Со полно срце од Богородичната Градина – благодатен завршеток на светогорското поклонение

Нашето поклонение во Светата Гора Атонска, кое во изминативе денови, по милоста и застапништвото на Царицата Мајка, ни подари толку многу благословени средби, свештени богослуженија и незаборавни духовни доживувања, по Божјата милост заврши исто онака благодатно како што и започна – во молитва, во евхаристиско заедничарење и во монашката братска љубов на светогорските отци.

По историското празнично бдение и Божествената Литургија во свештениот Кутлумушки скит на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон во Кареја, каде што нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, за првпат богослужеше на Света Гора како архиереј, празничното торжество продолжи и во понеделникот, 28 јули/10 август, со литургиски спомен на ктиторите и добротворите на свештениот Скит.

Благодарствен спомен за ктиторите на Скитот

Со Божествената Евхаристија чиноначалствуваше Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, од Мексиканската митрополија при Вселенската Патријаршија, додека нашиот Старец молитвено присуствуваше на богослужението.

На архиерејот му сослужуваа годинашниот Протоепистат на Света Гора, старецот јеромонах Георгиј Ватопедски, епистатот старец јеромонах Теофан од Ставроникита, јеромонахот Силуан Филотејски, како и повеќе други светогорски отци. На чело на хорот на псалтите беше епистатот старец монах Тарасиј Кутлумушки, опкружен со мноштво отци. Посебен израз на братска љубов и почит од страна на дикејот на Скитот, јероѓаконот Хрисостом, беше поканата кон нашите архимандрити на Вселенскиот Трон, о. Кирил и о. Анатолиј, да застанат крај светогорските отци и да сослужуваат на Светата Литургија.

По евхаристиското собрание беше извршен молитвен спомен за ктиторите, приложниците и упокоените браќа на Скитот. Така, според древниот монашки поредок, празнувањето не заврши само со радоста на сегашниот миг, туку и со благодарното паметење на сите оние чиишто молитви, жртви, труд и љубов низ поколенијата го граделе и го запазиле ова свештено обитувалиште. Навистина, во монашкото предание благодарноста кон претходниците не е само почит кон минатото. Таа е свест дека никој од нас не започнува од себе, дека секој живее од нечии молитви и подвизи и дека она што денес го примаме како благослов е плод на нечие вчерашно себеодрекување. Со тој благодарствен и молитвен чин се заокружи прекрасното празнично торжество во чест на великиот Христов бесребреник и маченик Пантелејмон Чудотворец.

Во местото осветено од свети Никодим Светогорец

Оттаму нашиот поклонички пат продолжи кон свештената ќелија поврзана со великиот учител на православниот духовен живот, свети Никодим Светогорец.

Таму бевме срдечно пречекани од старецот о. Теонас јеромонах, чијашто едноставна монашка гостопримливост и срдечни зборови на љубов нè воведоа уште еднаш во онаа особена светогорска атмосфера, во која местата не сведочат само за историјата, ами го носат и живото присуство на оние што се осветиле во нив. Да се застане на место поврзано со свети Никодим значи да се допре еден од најдлабоките извори на поновото православно духовно предание – на човекот кој преку своите писанија, преводи и толкувања им ја предаде на поколенијата ризницата на трезвеноумието, умносрдечната молитва и светоотечкото богословие.

Од ова тивко прибежиште нашиот пат нè одведе кон западниот брег на Атон, кон свештената обител Ксенофонт.

Свечен пречек во Ксенофонт

При пристигнувањето во свештената обител Ксенофонт на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, му беше приреден официјален манастирски пречек од нејзиниот долгогодишен игумен, високопреподобниот архимандрит старец г. Алексиј, заедно со братството.

Под звуците на камбаните и во молитвената атмосфера на древната обител, Старецот и неговата придружба беа поведени кон величествениот соборен храм на светиот славен великомаченик Георгиј Победоносец, каде што, според светогорскиот поредок на свечено архиерејско иподохи, беа произнесени поздравни слова исполнети со особена срдечност и духовна содржина.

