(Видео) Благодатна светогорска ноќ во Скитот на свети Пантелејмон – историско архиерејско служење на Старецот

Историски настан во Богородичната Градина

Во свештената исихија на Богородичната Градина, каде што времето како да го губи својот вообичаен тек и се претвора во непрестајно очекување, но и среќавање на вечноста, синоќа, во Кутлумушкиот скит на светиот славен великомаченик и исцелител Пантелејмон во Кареја, се оствари еден особено трогателен, благодатен и историски настан за нашето Бигорско монашко семејство.

Имено, по срдечната покана на дикејот (старешината) на свештениот Скит, нашиот драг брат и пријател, јероѓаконот Хрисостом, нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, молитвено претстоеше на целоноќното, дванаесетчасовно празнично бдение во чест на светиот великомаченик и бесребреник Пантелејмон, а потоа чиноначалствуваше и на Божествената Евхаристија.

Уште при пристигнувањето во Скитот, Старецот и неговата синодија беа пречекани и примени со голема чест според официјалниот светогорски ред, со искрена братска љубов и со онаа едноставна, но длабока светогорска срдечност, којашто не се исцрпува во надворешните знаци на гостопримството, туку произлегува од сознанието дека сите сме членови на едното Тело Христово и сопатници кон една иста вечна Татковина.

На свечениот пречек и на бдението присуствуваа: епископот Мирински г. Атинагора, игуменот на свештената обител Есфигмен, архимандрит г. Вартоломеј, игуменот на свештената обител Кутлумуш, архимандрит г. Николај,  множество старци и монаси од околните скитови и ќелии, претставници на повеќе светогорски обители, свештенослужители, како и бројни верници и поклоници, дојдени од различни места за да учествуваат во празничното торжество и да го побараат молитвеното застапништво на великиот Христов маченик и исцелител.

Свечен пречек и поздравно слово на дикејот

Во името на братството и на сите присутни, при свеченото иподохи (пречекот), на Старецот му се обрати дикејот на Скитот, јероѓаконот Хрисостом, кој со искрена братска почит и духовна радост му посака добредојде:

„Ваше Преосвештенство, епископе Антаниски и почитуван Игумене на свештениот манастир ’Свети Јован Претеча‘ – Бигорски, господине Партение,

Со чувства на најдлабока духовна радост и синовска почит Ве пречекуваме денес во свештениот Кутлумушки скит на светиот славен великомаченик и исцелител Пантелејмон. За нас претставува особена чест и голем благослов тоа што за првпат доаѓате во ова свештено живеалиште, одговарајќи на нашата покана да претстоите на нашето празнично торжество.

Овде, во Градината на Пресвета Богородица, времето и просторот добиваат поинаква димензија и ние во полнота ја живееме тајната на едната, света, соборна и апостолска Црква. Пред заедничката света Чаша не постојат човечки поделби. Нераскинливо нè обединува заедничката православна вера, а нè проникнува и вдахновува духот на светото Ромејство. Тоа Ромејство не е световно или географско определување, туку вселенски начин на живеење, духовно благородство, крстовоскресен етос и заедничко литургиско предание. Тоа е нашата заедничка духовна татковина, која ја прима и прегрнува секоја човечка душа што жеднее за Христа.

Свети Пантелејмон, заштитникот и покровителот на нашиот Скит, кој со својата маченичка крв го напои дрвото на Црквата, е свештената врска што денес нè собира околу светата Трпеза. Неговата светост нè потсетува дека во Христа сите сме браќа и членови на едното исто Тело.

Во духот на ова црковно заедничарење, ја чувствуваме светата должност да ја изразиме својата најдлабока синовска благодарност кон нашиот Сесвет Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, почитуваниот Пастироначалник и Епископ на оваа Света Гора, кој со татковска љубов ги даде канонската дозвола и благословот за Вашето посакувано доаѓање на ова свештено место.

Исто така, срдечна благодарност упатуваме и кон Неговото високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, кој Ви ја даде својата канонска согласност да отсуствувате од неговата епархија, за да бидете денес меѓу нас.

Од сето срце Ви благодариме што дојдовте да го украсите годинашното празнично торжество со своето архиерејско и монашко присуство, принесувајќи го благословот на чесниот Претеча и Крстител Јован од историскиот Бигорски манастир, со кој богољубиво и достојно раководите.

