Последниот пророк и првиот Христов апостол

Слово на Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, изговорено на Светета  Литургија, по повод празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри,

Во црковната песна посветена на св. Јован Крстител и Претеча Господов, се вели: Реката Јордан се обновува, бидејќи ја гледа убавината на човековата душа, којашто била создадена во првосоздадениот Адам. Постојаната молитва ги воздигнува умот и срцето кон небото, а св. Јован, пак, дојде да ги израмни патеките по кои треба да одиме кон Изворот на животот. Доаѓа да го наговести доаѓањето на Сонцето. На Сонцето Кое го осветлува и осветува секој човек, доколку го послуша гласот на Претечата и доколку својот пат го приготви со покајание.

Ја знаеме историјата за раѓањето на св. Јован од престарените родители Захариј и Елисавета. Во престари години, Бог им дава рожба, но не како плод на телесното спојување, туку, според Неговата најголема милост, подготвувајќи за Себе пат за доаѓањето во светот. Св. Јован расте сам во пустината. Расте без никаква човечка закрила, туку, опстојува благодарение на милоста Божја која постојано била врз него. 

Кога ќе наполни триесет години, односно, откако стекнал полнолетство според еврејскиот закон, почнал да проповеда покајание, наговестувајќи го царството небесно. Ќе го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштение за простување на гревовите. Кога ќе го прашаат кој си ти, им одговарал: „Јас крштевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Он е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови“ (Јн 1,26-27). Но, кога дошол Христос да биде крстен од Јован, Јован Го препознал и видел дека не е обичен Човек. Препознал дека е Он, Оној за Кој тој слушал, за Кого зборуваат неговото срце и душа и се исплашил да Го крсти. Господ му вели: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Мт 3, 15). Христос како да му вели: Потребно е да го избавиме човечкиот род и да го помириме со Бога, со Небесниот Отец и да му дадеме можност да се врати во домот небесен. Откако кај Јован пристапил Оној Кој доаѓа по него и кога застанал пред него, Јован покажал на Христа Спасителот, велејќи: „Еве Го Јагнето Божјо!“ (Јн 1, 36).

Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј

Од овој момент Јован, со уште посилен глас почнал да труби, проповедајќи покајание и да го изобличува гревот. Ги изобличувал садукеите и фарисеите, повикувајќи ги да направат плодови достојни на покајание, за да го избегнат идниот гнев Божји. Како проповедник на вистината, како пророк и ангел, испратен пред лицето Господово да Му го приготви патот, Јован не се плашел да ја изнесе сета вистина, за сите да ја слушнат. Не се плашел да ја изобличи неправдата и кај самиот цар Ирод. Му укажувал: „Не ти е позволено да ја водиш жената на твојот брат!“ (Мк 6, 18) Поради изобличувањето, Ирод го фрлил во темница и, во една неморална веселба, кога царот бил фасциниран од забавата и од играњето на Саломија, неговата поќерка, ѝ понудил дури и половина од своето царство. Но таа, поучена од својата лукава мајка Иродијада, ја побарала главата на св. Јован Крстител на табла. Така бил убиен св. Јован, со отсекување на неговата праведна и света глава.

Страшно злодело! Но, ниедно злодело не останува без наказание, односно, без казна. Господ покажува дека за такво злодело, „наградата“ е иста казна. По некое време, кога Ирод бил симнат од престолот и бил испратен во Галија, денешна Франција. Еден ден, ќерката на Иродијада, Саломија, одлучила да помине преку замрзната река и, во еден момент, мразот се скршил и паднала со нозете во реката, а главата и останала над мразот. Како што играла на веселбата пред Ирода и пред неговите гости, така, сега со нозете играла во ледената вода, а мразот и ја отсекол нејзината глава. Така, беззаконата Иродијада, посакувајќи да ја има на табла главата на св. Јован, сега ја прима, исто така, на табла, главата на сопствената ќерка, а преку тоа, го видела судот Божји. Едната глава била отсечена за вечен живот а другата за вечни маки и страдања.

Овој пример нè поучува како да се однесуваме во нашиот живот, со нашите зборови. Нè поучува како треба да се однесуваме и кон оние што честопати не се најкоректни со нивните зборови кон нас, затоа што, ние, грешни луѓе, склони сме да го слушаме само она што ни се допаѓа, но, честопати, тоа не ни носи никаква корист.

Денеска прославуваме еден тажен настан. Но, во исто време и се радуваме. Се радуваме затоа што громогласната труба, гласот на оној што вика во пустината и во нашите оладени срца и совест, нè буди и нè повикува, укажувајќи ни на патот што води кон нашиот Спасител. Затоа денешниот ден е и тажен и радосен. Жалосен е бидејќи, ние, според човечкото разбирање, остануваме без молитвеник, немаме патеводител, немаме учител, нема кој да тагува за време на нашите душевни и телесни страдања. Од друга страна, пак, ги помниме смртта и страдањата на Христа, на Оној Кој го победи злото, а смртта на Јован Претеча ни дава гаранција дека тој, сега, како угодник Божји, се наоѓа пред Престолот Божји и е наш молитвеник пред Бога. Тој постојано се моли за нас коишто го прославуваме и го почитуваме неговиот спомен. На сите иконостаси во црквите, св. Јован се претставува веднаш до Господа Христа, кој, заедно со мајката Божја, ги принесуваат нашите молитви.

Св. Јован се јавува како последен пророк и прв Христов апостол. Се јавува како прв маченик и исповедник. Ни дава пример како треба да живееме. Ни дава пример како да ја чуваме нашата вера и како треба да бидеме предани кон нашиот Божествен Учител, покажувајќи ни го патот по кој треба да одиме кон тивкото пристаниште во царството небесно. Амин!