Се упокои во Господа поранешниот Митрополит на Солун, Антим

Денеска, четврток, 13 март 2025 година, на 91-годишна возраст, заспа во Господа поранешниот Митрополит на Солун, г. Антим.

Поранешниот Солунски митрополит Антим поднесе оставка во 2023 година поради здравствени проблеми.

Според достапните информации, чинот на опелото и погребението ќе се отслужи во сабота, 15 март, во 12 часот напладне, во Соборниот храм „Света Софија“ во Солун.

Кратка биографија на Митрополитот Антим

Митрополитот Антим (световно име Дионисиј Русас) е роден во 1934 година во Салмони, Пиргос, Грција. Завршил философски студии на Универзитетот во Атина во 1957 година, а потоа и теолошки студии во 1963 година. Во текот на својата младост бил активен како професор по филологија и директор на неколку образовни институции.

Во 1964 година бил ракоположен за ѓакон од Митрополитот на Тира Гаврил, а во 1965 година бил ракоположен за свештеник и го добил чинот архимандрит. Служел во Атина како старешина на црквата „Св. Василиј“ и бил активен во црковната мисија, особено во проповедни и издавачки активности.

Во 1974 година бил избран за Митрополит на Александруполис, каде што останал три децении. Во овој период организирал бројни духовни и социјални иницијативи, изградил 35 нови цркви, основал два манастира, повеќе добротворни институции, како домови за стари лица, болници и центри за социјална грижа. Посебно се истакнал во образовниот сектор, помагајќи при основањето на Медицинскиот факултет при Демокритовиот универзитет во Александруполис.

Во 2004 година бил избран за Митрополит на Солун, наследувајќи го Митрополитот Пантелејмон II. Во текот на своето управување со Митрополијата, активно учествувал во црковниот и општествениот живот, бранејќи ги традиционалните православни вредности и учествувајќи во јавни дебати. Бил претставник на Православната Црква на Грција на значајни меѓународни настани.

Покрај своето духовно и социјално ангажирање, бил плоден автор, кој објавил 13 книги и 18 теолошки и црковни студии.

На 13 март 2025 година, во 91 година од животот, заспа со мирен сон во Господа, оставајќи зад себе значајно духовно и културно наследство.

Блаженоупокоениот Митрополит Антим ќе остане засекогаш запаметен во нашето благодарно молитвено сеќавање, бидејќи тој своевремено го даде својот архипастирски благослов за десетина наши студенти и клирици, на митрополитски трошок, да учат теологија на престижниот солунски Аристотелов универзитет и да изучуваат источно-црковно пеење од најпознатите псалти и учители, во време кога нашата Црква се наоѓаше во изолација од сите останати. Со ова великодушно христијанско дело, дедо Антим придонесе да се надмине таа непријатна состојба и да се воспостават многу пријателски контакти. Тој особено го ценеше и почитуваше нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, заради неговото севкупно монашко и евангелско дело.

Нека му биде споменот вечен и воскресителот Бог да му дарува добар Рај!

Вечнаја памјат!