Ве молиме, Ваше Преосвештенство, на светото бдение и на Божествената Литургија да се помолите свети Пантелејмон да се застапува за спасението на сите нас и да ни подари исцеление на душите и телата.

Добре ни дојдовте, Ваше Преосвештенство! Да го имаме Вашиот свет благослов!“

Возвратно обраќање на епископот Партениј

Видливо трогнат од топлото добредојде, епископот Антаниски г. Партениј, во своето возвратно обраќање, длабоко се заблагодари за укажаната чест, за љубовта и за срдечната светогорска гостопримливост:

Преосвештени владико,

Ваши високопреподобија

Сечесен старешино на овој свештен Скит, возљубен оче Хрисостоме,

чесни отци и возљубени во Христа браќа,

Со длабока трогнатост и искрена благодарност ги ислушав топлите и братољубиви зборови на Вашето поздравно обраќање. Љубовта што ја изразивте силно го трогнува моето срце и ја прави уште поголема радоста од нашата денешна свештена средба.

Од длабочината на срцето Ви благодарам, драг оче Хрисостоме, за почесната покана, за братската љубов и за авраамовото гостопримство со кое ме примивте мене и мојата придружба во свештениот Кутлумушки скит на светиот славен великомаченик и исцелител Пантелејмон.

Оваа покана претставува голема чест и непроценлив благослов не само за мене лично, туку и за целото братство на свештениот Бигорски манастир на чесниот Претеча. Навистина, ова е миг со особено духовно и историско значење.

Пред триесет и шест години, додека бев сè уште млад и почетник во монашкиот живот, извесен период живеев во свештената обител Григоријат, покрај блаженоупокоениот Старец Георгиј, од кого научив многу за монашкиот живот, за послушанието и за љубовта кон Бога. А денес, по толку години, Божјата промисла ме удостојува повторно да се вратам на Света Гора и за првпат овде да богослужам како свештенослужител и епископ.

Мојата трогнатост станува уште подлабока, бидејќи денешното празнично торжество е непосредно поврзано со мојот свештенички пат. На овој ден, кога ги чествуваме свети Пантелејмон и светите Седмочисленици Просветители, пред триесет и една година бев ракоположен за јеромонах во храмот на свети Климент во Охрид. И еве, денес, на истиот свештен спомен, Бог ме удостојува да ја принесам бескрвната Жртва во ова чесно живеалиште на свети Пантелејмон.

Го славам Бога за Неговата неискажлива промисла и ја изразувам својата длабока и синовска благодарност кон нашиот Сесвет Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, за татковскиот благослов и за дозволата да дојдам и да богослужам на Света Гора.

Срдечно му благодарам и на Неговото високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, за канонската согласност и за неговиот благослов, како и на Високопреподобниот игумен на свештената обител Кутлумуш, за благословот да учествувам во ова празнично торжество.

Возљубен оче Хрисостоме, денешниот пречек за нас не е само чин на гостопримство. Тој е живо сведоштво за единството на Црквата, за нашата заедничка православна вера и за духовното сродство што ги надминува границите, јазиците и човечките разлики.

Му се молам на свети Пантелејмон да ги исцелува нашите души и тела, да го укрепува братството на Скитот и сите вас да ве чува во здравје, трпение, духовна плодотворност и радост во Духот Свети.

Уште еднаш Ви благодарам за поканата, за честа и за љубовта. Владичицата Богородица, Покровителката на Света Гора, секогаш да ги закрилува вашиот Скит и вашето свештено служење.

Добро ве најдовме и од срце ви благодариме!“

Целоноќно бдение во светогорската тишина

По свечениот пречек започна малата вечерна богослужба, и кратко по неа и празничното бдение, коешто траеше во текот на целата ноќ, точно 12 часа. Во мистичниот сјај на кандилата, среде благоуханието на темјанот и древното светогорско псалмопение, присутните монаси и поклоници молитвено се впуштија во она свештено патување во кое земната ноќ незабележливо се преобразува во предвкус на невечерната светлина на Царството Божјо.

На бдението молитвено претстоеше нашиот Старец, владиката г. Партениј, кој со архиерејска достоинственост, монашка едноставност и длабоко умиление го предводеше собранието низ свештените последованија, придружуван од епископот Мирински г. Атинагора.

