Оваа ноќ ѝ носи мир и тишина на целата вселена. Оваа ноќ Му припаѓа на Кроткиот, затоа нека секој ги остави суровоста и гневот, нека секој се воздржува од гордост и чува од високоумие. Сега заблеска ден на милоста, никој да не возвраќа за нанесената навреда; настана ден на радоста, никој да не биде причина за болката и тагата на другиот. Еве ден на благоволението, да се воздржува секаква јарост; еве ден безоблачен и јасен, да се заузда гневот што мирот и спокојството го нарушува; еве ден, во кој Бог слезе кај грешните за да се посрамат оние што со својата праведност пред грешниците се фалат.
Свети Ефрем Сирин
Тивка Божикна ноќ во Бигорското светилиште. Свечените тонови на бадниковите каланди за миг извираат од архондаричката одаја и се губат во далечината, не нарушувајќи го мирот што владее во нас. Ако има нешто по кое во манастирот се препознава божикниот дух овие мигови, тое е она мирно спокојство во кое се завиткани нашите души, токму мирот што нашиот Спасител го донесе на земјата со Своето Рождество. Нашата обител, потоната во молитвена тишина и покрај големото мнозинство верници што пристигнаа со нас да ја прослават оваа божествена посета од небото, полека се подготвува да Го прими и достојно пречека Богомладенецот, Кој ноќва се раѓа од пречистата утроба на Дева Марија, за да ја врати смислата на човечкиот живот и на светот да му ја објави новата надеж. Доаѓа тивко, нечујно се вселува во отворените срца коишто со смирена радост и копнеж Го очекуваат, и тука си прави Свој дом, озарувајќи ги со светлината на Рождеството и изгонувајќи го мракот на гревот. Од раскошно украсениот Бигорски храм, достоен за Неговата слава, прави Своја скромна пештера, налик на онаа во која како Човек дојде на земјата, невидливо за овој суетен свет, и тука, како некогаш од ангелите, пастирите и мудреците, снисходливо го прима нашето радосно славословие, и не само што ги прима нашите срца што му ги принесуваме на дар, туку вселувајќи се во нас, и Самиот нѐ дарува со изобилство на благодат, радост, мир, спокојство, утеха. Оваа рождественска ноќ, сепак, Му принесуваме на дар и нешто повеќе: Му го принесуваме умилното пеење на чистите детски срца од средното музичко училиштето во Битола, кои за ова сеноќно торжество посебно се подготвија, и пристигнаа во манастирот заедно со својата професорка Магдалена Наумоска за да ја споделат радоста и благодатта на Божикната Литургија, преплетувајќи се со слаткогласниот хор на бигорските псалти во едно чудесно созвучие. Нивните светнати лица и радосните насмевки ни сведочеа дека оваа ноќ божественото Дете навистина благодатно се роди во нивните срца, како и во срцата на сите присутни што умилно и со страв Божји се причестуваа со светите Христови Тајни.
Но она што ги отвори нашите срца и ги направи приемчиви за благодатта што требаше да дојде беше богоисткаеното слово на севозљубениот наш духовен татко и игумен, архимандритот Партениј, кое како божествена роса се спушти во самата длабочина на нашето битие и ги отвори портите за небесниот Посетител:
„Преподобни отци на оваа Свештена, богочувана и славна Бигорска Обител, највозљубени мои браќа и сестри, духовни чеда и пријатели, вие што со најчиста ревност сте дошле од сите краеви на нашата Татковина да пребивате во ова богоозарено Светилиште на Светиот Претеча и да го прославите заедно со нас овој божествен празник на љубовта, мирот и радоста, празник со кој започна нова епоха во човечката историја!
