Не одвраќај го лицето Твое од чедото Твое

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во храмот по завршувањето на Умилителната вечерна на простувањето

озљубени мои браќа, сестри и чеда,

Вечерва имаме голема причина да Му благодариме на сештедриот Бог, што, еве, повторно нѐ доведе до ова душеспасително и благопријатно време на Великата Четириесетница, кога Црквата Божја нѐ повикува да оставиме зад себе сѐ што е грешно и неподобно за еден Христијанин, за човек којшто копнее да се приближи и соедини со Бога. Нѐ повикува, значи, да го оставиме гревовното јас, но и да им простиме на сите луѓе за сѐ што погрешиле, бидејќи сите ние ја имаме истата природа.

Го слушнавме пред малку, во текот на оваа т.н. умилителна вечерна на простувањето прекрасниот прокимен, кој гласи: „Не одвраќај го лицето Твое од чедото Твое, бидејќи страдам, скоро услиши ме; чуј ја душата моја и избави ја“. Навистина чудесен стих – со толку малку зборови ја искажува сета внатрешна состојба на душата којашто се подготвува да го започне своето враќање при Бога. Остава особен впечаток во овој прокимен тоа дека ако Господ го одврати лицето Свое, човекот страда, се смутува, се чувствува збунет, изгубен, дезориентиран. Тој без Бога едноставно не знае ни што прави, ни каде оди, ниту за што живее; мракот ги владее неговите мисли, а делата на гревот духовно го парализираат. Оддалечувањата негови од Првопричинителот на нашето суштествување го оставаат бесцелен, пуст. Затоа Црквата сега нѐ повикува да се вратиме кон Бога, предлагајќи ни го посното време како средство за тоа.

Во една од умилителните стихири вечерва испеавме: „откако ќе ја препливаме големата морска шир на постот, да стигнеме и до тридневното Воскресение на Господа и Спасителот наш Исус Христос, Кој ги спасува душите наши“. Значи, светите отци ни го претставиле постот налик на едно големо море, како алегорија за нашите животни искушенија коишто постојано нѐ преплавуваат, нѐ плашат. Меѓутоа, би ве повикал да се потсетиме тука на онаа случка од Евангелието, кога Спасителот Христос им се приближил на учениците коишто биле во коработ, одејќи по Генисаретското море како по суво. Апостолот Петар, кој бил рибар и, се разбира, совршено знаел дека за човека е невозможно да оди по водата, гледајќи Го Христа, пројавил необична вера: Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата! (Матеј 14,28). Господ му дозволил и Петар, мимо природните законитости, почнал да оди по водата. Успевал во тоа сѐ додека не се посомневал, додека не поверувал на своите помисли дека е невозможно да се оди по водата. Подобно на него, и ние честопати помислуваме дека е невозможно да се победат многубројните телесни желби и страсти во нас, дека едноставно не можеме да се издигнеме и да чекориме над површината од секојдневната суета. И несомнено: доколку погледнеме добро во нас, ќе забележиме многу страсти и желанија нѐ преплавуваат. Просто ни се чини дека е неможно некогаш да се оттргнеме од нивните моќни влеченија. Впрочем, ако по човечки размислуваме, тоа и е невозможно. Колкумина сме чуле да се прашуваат како е можно човек да ја надвладее својата природа, на пример, блудната страст? Како е возможно некој да живее во манастир, да ги остави сите житејски страсти, да се надмине себеси? Оти, според законите на природата такво нешто не е остварливо. Исто како што и за апостолот Петар не било логично да оди по водата. Меѓутоа, сè е можно за оној што верува! – вели Христос (Марко 9,23). Сѐ додека апостолот Петар Го гледал и верувал во Христа Кој стоел на водата, и тој успевал да чекори над неа. Исто станува и со нас: доколку се наоружаме со верата во Него, ќе чекориме над сите искушенија и страсти, без разлика на сите законитости, бидејќи, како што пееме во една црковна песна, „каде што Бог сака, се победуваат природните закони“. Он е нашиот сигурен помошник. Кога Петар почнал да тоне во водата, Господ ја испружил кон него Својата Божествена рака и го издигнал над водата, спасувајќи го. Така, Бог постојано сите нас нѐ спасува. Потребно е само да имаме вера и копнеж.

Морам да ви признам дека вашата толку голема бројност вечерва особено ме радува, зашто, гледајќи ве толку желни за Господа, подготвени да ги приклоните своите колена пред Него за прошка, се исполнувам со надеж дека Он нема да нѐ остави. Оти колку повеќе луѓе има што се молат, коишто од длабочините на душата бараат да бидат чуени за да не останат оскрбени, збунети и дезориентирани, толку повеќе нашето општество ќе станува поблагопријатно за живеење. Всушност, ние уште овде на земјата ја живееме радоста на царството Божјо или, пак, адската несреќа. Самите си избираме дали ќе го градиме во себе пеколот или рајот. Постојаното општење, заедништвото со Бога го претставува рајот, а Божјото отсуство – пеколот.

Бог да ни дава сили овој пост да го поминеме богоугодно и богоустремено, како што, патем, треба да го минуваме целиот свој живот: во молитва, во правење добри дела, во љубов и добрина, за да можеме во полнота да се радуваме во заедницата со нашиот Бог и со сите наши ближни.

Ве молам да ми простите ако нешто несакајќи сум погрешил во беседата, бидејќи навистина сум многу изморен, но искрено сакав да ви кажам нешто од срце, особено тоа за великиот прокимен, кој, фала Му на Бога, секогаш ми побудува умиление. Солзите пред Бога се голем дар, за кој треба да бидеме многу благодарни. Зашто колку и да сме грешни, тие ја очистуваат нашата душа. Чувствувам како понекогаш моето срце станува скаменето, студено, но Му благодарам на Бога што, ете, има и мигови кога ме разбудува, ме оживува и стоплува. Секогаш да го бараме од Бога тоа – да ни дава солзи на покајание. Нека ни биде овој пост дејствително посветен на покајанието, да ни биде уште едно скалило во нашето духовно приближување до Господа. Ова не значи, секако, дека после постот треба да се вратиме на стариот, гревовен начин на живеење, туку постојно да се трудиме во доброто, така што сѐ повеќе и повеќе да се доближуваме до нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Ви посакувам добар, свет и честит подвиг на воздржание и полна радост во Пасхата Христова! Да си се собереме повторно заедно на тој најубав ден и да го прославиме со духовно веселие Неговото сесветло и славно Воскресение, со кое ни подари спасение!

Простете ми за сите мои прегрешенија, волни и неволни, направени со збор, дело и помисла! Бог да ни прости на сите!