Честитка по повод именденот на Старец Партениј од неговите духовни чеда од Скопје

Со почит кон славењето на Свети Партениј Лампсакиски, чиешто име го носи возљубениот наш Отец


Возљубен отец наш Партениј…

Дару наш за утеха од Небесата…

Вие, кој нѐ љубите кротко и без укор… Вие кој нѐ примате при себе без приговори, како што тоа го направи и таткото од Евангелието, примајќи го назад својот блуден син…

Вие, кој секогаш притрчувате кон нас со вашите татковски прегратки, нѐ заштитувате со поуки и ни ја топлите душата со неизмерната љубов…

На Денот кога се слави Вашиот небесен заштитник Св. Партениј Епископ Лампсакиски, не можеме, а да не ја искажеме големата радост со која сме обземени. Треперат нашите срца од чувствата на силна љубов, утеха, поука, прегратка и надеж кои што доаѓаат од Вашата татковска заштита и Вашето молитвено застапништво за нас грешните Ваши чеда, сиромашни по дела.

Во мислите ни се бранува борба: што да направиме денеска на Вашиот именден за најмногу да Ве израдуваме и како најдостојно да Ви се заблагодариме што Ве имаме за наш духовен татко и патеводител кон Царството Небесно? Колку и да размислуваме, на крај, повторно ќе си спомнеме за она што Вие не’ учите, а тоа е дека, нашите молитви за Вас, се најголемиот дар пред Бога.

Затоа, еве сме во молитва и со кренати раце кон небото, со рој благодарности кон Бога што Ве испратил да бидете наш извор на љубов и свет пример, од кого учиме како со молитва да другаруваме со Светиите и како со величествени бденија и богослужби да покажеме почит и благодарност кон Бога за сѐ.

О, Старецу наш возљубен… Вашите поуки се неописливо мили за душата… Како благодатна утринска роса се нашите насолзени очи, кога ги гледаме Вашите дела кои што претставуваат пример за ревносно исполнување на Божјото слово.

Нам сиромашните со дела, ни преостанува постојано и постојано да Му благодариме на Христа за премногуте чуда и ислушани молитви; искрено и со коленичење, длабоко во душата, Го молиме да Ве закрепи, да Ви испрати ангелска заштита во секој Ваш подвиг Нему угоден, да ги чува братството, сестринствата и сите Ваши духовни чеда.

Богородица, нашата Мајка застапничка, да Ве води по патот за спасение на секоја душа… Од ден на ден, се’ повеќе да се множи нашето семејството и Вашите подвизи да дадат обилен плод на нивата Христова, „бидејќи жетвата е голема, а жетварите се малку “.

Радост наша, ПРОШТЕВАЈТЕ, ПРОШТЕВАЈТЕ, ПРОШТЕВАЈТЕ, за секоја непослушност, ненамерна и намерна грешка, скаменето срце, недолично однесување…

Бидете ни исполнет со благодат и радосен во Христа… И Ве молиме уште еднаш, молете Го Семилостивиот Бог наш да нѐ исправи и со нашето послушание и поправање на нашиот живот, да Ве направиме среќен Татко на бројното духовно стадо.

На многаја лета!

 

Вашите духовни чеда од Скопје