Обраќајќи му се на нашиот владика, старецот Алексиј најнапред ја изрази големата радост на Ксенофонтското братство поради неговото присуство и благословот што со себе го носи неговата архиерејска посета. Особено нагласи дека со внимание и духовна радост го следи неговото повеќегодишно црковно и монашко дело, неговиот подвиг и неговото служење на Црквата. Со искрени зборови му оддаде признание за миротворната улога што ја има во црковниот живот и за неговиот труд кон единството на православните.

Токму единството беше средишната мисла на неговото обраќање.

Старецот Алексиј потсети дека последната молитва на Господ пред доброволното страдање била Неговите ученици „да бидат едно“ и дека ова единство е суштински повик на секој црковен пастир. Човечкиот егоизам, рече тој, многупати го раздробува она што Христос го соединил, но Црквата и покрај човечките слабости продолжува да живее и да чекори низ историјата. Она што православните народи ги прави едно, нагласи почитуваниот Старец, не е националноста или земното потекло, туку заедничката вера и животот во Христа. Во тој дух се повика на апостолот Павле, кој сведочи дека во Христа исчезнуваат поделбите и сите стануваат едно. Затоа го охрабри нашиот Старец да продолжи да го укрепува токму тоа единство како архиереј и духовен отец на многубројни души, молејќи Го Бога да му дарува сила, просветление и благодат во неговото служење.

На крајот, старецот Алексиј го замоли и нашиот Старец да се моли за Ксенофонтското братство, та тоа непоколебливо да чекори по свештеното црковно предание и да ја достигне единствената вистинска цел на монашкиот живот – спасението, кое, како што напомена, не е човечко достигнување, туку дар на Божјата милост.

„И тогаш, кога бевме изолирани, овде се чувствувавме како дома“

Возвраќајќи на топлото поздравно слово, нашиот Старец со голема трогнатост му се заблагодари на старецот Алексиј и на целото Ксенофонтско братство за неочекувано свечениот и љубовен пречек.

Тој истакна дека ова негово доаѓање на Атон е историско за него, бидејќи првпат ја посетува Света Гора како архиереј. Но, уште подлабока радост за него претставува фактот што денес ова поклонение се случува во полно црковно заедничарење, по надминувањето на долгогодишната црковна изолација што толку многу тежеше врз нашата Црква и врз верниот народ.

Со посебна благодарност го спомна Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј и неговиот историски придонес во отворањето на патот кон повторното евхаристиско општење.

Старецот, притоа, се наврати и кон времето кога, и покрај тешката црковна состојба, Света Гора за него и за неговите духовни чеда останувала место на утеха, духовно закрепнување и потврдување во православното предание.

„Сè што научивме за духовноста и монаштвото“, беше суштината на неговите зборови, „го примивме од ова благословено место на Пресвета Богородица“.

Притоа, тој се присети на своето доаѓање на Атон пред триесет и шест години и на престојот во Григоријат, по кој, со Божјата милост, започна обновувањето на општежителното монаштво кај нас, заедно со уште двајца григорајтски монаси откај нас. Особено трогателно беше неговото сеќавање на првите средби со старецот Алексиј токму во Ксенофонт, уште во годините на црковната изолација. Иако формалните околности тогаш беа тешки, во личноста на ксенофонтскиот Старец тој почувствува нешто сосема поинакво: отворена врата, братско срце и љубов што не разликува од каде доаѓа човекот, туку во него гледа ближен во Христа. Владиката Партениј се присети на утешителните духовни зборови што тогаш ги чу од старецот Алексиј и кои, како што кажа, никогаш не ги заборавил. Токму во таквите средби ја препознал вистинитоста на апостолските зборови дека „сите сме едно во Христа“. Од тие први средби, продолжи тој, произлезе едно долгогодишно благословено духовно пријателство и соработка. Со благодарност ја спомна и љубовта што старецот Алексиј ја покажува кон нашите млади, помагајќи им во нивното школување и црковното образование.

