сведоштво за доброто, како творечки глас кој умее да даде конструктивен придонес во општеството.

Во текот на своето повеќе од петдецениско новинарско служење, покојниот Киро остави неизбришлива трага во македонското новинарство, работејќи за најугледните медиуми во нашата татковина. Неговата творечка оставнина е навистина импресивна: текстови, репортажи, интервјуа, анализи и сведоштва објавувани во бројни медиуми, како: „Наша просвета“, „Млад Борец“, „Студентски збор“, „Нова Македонија“, „Танјуг“, „МИА“, „Макфакс“, Радио Скопје, Радио Гостивар, „Вјесник“, Радио Дојче веле, Радио Берлин и многу други. Беше член на Претседателството на ЗНМ, и добитник на бројни признанија за својот долгогодишен труд. Автор е на тринаесет книги и монографии.

Но, за нашата Света Обител, Кипроски останува врежан како човек со особена заслуга. Имено, тој беше многу повеќе од хроничар на настаните – беше сведок и гласник на воскресението на монаштвото во Македонија. Тој е несомнено новинарот кој има напишано најмногу прилози и записи за нашата монашка заедница – неколку стотици написи низ годините, во кои грижливо и трпеливо ја документираше обновата, животот, подвизите, тагите и радостите на монашкото братство. Своето љубовно и трогателно сведоштво за Бигорски го круниса со монографијата „Иконата на Бистра: Закрилник на Православието“, свечено промовирана во манастирскиот синодикон во 2021 година. Заради своите големи заслуги, тој од страна на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, беше одликуван со највисокото манастирско одличие – орденот „Претеча“ од прв ред.

Во време кога малкумина се осмелуваа да пишуваат позитивно за монаштвото – особено во посттоталитарниот период на атеистички предрасуди – Кипроски застана цврсто во одбрана на христијанската обнова на нашиот народ. Со прецизен новинарски глас, но и со длабоко разбирање и љубов, тој сведочеше за воскресението на монаштвото во Македонија и беше верен летописец на нашата мисија. Неговото перо секогаш беше во служба на вистината и на доброто, осветлувајќи ги духовните вредности на македонскиот народ.

На последната страница од неговото дело, остануваат зборовите што не се пишуваат со мастило, туку со љубов: љубов кон својата земја, кон Црквата и кон Бога.

Братството на нашата Свештена Обител, на чело со својот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, со длабока благодарност го спомнува неговото име во своите молитви, молејќи го воскресителот Господ да му дарува вечен покој во Царството небесно.

Нека милосрдниот Христос Бог ја упокои душата на Својот слуга Киро во обиталиштата на светлината, во место на зеленина, во место на покој, од каде што отстапила секоја болка, тага и воздишка.

Исходното последование и чинот на погребението ќе се извршат во недела, на 31 авуст, во црквата Св. Димитриј кај старите гробишта во Гостивар, во времетрање од 11 до 13 часот.

Вечен му спомен и добар му рај!