Честитка по повод именденот на Отец Партениј од вработените во „Ќуќата на Мијаците“

Со почит кон славењето на Свети Партениј Лампсакиски, чиешто име го носи возљубениот наш Отец


 

Иако можевме и да се наметнеме како Христови апостоли, но сепак, ние бевме меѓу вас така нежни, онака како што се однесува мајката кога ги дои своите деца. Така полни со љубов кон вас, бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги (1.Сол. 2, 7-8 ).

 

Овие зборови на големиот апостол Павле ги препознавме во Вас, Старче, во Вашиот Охристовен лик. Во љубовта со која нѐ подигнувате кога паѓаме, во топлината со која ни ги греете камените ни срца, во нежноста со која нѐ воспитувате, во трпението со кое нѐ раснете…

Благодариме за сето ова, но и за она кое не можеме да го видиме и чуеме, а што Вие за нас неуморливо го извршувате.

И како што еднаш ни кажавте: “Најлесно е коренче кое расне настрана да се откине и да се фрли, но тешко е да се исправи и да му се помогне да созрева”, така и ние, Вашите палави деца – Мијаци – преку Вашето трпение кон нас, созреваме одејќи по благословениот пат кој вие ни го покажавте. Ви благодариме за секој татковски совет, кој ни помогна не само духовно, туку и професионално да напредуваме, да имаме свој дом, свои семејства за кои повторно вие се грижите.

Наш Старче, татко наш и борец за спасението на нашите души,

На многаја лета!