Мирјани од Руската православна црква и од Руската архиепископија под омофорот на Вселенската патријаршија се обратиле кон патријархот Кирил со молба да го промени решението на Св. Синод на РЦП за прекин на евхаристиското општење со Вселенска патријаршија. Текстот е публикуван во вид на петиција на сајтот Change.org.
Иницијативата е на општествениот деец и новинар Сергеј Чапнин, бивш одговорен редактор на „Журнал на Московската патријаршија“. Под петицијата ставиле потпис и други мирјани: историчарот Андреј Зубов, преведувачката Лариса Волохонска-Пивир и др.
Во петицијата се вели дека верните „со тревога и недоумение“ ја примиле веста за прекинот на споменувањето на името на Вселенскиот патријарх Вартоломеј на Светата Литургија, а уште повеќе ги огорчило решението за прекин на евхаристиското општење.
„Ние внимателно се запознавме со опширното објаснување за тоа решение, но за нас тоа не е задоволително. Повторно не можеме да ги видиме евангелските мотиви во овие дејствија. Ве молиме, не правете ги свештениците и мирјаните монета за поткусурување во Вашите политички спорови со патријархот Вартоломеј!“ – се вели во петицијата.
Авторите на посланието жалат дека Синодот не ја следи евангелската заповед за љубов кон непријателите: „Секој Христијанин треба да ја исполнува оваа заповед, без разлика на својот чин и звание. Ние разбираме колку неверојатно тешко е да се направи тоа, но да се постапи против таа заповед и јавно да се изјави тоа (решение), изгледа како отстапување од основите на нашата вера“ – сметаат верните што ја потпишале петицијата.
Авторите претполагаат дека решенијата на Вселенскиот патријарх не се насочени против Руската православна црква и настојуваат на тоа дека црквата е независна од државата, и на прво место Украина, во целосна согласност со православната традиција, може да претендира за автокефален статут. Потпишаните молат патријархот Кирил да не прави од „великото и спасително Таинство на Евхаристијата инструмент на црковно-политичката борба“.
Во текстот се говори и за тоа дека вистинската причина за отуѓувањето на Украина од Русија (а црковниот конфликт е сврзан токму со тоа) е војната во Донбас: „Вистинската причина за зголеменото отуѓување на Украина од Русија е непрестајната војна во Донбас, којашто се води со воена и финансиска поддршка на Русија. За Православната црква оваа војна е страшна и двојна, зашто православни убиваат православни. Направи ли сѐ нашата црква, за да прекрати оваа војна? Тешко нас, не!“ – се вели во текстот.
Според авторот Сергеј Чапнин, оваа гледна точка се споделува од дел од мирјаните верници – на прво место среде интелигенцијата, а исто и од многумина коишто се колебаат и не знаат како да постапуваат во оваа ситуација на жестока конфронтација меѓу двата патријарси. Според зборовите на Чапнин, прекинот на евхаристиското општење ќе удри директно по оние мирјани на РПЦ, коишто живеат зад границата или често патуваат и се навикнати да посетуваат храмови на Вселенската патријаршија. Според неговите зборови, дури и оние коишто ретко ги посетуваат овие храмови, се загрижени за вистинското единство на Православната црква. Токму заедничката молитва е можност да се пројави тоа единство, а сега Св. Синод на РПЦ ги лишува верниците од можноста да учествуват во овие молитви.
Според зборовите на Сергеј Чапнин, под петицијата едвај ли ќе се потпишат свештеници, бидејќи тие се наоѓаат под идеолошки притисок на Московската патријаршија, којашто не сака духовенството да поддржува погледи, противречни на официјалната позиција на црковното раководство. Но во поединечни разговори многу клирици ја споделуваат оваа позиција. Тој не се сомнева дека призивот ќе биде чуен, но не се ангажира со мислење дали петицијата ќе повлијае на понатамошните решенија на Московската патријаршија.
„Московскиот патријарх нема практика да ги преразгледува решенијата. Но за нас е важно да бидеме чуени, дека има и несогласни со позицијата на Св. Синод“ – вели Чапнин. Според неговите зборови, како последица од решенијата на Синодот може да има „бран од мирјанско непокорство“, зашто луѓето продолжуваат да се причестуваат во храмовите на Вселенската патријаршија, имајќи го предвид фактот дека таа од своја страна не објавила никакви забрани кон мирјаните од РЦП.