Древните псалмопенија, молитвословија и песнопенија во чест на великиот Христов маченик одекнуваа во свештениот храм, спојувајќи ги во една молитва монасите од околните скитови и ќелии, претставниците на светогорските обители, свештенослужителите и многубројните поклоници. Двете певници ги водеа псалтите од братството на Старецот Дамаскин и од братството на Старецот Григориј, додека голема чест им беше укажана и на псалтите од нашето братство, кои беа повикани да исполнат одредени песнопенија во текот на бдението.

Особена трогателност на ова молитвено собрание му даваше и споменот дека во овој Скит на молитвата и на ваквите сеноќни бденија своевремено доаѓал и светиот светогорски Старец Паисиј, принесувајќи ја својата тивка молитва пред Бога и пред светиот великомаченик Пантелејмон.

Така, во часовите кога надворешниот свет беше потонат во сон, собраните во Скитот молитвеници бдееја пред Бога, принесувајќи ги своите молитви за Црквата, за човештвото, за оние што страдаат, за болните и обременетите, повикувајќи го застапништвото на свети Пантелејмон – лекарот кој не побара земна награда и маченикот кој со својата крв ја запечати љубовта кон Христа.

Божествената Евхаристија и историското архиерејско служење

Кон крајот на ноќта, кога првите зраци на денот почнаа милно да ја галат Богородичната Градина, започна Божествената Евхаристија, на која чиноначалствуваше нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј. Со него сослужуваше Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, викарен епископ на светата Мексиканска митрополија при Вселенската Патријаршија, заедно со игумените на свештените обители Есфигмен и Кутлумуш, архимандритите г. Вартоломеј и г. Николај, повеќе свештенослужители од Света Гора и од придружбите на архиереите, вклучувајќи ги нашите браќа: о. Кирил, о. Анатолиј и о. Григориј.

Во заедничкото архиерејско служење на двајцата епископи, опкружени со монасите и со верниот народ, на најдлабок евхаристиски начин се пројави соборната и наднационална природа на православната Црква. Различните земји, јазици и животни патишта исчезнаа пред едниот свет Жртвеник, пред едната Чаша Господова и пред Едниот најсладок Христос, Кој ги собира расеаните Божји чеда во неразделно евхаристиско единство.

Оваа Литургија имаше особено историско значење за Старецот и за нашето братство. По триесет и шест години од неговиот престој на Света Гора како млад искушеник во свештената обител Григоријат, тој за првпат ја принесе бескрвната Жртва на Атон како свештенослужител и епископ. Истовремено, тој свештен миг се совпадна и со триесет и првата годишнина од неговото ракополагање за јеромонах, извршено токму на празникот на свети Пантелејмон и на светите Седмочисленици, во храмот на свети Климент Охридски – Перивлепта.

Она што некогаш било младешки копнеж, роден во тишината на светогорските богослуженија и послушанија, сега се исполни како благодарствено принесување пред истиот Христов Жртвеник. Младиот искушеник, кој пред триесет и шест години ги примал своите први монашки поуки на Атон, денес стоеше таму како духовен отец на големо монашко семејство и како епископ на Црквата Божја – не со чувство на човечко достигнување, туку со трепет пред чудесните и неискажливи патишта на Божјата промисла.

Трпеза на љубовта и благодарствени слова

По завршувањето на Божествената Литургија и по заедничкото причестување од Чашата на животот, празничното собрание продолжи на трпезата на љубовта, каде што беа произнесени три вдахновени благодарствени слова.

Слово на игуменот на Кутлумуш

Најнапред од името на свештената светогорска заедница, од герондијата и братството на свештената обител Кутлумуш, се обрати старецот на манастирот, Високопреподобниот архимандрит г. Николај. Тој со божествено вдахновение говореше за маченичкиот подвиг на светиот великомаченик Пантелејмон и за потребата од негово пресликување во животот на современите монаси и христијани, кои со секојдневното мачеништво на совеста, се повикани да служат на олтарот на ближниот. Накрај, старецот Николај, со особени зборови на топлина, му се заблагодари на нашиот старец, епископот г. Партениј:

„Ваше Преосвештенство, свет владико Антаниски, почитуван игумене на Свештената обител на Чесниот Претеча – Бигорски, возљубен во Христа брате и сослужителе, господине Партение,

По духовното ликување на свештеното сеноќно бдение и по совршувањето на страшната и бескрвна Божествена тајноводствена служба во чест на светиот славен великомаченик и исцелител Пантелејмон, сега седнуваме на оваа благословена трпеза, за да ја запечатиме нашата празнична радост, вкусувајќи ги материјалните добра како продолжение на Евхаристијата.