Говорејќи од своето лично искуство, нашиот Старец забележа дека расколот никогаш не е само административна или канонска состојба. Тој лесно станува и духовна состојба – затворање на човекот во себеси и прекинување на чувството за соборноста на Црквата. Затоа го замоли искусниот светогорски духовник особено да се моли целосно да се надминат и последните траги на таквиот начин на размислување и во срцата на луѓето да се утврди радоста на црковното единство.

На ова старецот Алексиј едноставно одговори дека љубовта кон нашиот Старец и кон Бигорското братство е одамна дадена и несомнена. А за свечениот пречек, кој епископот Партениј го нарече неочекувана чест, Ксенофонтскиот игумен со својата карактеристична едноставност рече дека го направиле она што во тој миг им го диктирало срцето – со многу љубов.

Вечерен синаксис покрај еден старец со половина век игуменско искуство

По пречекот следуваше срдечно заедничарење со браќата на Обителта, а по вечерната богослужба, повечерието и поклонението пред многубројните чесни мошти и светињи на Ксенофонт, нашата поклоничка имаше особено редок благослов: заеднички синаксис со старецот Алексиј и неговото христоподобно братство.

Средбата се претвори во вистинска духовна трпеза.

Нашиот владика и ксенофонтскиот игумен разговараа за монашкото предание, за духовното раководење, послушанието, молитвата, животот на монашкото братство и за бројни собитија од поновата светогорска историја.

За нас беше особена привилегија да слушаме еден човек кој токму оваа година навршува педесет години игуменско служење во Ксенофонт – половина век поминат во духовно татковство, обновување на манастирот и раководење со монашката заедница.

Со живо паметење и со едноставност својствена на човек кој не ја раскажува историјата како нешто што го прочитал, туку како живот што го проживеал, старецот Алексиј говореше за старите ксенофонтски отци што ги затекнал при своето доаѓање во Обителта, за светогорскиот живот од едно друго време, како и за своите средби со големите современи светители и духовници – свети Порфириј Кавсокаливит, свети Паисиј Светогорец, свети Јаков Цаликис, свети Ефрем Катунакиски и други благодатни личности што го одбележаа црковниот живот на минатиот век.

Во неговите зборови немаше носталгија по минатото заради самото минато. Напротив, од секое негово сеќавање произлегуваше еден радостотворен призив: духот на отците не се зачувува со идеализирање на старите времиња, туку со истиот подвиг на послушание, молитва, смирение и љубов и денес.

„Денешната Литургија беше една Педесетница“

Утрово, во молитвеното присуство на двајцата старци, дедо Алексиј и дедо Партениј, нашиот архимандрит Кирил и јеромонахот Григориј имаа голем благослов да сослужуваат на Божествената Литургија со ксенофонтскиот јеромонах Лука Зографот и уште двајца свештенослужители.

И ова едноставно литургиско сослужување, без надворешна свеченост, имаше своја особена сила и благодатна длабочина. Она за што старците зборуваа претходниот ден – единството на Црквата – сега повторно се живееше во својот највистински облик: околу едниот Жртвеник и едната Чаша Христова.

По Литургијата следуваше заедничко послужување и дружење во свечениот манастирски синодикон, каде што двајцата старци повторно разменија зборови на љубов и благодарност.

Старецот Алексиј рече дека токму утринската Литургија за него била „една Педесетница“, бидејќи во неа сите го вкусија таинството на Црквата – единството, љубовта и заедницата на Светиот Дух, она што Христос им го оставил како свештено завештание на Своите ученици.

Тој Му заблагодари на Бога што ги удостои заедно да бидат сопричесници и на евхаристиската Трпеза и на трпезата на братската љубов. Потоа, тргнувајќи од убавината на обновениот манастирски синодикон, старецот Алексиј разви една прекрасна мисла за местото на убавината во православната духовност. Манастирите, рече тој, низ вековите создавале култура и убавина не поради човечко самоистакнување, туку затоа што сето убаво може да биде принесено во слава Божја и во чест на човекот, кој е образ Божји. Затоа, додаде, и храмот, и иконата, и резбата, и архитектурата, и грижливо уредениот простор треба да го одмораат човечкото око, но истовремено и да го воздигнуваат духот.

