Српската Црква го посвети божиќното послание на темата за автокефалија

Извор:

Во 2019 год. Српската патријаршија ќе чествува осум века автокефална Српска Црква. Затоа неслучајно во нејзиното божиќно послание, кое што прозвучи во српските храмови на 7 јануари, на прво место е темата за автокефалијата.

Според посланието, во последните осум века Српската Црква е пример за тоа како правилно треба да се користи принципот на црковната автокефалија, а имено единствено за црковни цели. Како пример за погрешно користење на автокефалијата српските епископи ги даваат Македонија, Црна Гора и Украина.

Обраќајќи се кон Македонците и Црногорците, тие објаснуваат дека „автокефалијата е целосно црковен институт и таа треба да придонесе за единството на помесните православни цркви, како што прави нашата Српска Православна Црква во последните осум века“.

За разлика од Српската Црква, „нашите браќа и сестри во Македонија, кои што пребиваат во раскол […], ја следат светската логика, која што ја разбира црковната автокефалија различно, а имено како елемент на државниот суверенитет и национална различност. Така, таа не придонесува за единството и изградувањето на Црквата, а стимулира самодоволност и саможивост, и на тој начин, парадоксално, се претвора во хула против Светиот Дух“.

Според српските епископи, истата светска логика за автокефалијата се користи сега и во Украина, каде „шовинисти-русофоби, предводени од корумпирани политичари и, за жал, со неканонското соучество на Цариградската Патријаршија, ги продлабочуваат постоечките расколи и го загрозуваат единството на Православието“.

Во претстојната 2019 год. Српската Црква ќе чествува осум века од својата автокефалија. Нејзината историја е тесно поврзана со политичката судбина на српската држава. Никејскиот патријарх (бидејќи во тоа време Константинопол е под латинска власт) дава автокефалија на Српската архиепископија по иницијатива на синот на српскиот кнез Стефан Немања, св. Сава, кој што во 1219 год. станува прв архиепископ на Српската Црква. Во 1346 год. силниот српски владетел Стефан Душан се прогласува за император и самоволно ја објавува Црквата во своето царство за патријаршија. Првиот Српски патријарх е прогласен за таков во Скопје, со учеството на Трновскиот патријарх и на Охридскиот архиепископ, а границите на самопрогласената патријаршија ги следат границите на државата на Стефан Душан. Поради таа причина Српската Црква е во шизма со Константинополската патријаршија, која што го признава нејзиниот патријаршиски статус едвај после 30 години.

Паѓањето на Србите под османска власт има за последица ликвидирање на Српската патријаршија. Автокефалијата ѝ е востановена во 16-ти век, со решение на османската власт, при чисто политички околности (со учеството на тројца Срби, везири во Диванот на империјата, вклучително и великиот везир Србин, Мехмед Паша Соколовиќ). Во 1766 год., одново од политички причини, автокефалијата е укината и нејзините епархии се подчинуваат на Константинополската патријаршија. Со создавањето на Кнежевство Србија, во 1831 год. се создава автономна Белградска Црква во составот на Константинополската патријаршија. Откако во 1878 год. српското кнежество ја добива својата независност од Османската империја, српската влада започнува преговори со Фанар, настојувајќи на полна црковна независност во новата држава. Патријаршијата се согласува и во 1879 год. ѝ дава автокефален статус. После крајот на Првата светска војна, во 1920 год. се формира современата Српска Православна Црква, со статус на патријаршија.

А ете, денес официјалната позиција на Српската Црква е дека автокефалијата е „внатрешно-црковно прашање“, во кое што светската власт не треба да се меша.