Особен благослов и чест претставува за свештената, царска, патријаршиска и ставропигијална обител Кутлумуш, како и за нејзиниот свештен скит на свети Пантелејмон, тоа што денес се наоѓате меѓу нас. Со татковска љубов и готовност ја прифативте поканата на отците од Скитот, за со Вашето присуство да го украсите и возвеличите овој празник и да претстоите на ова свештено празнување.

Вашето доаѓање, меѓутоа, и Вашето свештенолепно архиерејско присуство станаа можни благодарение на канонската дозвола и татковскиот благослов на Епископот на ова свештено место, Неговата Сесветост, нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кон чија чесна личност ги насочуваме нашите мисли, изразувајќи ја нашата синовска преданост, почит и неизмерна благодарност за подвизите што ги вложува ширум вселената, на север и југ, на исток и запад. Исто така, чувствуваме потреба срдечно да му заблагодариме и на Вашиот надлежен архипастир, Неговото високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, за неговата братска согласност и дозвола, та за кратко да ги оставите Вашите многуодговорни должности и денес да бидете меѓу нас.

Ваше преосвештенство, Вашето присуство во Градината на Пресвета Богородица и во ова Кутлумушко свештено живеалиште на сите нам ни ги принесува благодатта, благословот и благоуханието на историската свештена обител на Чесниот Претеча – Бигорски, но и жарот на Вашето монахољубиво срце. Врската меѓу нашите манастири уште подлабоко се зацврстува во нашата заедничка вера, во љубовта кон православното монашко предание и во благодатта на Светиот Дух, Кој нè соединува во Христа Исуса.

Од името на старешинството и на сето братство на свештената обител Кутлумуш, како и на старешината и отците од Скитот што денес празнува, најсрдечно Ви благодариме за трудот на Вашето патување. Ви благодариме за духовната радост и за мирот што ни ги подаривте со Вашето архиерејско претстоење.

Од сè срце посакуваме светиот исцелител Пантелејмон да Ве закрилува, да Ве укрепува во Вашите пастирски и игуменски должности и да Ви дарува многу години, исполнети со здравје, многуплодни и доброплодни, во слава Божја и за добриот углед на Неговата Црква.

Смирено ги просиме Вашите архиерејски благослови и молитви за нашето братство, за отците што живеат во Скитот, но и за сите благочестиви поклоници, мирјани и монаси, кои денес дојдоа да му оддадат чест на Светителот.

На многаја лета, Владико!

Му благодариме и на Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, кој дојде меѓу нас во чест на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон. Би сакале да му ја пренесе на Митрополитот Мексикански г. Јаков љубовта на светогорските отци кон неговата личност, а уште повеќе кон многустрадалниот народ на Централна Америка и особено кон Индијанците, домородните жители на Америка, кои во илјадници, со простота на срцето, пристапуваат кон православието. Се молиме за сите вас.

Му благодариме на чесниот игумен на манастирот Есфигмен, г. Вартоломеј, за неговата делотворна љубов и почит кон Светителот на нашиот Скит, како и за неговата грижа за отците од нашиот свештен скит.

Исто така, му благодариме на чесниот старешина и на останатите послушници и служители, псалти, готвачи, трпезаристи, како и на сите што принесоа од својата оскудица и кои во најголема мера придонесоа за совршувањето на ова прекрасно празнување.

На сите, монаси и мирјани, им посакуваме многу и благословени години. Свети Пантелејмон нека ги благословува и осветува. Амин.“

Благодарствено слово на нашиот Старец

На овие топли и братољубиви зборови, нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј возврати со голема љубов и благодарност, преточени во едно вдахновено слово:

Преосвештени владико,

Високопреподобни и сечесни отци и возљубени во Христа браќа,

Во оваа свештена ноќ, по благодатното бдение и по заедничкото причестување од Чашата на животот, срцето мое е исполнето со чувства што тешко можат да се изразат со човечки зборови. Оти постојат мигови во животот кога човекот чувствува дека времето се повлекува пред вечноста, минатото и сегашноста се прегрнуваат, а Божјата промисла, тивко и чудесно, ги сврзува сите настани во една единствена благодарствена химна.