Света Гора е преполна со таква убавина: природата, историјата, манастирите, храмовите, богослужбата, тишината. Но поклоникот, нагласи старецот Алексиј, не треба да замине од Атон онаков каков што дошол. Од надворешната убавина треба да премине кон духовната, од видливото кон невидливото и од својот престој овде да понесе нешто што ќе го преобразува неговото секојдневие – молитва, љубов, мир и вкус од вечниот живот.

Гледајќи го нашиот Старец и неговата придружба, старецот Алексиј повторно изрази радост поради монашкото дело што расте околу него и се помоли Божјиот мир, оној „што го надминува секој ум“, да ги чува срцата и мислите на сите и да ги укрепува во духовниот подвиг.

Монаштвото како воплотена духовност

Одговарајќи му на дедо Алексиј, нашиот старец епископот г. Партениј истакна дека и овој пат во Ксенофонт ја почувствувал истата топлина на православниот дом што ја чувствувал и во минатото.

„И тогаш кога бевме во раскол и на некој начин се чувствувавме како прогонети“, нагласи тој, „овде секогаш чувствувавме дека сме во домот Христов“. Љубовта на старецот Алексиј, рече тој, не се гледа само во зборовите, туку се воплотила во самото братство и во сето она што го создала Обителта. Поврзувајќи се со мислата на својот домаќин за убавината, нашиот Старец нагласи дека православието токму затоа низ историјата оставило толкаво богатство од храмови, икони, песнопенија, книжевност и култура – затоа што е „воплотена духовност“.

Ние веруваме во најубавиот Христос, рече тој, и токму таа средба со Неговата убавина го поттикнува човекот и самиот да создава нешто добро, благородно и убаво.

Потоа повторно се осврна на огромното значење на Света Гора за Православието, но и, како што подвлече, за целиот свет. Со силна лична трогнатост раскажа како во времето кога кај нас, поради историските околности и комунистичкиот режим, кандилото на живата духовност било речиси изгаснато, тројца млади луѓе пред триесет и шест години дошле на Света Гора. Она што го примиле овде го понеле назад, и преку обновеното монаштво постепено повторно почнал да се оживува и подлабокиот црковен живот на народот. Во време кога многумина знаеле за Црквата главно преку празничното палење свеќа, монаштвото повторно го потсетило народот на исповедта, редовната Литургија, духовното раководство, молитвата и живото православно предание.

Старецот призна дека, додека бил млад богослов, често ги слушал благочестивите професори во Богословијата како велат дека без монаштво Црквата не може да го има својот целосен духовен здив, но тогаш не можел во полнота да ги разбере тие зборови. Дури кога самиот станал монах, го согледал огромната служба на монаштвото: кон Црквата, кон народот Божји, но и кон целиот свет, за кој монасите се молат непрестајно.

На крајот тој уште еднаш срдечно го покани старецот Алексиј да го посети Бигорскиот манастир, истакнувајќи дека посетата на еден толку искусен светогорски старец би била голема духовна поткрепа, радост и чест за целото наше монашко семејство.

Одговорот на старецот Алексиј беше непосреден и топол. Тој рече дека неговата љубов кон Бигорскиот старец и братството е нешто веќе дадено и утврдено, а желбата да го посети нашиот манастир одамна ја носи во своето срце и во своите планови. Доколку Бог даде здравје и можност, заклучи на крајот, ќе се потруди таа желба да стане стварност. Во знак и траен спомен на оваа благословена посета, старецот Алексиј му подари на нашиот Старец игуменска патерица.

Воедно изрази искрено восхитување од духовната обнова што се случила кај нас по падот на комунистичкиот режим и од улогата што светогорското монашко предание ја имало во тоа дело. Повторно потсети на зборовите на старите отци дека „монаштвото е ’рбетот на Црквата“: како што човечкото тело без ’рбет не може исправено да стои, така и црковниот живот се осиромашува кога монашкиот дух се потценува. Доволно е, рече тој, да се сетиме дека најголемиот дел од прекрасната химнографска ризница на нашата Црква е плод токму на монашкиот опит. Не го говориме тоа за пофалба на монасите, додаде, туку за да не ги занемаруваме вредностите што Црквата низ вековите ги препознала како суштински.

