Земјоделецот и маслинките

Еден земјоделец посади млади маслинови дрвца, па упати молитва кон Бога:

-Господи, те молам, испрати им дожд на моите маслинки.

И Господ испрати дожд. Маслиновите дрвца се напоија од влагата, а земјоделецот продолжи да се моли:

-А сега, Господи, испрати многу сонце, на моите маслинки им треба многу топлина.

И Господ испрати сонце. Дрвцата добро напредуваа. Земјоделецот продолжи за нив да се моли:

-Господи, сега испрати малку мраз, за младите дрвца да го зацврстат својот корен и гранки.

Господ испрати мраз… но младите стебленца не го издржаа тој мраз. Тоа го нажали земјоделецот. Почна да тагува и очајува. Појде тој кај друг земјоделец, за сѐ да му раскаже и тагата со него да ја подели.

-Имам и јас млади маслинови дрвца. Погледај! – му рече другиот земјоделец.

Неговите маслинки беа убави.

-И јас се молам за нив. Но кога упатувам молитва кон Бога, Му велам: Господи, Ти си Творец на целиот свет, па и на моите маслинки. Ти најдобро знаеш што им е потребно!

Ова истото важи и за нас луѓето. Ние често Му се молиме на Бога да ни го даде она што, според нашето мислење, ни е неопходно. Но само Господ знае што навистина ни е потребно.