Кој достигнал совршенство за кратко време, тој живеел долго; зашто неговата душа Му била угодна на Господа, затоа и побрзал да ја напушти од безбожноста околу него. А луѓето го видоа тоа и не го разбраа, дури и не помислија за тоа, дека Бог има благодат и милост за Своите Светии и обѕир – за Своите Избраници
(Мудр. Сол. 4,13-16)
По последниот макотрпен и исцрпувачки подвиг на благодушно трпение на тешката болест, денеска, на 49 годишна возраст, заспа во Господа ревносниот и од сите возљубен Христов свештеник, отец Горан Тасески од Скопје.
Овој богољубив работник на нивата Господова служеше во манастирскиот храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Криви Дол, Скопје, каде честопати правеше и бденија, молејќи се за илјадници души. Беше пастир и духовник на многу духовни чеда, особено на младите, за кои секогаш имаше разбирање и татковски збор со топлина и љубов. Живееше со страв Божји, тивко, ненаметливо, со радост и насмевка што го одразуваа духовното веселие на неговата облагодатена душа од животот во Христа. Отец Горан искрено и братски го љубеше нашето монашко братство и редовно доаѓаше во Манастирот, каде рамо до рамо со браќата монаси, помагаше на манастирските послушанија.
Си замина од овој минлив свет онака како што и живееше – тивко, праведно, непосрамено, со блажено упокојување, за да влезе во вечниот покој и во вистинскиот живот во Царството Христово.
Неговото тело ќе биде погребано во петок, на 7 февруари во 11:30 ч., во храмот на Светите Петар и Павле во Горно Лисиче. Истиот ден изутрината, во Манастирот Свети Георгиј Победоносец во Криви Дол ќе се отслужи заупокоена Литургија со почеток во 9 часот.
Добриот Христос Бог, Кому верно и ревносно Му служеше и Кого со сиот свој живот Го љубеше, да ја упокои неговата душа во небесните обители на вечната радост, а на членовите на неговото благочестиво семејство и на бројните му духовни чеда, нека им даде утеха и духовни сили!
Вечен му спомен и Царство му небесно! Неговите молитви нека бидат со сите нас!