Не си заминуваме од Света Гора онакви какви што дојдовме

Со овие последни братски зборови, со благословот на старецот Алексиј и на христољубивото Ксенофонтско братство, се заокружи и нашето неколкудневно поклонение во Богородичната Градина.

Заминувајќи од Света Гора, срцата ни беа полни.

Полни со ликови на луѓе кои живеат скриено, а го носат светот во својата молитва. Полни со псалмопенија слушани во длабините на ноќта, со светлината тивка од пред чудотворните икони, со благоуханието на светите мошти, со тихованието во ќелиите, со братските прегратки на старците, со зборовите што не се кажуваат за да остават впечаток, туку излегуваат од живот поминат пред лицето Божјо.

Света Гора, како што често нè потсетува и нашиот Старец, не е само географско место. Нејзината вистинска граница не ја определуваат морето и атонскиот врв.

Атон е начин на живот.

Тој е предание што не е затворено во минатото, туку живее секогаш кога човекот ќе Му го отстапи првото место на Бога. Тој е тишина среде вревата, послушание среде самоволието, благодарност среде незадоволството, молитва среде расеаноста, љубов среде поделбите. Тој е постојано потсетување дека човекот не е создаден да остане затворен во себеси, туку да се преобрази, да стане простор за Бога и прегратка за другиот.

Затоа човекот никогаш вистински не ја напушта Света Гора, доколку понесе нешто од неа во своето срце.

Ако понесе малку од нејзината молитва во својата секојдневна врева; малку од нејзиното молчание во своите многубројни зборови; малку од нејзиното смирение во својата волја; малку од нејзиниот литургиски дух во своето секојдневие – тогаш Богородичната Градина продолжува да живее и подалеку од Атон.

За нас, пак, ова поклонение имаше уште една, многу лична димензија. Во текот на изминатите децении, врската на нашиот Старец и на братството со Света Гора не престанала да живее и да се продлабочува: таа се градеше преку плодна духовна соработка, заемни контакти и повеќекратни посети, во кои се утврдувале братската љубов и заедничкото монашко предание. Но ова негово доаѓање беше особено и историско, зашто првпат тој пристапи на Атон официјално како архиереј на Црквата Божја и првпат таму богослужеше како владика. Така, триесет и шест години по своето светогорско обитување, се врати таму каде што како млад искушеник ги примил своите први длабоки монашки впечатоци – сега како духовен отец, игумен и епископ, опкружен со дел од плодовите на она семе што некогаш било посеано во неговото срце токму на оваа света земја. И можеби токму во тоа се состои едно од најубавите таинства на Божјата промисла: благодарствената мисла колку многу Бог сотворил по патот.

Со неизмерна благодарност кон Пресвета Богородица, Игуменијата и Заштитничката на Света Гора, кон Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј за благословот, кон нашиот почитуван митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, кон дикејот на чесниот скит на свети Пантелејмон, о. Хрисостом, кон светогорската Свештена Заедница, кон светите игумени, старци и браќа од сите обители, скитови и ќелии што нè примија со толку многу љубов, си заминавме од Атон со едно едноставно чувство: добивме многу повеќе отколку што можевме да понесеме.

И затоа си заминавме благодарни – со молитва Бог да ја чува Светата Гора Атонска како будно кандило пред лицето на светот, како прибежиште на изморениот човек и како непрестајна молитва на Црквата; а она што го видовме, го слушнавме и го почувствувавме во овие благословени денови, да не остане само убав спомен, туку да стане живот во нашиот живот.

Пресвета Богородице, Чесна Игуменијо на Светата Гора, покривај нè со Својот мајчински омофор и удостој нè повторно да се вратиме во Твојата Градина – и уште повеќе: да ја живееме во срцата свои! Амин.