Постојат свештени мигови во животот на еден народ, кога историското паметење се претвора во молитва, благодарноста во долг, а слободата – во света одговорност пред Бога, пред жртвата на предците и пред поколенијата што доаѓаат. Таков молитвен и родољубив миг е традиционалната Илинденска доксологија во нашата Бигорска свештена обител.
И оваа година, на Илинденското пладне, духовното и национално торжество продолжи во соборниот храм на чесниот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов свети Јован, каде што, според востановеното предание, беше извршен свечениот чин на Доксологија – благодарствено славословие кон Бога и молитвено спомнување на сите кои се бореле и паднале за верата, слободата и Татковината, а особено на хероите од Илинденското востание.
Пред собраниот верен народ, со сета своја архиерејска достоинственост, молитвена сосредоточеност и искрен родољубив дух, со свештениот чин чиноначалствуваше нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.
По отпустителните тропари на: светиот пророк Илија, светиот великомаченик Георгиј, светиот Климент Охридски, Чесниот и Животворен Крст, кондакот на Пресвета Богородица, како и по величественото Велико славословие, одекнаа усрдните прозби на братството. Се вознесоа молитви за нашиот благочестив народ, за секое началство и власт во државата, за оние што се поставени да му служат на општото добро, како и за мир, слога, правда и благосостојба во нашата Татковина.
Особено трогателна беше молитвата на Старецот за „вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во борбите за верата и Татковината, особено во Илинденското востание“. Во неа беа опфатени сите знајни и незнајни херои, сите отци и браќа наши кои јуначки се бореле, страдале, биле измачувани, заробувани и го положиле својот живот за слободата и достоинството на народот.
Пред Бога беа принесени и молитви за запазување на светата Црква, на нашата света Обител, на градовите и селата наши од секаква несреќа, разорување и меѓусебна неслога; Господ да го одврати секое зло, да ги успокои човечките срца и да нè сочува во мир и единомислие.
Во средишната молитва на Доксологијата, Му благодаревме на Седржителот Бог, Кој со Својата промисла го водел нашиот народ низ вековите, го утврдувал во верата, го крепел во ропството и повторно го превел во слободен живот. Воедно, од Него смирено измоливме да нè покаже достојни за слободата што сме ја примиле, да нè сочува во мир и единомислие и да нè упати кон секое добро и богоугодно дело.
По завршувањето на свештениот чин, нашиот сакан Старец им се обрати на присутните со пригодно и вдахновено слово, со кое духовно го осмисли празничниот спомен и значењето на жртвата положена во темелите на нашата слобода и државност.
Доксологијата заврши со пеењето на државната химна, чиишто звуци свечено се разлеаја низ Претечевиот храм, соединувајќи ги молитвата, историското паметење и надежта за иднината.
Нека човекољубивиот Бог ја чува нашата возљубена татковина Македонија во мир, слога и благосостојба! Нека ги просветлува и вразумува сите што се повикани да му служат на народот, нека ја укрепува Црквата Своја, нека ги закрилува семејствата и младите поколенија и нека всадува во срцата наши љубов, пожртвуваност, правдољубие и почит кон светата жртва на предците.
Вечен им спомен на сите паднати за верата и Татковината!
Честит и благословен Илинден!
На многаја лета, возљубена наша Татковино!





