Пред сè, чувствувам света должност да ја изразам својата најдлабока и синовска благодарност кон Неговата Сесветост, Архиепископот на Константинопол – Нов Рим, и Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј, кој со својата патријаршиска љубов и благонаклонетост го даде благословот да дојдам во оваа небоземна Градина на Пресвета Богородица и, по толку многу години, да застанам пред светиот Жртвеник како свештенослужител и архиереј. Неговиот благослов за мене не претставува само канонска дозвола, туку вистинска духовна прегратка на Мајката Црква и сведоштво дека во Црквата ниеден искрен копнеж не се губи, туку се запазува во срцето Божјо до мигот на своето исполнување.

Од сè срце му благодарам и на Високопреподобниот игумен на свештената и царска Обител Кутлумуш, архимандритот г. Николај, кој благоволи да го даде својот благослов за моето чиноначалствување во овој чесен Скит.

Срдечна благодарност изразувам и кон почитуваниот митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј за дадениот благослов, а воедно ви ги пренесувам и неговите братски поздрави.

Особена благодарност упатувам кон старешината на свештениот Скит, нашиот возљубен брат и драг пријател, преподобниот јероѓакон Хризостом, кој љубезно нè покани да претстоиме на бдението и на светата Литургија. Неговата братска љубов, неговата искреност и неговата гостопримлива душа ја направија оваа ноќ уште посветла и подлабоко врежана во нашите срца.

Му благодарам и на целото овдешно братство, кое нè прими не како туѓинци и гости, туку како свои, како браќа во едното монашко призвание и во едната надеж на Царството Божјо.

Денешниот ден за мене носи една особена и многу лична тајна. На овој празник, кога заедно со светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон ги чествуваме и светите Седмочисленици – нашите учители, просветители и духовни татковци – пред триесет и една година, во храмот на свети Климент Охридски, бев ракоположен за јеромонах. Тогаш, со страв и трепет, ја примив благодатта на свештенството, не знаејќи по кои патишта ќе ме поведе Господ. И еве, денес, по триесет и една година, на истиот празник, Божјата промисла ме удостои да ја принесам бескрвната Жртва во свештениот Скит на свети Пантелејмон, среде Светата Гора Атонска. А пред триесет и шест години, како млад искушеник, живеев во свештената обител Григоријат, покрај блаженоупокоениот Старец Георгиј, од кого примив многу духовни поуки, љубов и атонско предание. Тогаш стоев во храмот како почетник и ученик, слушајќи го шепотот на молитвата и учејќи се на послушание. Денес, по толку години, стоев на истата Света Гора пред Жртвеникот како свештенослужител и епископ. Тоа сознание не ми донесува чувство на чест, туку трогнатост, длабоко смирение и трепет пред неискажливите судови Божји.

Света Гора има одиграно огромна улога во духовното просветување на нашиот народ. Од овие карпи, пештери, храмови и монашки ќелии, низ вековите се излевале молитва, книжевност, вера, утеха и светлина. И денес, Атон продолжува да нè укрепува преку добрата и плодна соработка што ја негуваме со Света Гора, втемелена врз братска љубов, заемна почит и заедничко сведоштво на православната вера. За сето тоа нашето братство и нашиот народ остануваат длабоко благодарни.

Навистина, Света Гора е голем благослов не само за Православието, туку и за целиот свет. Додека светот се изморува од врева, брзина и непрестајно самоистакнување, Атон сведочи дека вистинскиот живот се раѓа во тишината, дека човекот станува слободен кога ќе се откаже од својата волја и дека најголемата сила се крие во смиреното повикување на името Исусово. Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон Го посведочи Христа со својата крв. Монахот, пак, е повикан секојдневно да Го сведочи со мачеништвото на совеста. Тоа е тивко мачеништво: да се умре за своето себељубие, за својата волја, за своите страсти; да се остане верен кога никој не гледа; да се љуби кога нема возврат; да се моли за светот што можеби никогаш нема да дознае кој се молел за него. Крвта на маченикот се пролева еднаш, а крвта на монашкото срце се пролева капка по капка, во послушанието, молитвата, бдеењето, покајанието и љубовта.

Нека светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон ги исцели нашите души и тела, а светите Седмочисленици нека ги просветуваат сите народи со светлината на Евангелието.

Пресвета Богородица, Игуменијата на ова свето место, нека го чува светогорскиот монашки собор, Сесветиот Вселенски Патријарх, свештената обител Кутлумуш, овој свештен Скит и сите вас, возљубени отци и браќа.

Ви благодарам за поканата, за љубовта, за молитвата и за оваа света радост, која ќе ја носам во своето срце како драгоцен залог до крајот на својот живот.

Бог да ве благослови и свети Пантелејмон секогаш да ве закрилува! Амин.“

Завршна благодарност на дикејот на Скитот

Најнакрај, со срдечна благодарност се обрати почитуваниот дикеј на Скитот, јероѓаконот г. Хрисостом, заблагодарувајќи им поединечно на сите коишто овозможија ова свештено торжество да биде толку благолепно и благодатно. На крајот тој упати посебна благодарност кон нашиот Старец, епископот г. Партениј:

„На крајот Ве оставив Вас, Вашето свештено и нам мошне возљубено братство, како и сите Ваши сопатници во ова свештено поклонение, Ваше преосвештенство, свет владико Антаниски г. Партение, Старецу на прочуената обител на Чесниот Претеча – Бигорски.

Секој што ја посетил Вашата обител станува сведок на чудесата Божји што се извршиле и продолжуваат да се извршуваат таму. Силно се чувствува благодатта на Светиот Дух, присуството на Чесниот Претеча, како и изобилната љубов на Старецот и на братството.

Му благодариме на Троичниот Бог и на Неговиот угодник, светиот Пантелејмон, за Вашето благословено присуство овде – прво како архиереј, но, секако, не и последно.

Во текот на денешното бдение се искова една духовна врска меѓу Света Гора и Бигорски. Затоа, Ви ја принесуваме оваа икона на заштитникот и покровителот на нашиот Скит, светиот страдалник и исцелител Пантелејмон, за да ја поставите во католиконот на Вашата свештена обител, како извор на благодат и осветување, и таа да претставува видлив знак на единството меѓу нашиот Свештен светогорски скит на свети Пантелејмон и свештената обител на Чесниот Претеча – Бигорски, нејзиното братство и нејзините благочестиви поклоници, како и благословениот и многустрадален православен народ на Вашата татковина. Гледајќи ја оваа икона, да си спомнувате и за нас и да се молите за нас, смирените скитски отци. Ви благодарам.“

Спомен-дарови и трајно духовно заедништво

Во знак на благодарност и како траен спомен од денешното свештено торжество, нашиот Старец му ја подари на дикејот на Скитот, о. Хрисостом, својата архиерејска митра, за таа да им служи на потребите на Скитот при идните архиерејски богослужења. На Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, пак, му подари архиерејски енколпион со претстава на Пресвета Богородица Ентронос, пред Која молитвено претстојат свети Јован Крстител и свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската свештена обител.

Така заврши оваа навистина преблагодатна светогорска ноќ – со молитва, со Светата Евхаристија, со братска љубов, со заемно дарување и со благодарност кон Бога, Кој ги устројува животните патишта подобро отколку што човечкото срце може да замисли. За нашиот Старец и за целото Бигорско монашко семејство, ова не беше само учество во уште едно светогорско празнично торжество, туку едно неискажливо душевно и духовно доживување – миг во кој како да паѓа завесата на видливото и нештата се созерцуваат од „другата страна“, во светлината на Божјата промисла и вечноста. Тоа беше враќање кон духовните извори, средба на почетокот со монашката длабочина, на некогашниот искушеник со денешниот архиереј, на одамнешниот копнеж со неговото благодатно исполнување. Навистина, преголема беше благодатта! Слава Му на Бога и благодарност на свети Пантелејмон и на светите Седмочисленици за нивното молитвено застапништво! Во свештениот Скит на бесребреникот и маченик Пантелејмон, под мајчинскиот покров на Пресвета Богородица, се затвори еден духовен круг, но истовремено се отвори нова страница на братско и евхаристиско заедничарење.

Споменот од оваа ноќ ќе остане длабоко врежан во срцата на сите присутни и запишан во летописот на нашата Обител како сведоштво дека Божјата промисла не заборава ниеден искрен копнеж и дека она што со смирение е положено пред Бога, во часот Негов се враќа како благослов, радост и благодарствена химна. Слава Му!