Навистина чувствувам, возљубени мои, дека во овој час, сите ние заедно, духовно и таинствено стоиме пред малата, скромна Пештера во Витлеем, таа земна палата на Небесниот Цар, пред смирените пастири и боговдахновени мудреци, опкружени со безбројното воинство ангели. Стоиме молитвено со души приклонети кон Преблагословената Владичица наша Богородица, со срца подарени на најпрекрасниот Богомладенец. Поклоници на божественото Новороденче, во вашите зарадувани срца го слушам, на вашите озарени лица го гледам испишан ангелскиот поздрав со кој е возвестено Рождеството Христово:
„Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
Никогаш во историјата на човештвото не се случило некое друго раѓање да било вака торжествено објавено. Никогаш со толку радосен восклик не бил поздравен некој друг почеток на живот на земјата. Оние што земно гледаат и земно размислуваат ја гледаат само скромната пештера и јаслите со животни, но, ние верните ги гледаме и ангелите со своите милозвучни химни, го гледаме блесокот на светлина што го отвори небото во таа тивка ноќ, го слушаме тој торжествен восклик и знаеме дека секој збор во него одѕвонува со надеж и голема радост:
„Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
Ете со такво небесно, ангелско славословие на Божјото величие Мирот слегуваше на земјата, како утеха на човештвото. И се пренесува овој ангелски глас по целата вселена со векови и векови, ги огласува висините небески, ги исполнува длабините морски, ги раскопува бездните земски, ги растресува возвишенијата горски. Зашто дојде на овој свет Оној Кој требаше да дојде за спасение на родот човечки; слезе Оној, Кого Бог им Го вети на нашите прародители, изгонети од Рајот; Оној, Кого незнабожечките народи и племиња само површно и матно Го насетувале; Оној, за Кого пророците еврејски јасно пророкувале; Оној, по Кого немоќното и изгубено човештво илјадници години со надеж воздивнувало. Безгрешниот се јави меѓу грешниците. Еве, Он засветли на земјата, како сонце после долга ноќ. Па затоа, кога ќе кажеме дека Христос се роди, ние исповедаме и сведочиме дека Единиот Човекољубец го одржа Своето ветување, дека се исполнија насетувањата и очекувањата човечки, се остварија зборовите пророчки и во радост се претворија човечките воздишки. Нашиот Спасител Господ Исус Христос дојде како радост за светот, дојде и го пополни длабокиот јаз помеѓу Бога и човекот, го урна непробојниот ѕид помеѓу Творецот и созданието. Он е светлина на светот (Јован 8,12), зашто со Божествената вистина го осветли патот кон Бога, покажувајќи ни ја суштината на целиот живот и крајната цел на сите човечки желби и барања. Он е најголемата радост која слезе од небесата на земјата покриена со темнина и смртна сенка, обвиткана во незнаење, грев, немоќ и бесславие. Христос е радост за светот, зашто Он им ја јави на луѓето силата на себепринудување за духовно пресоздавање, за ново преродување одозгора (Јован. 3,3), во коешто е полнотата на животот, а, следствено и на радоста. Самиот Син Божји се роди од Пречистата Дева, и снисходејќи ни, Он стана Човек, нам сличен во сѐ, освен во гревот. Како пратеник на радоста ја посети земјата обвиткана во жалост. И живееше како Богочовек, исполнувајќи ја волјата на Бога Отецот, им служеше на луѓето со радост, им ја благовестеше на изморените и обременетите, на бедните и заробените, на немоќните и болните, благопријатната Господова година, година на успокоение, на ослободување, на сила и исцеление – им го благовести новото време на радоста (сп. Лука 4,28). Со радост Он ги понесе сите навреди, лишувања, гоненија, страдања и смрт. За Него беше голема радост да ја исполнува волјата на Бога Отецот и да му служи на човекот, Неговото создание, со бесконечна пожртвуваност.
Но, Христос е спасение за луѓето од сите епохи. И ден денес, во ова наше богоотстапничко совремие, „прогонетиот од Исток и презрениот на Запад“ Христос, како што Го нарекува богомудриот светогорски Старец, Архимандрит Георгиј Григоријатски, и понатаму останува единствениот излез од безизлезот, единственото ново под сонцето. Ете, пред нашите очи гледаме како сè повеќе воскреснуваат старите пагански антинорми и антивредности, се проповеда лажна и погубна наука, востанува стариот, безбожен, деструктивен дух на омразата, раздорот, понижувањето и уништувањето. Апсурден е секој обид на носителите на тој западен безбожнички дух да воспостават некаков мир на земјата, кога и самите се лишени од единствениот вистински мир. Зашто, тие Го презреа и отфрлија Кнезот на мирот и поради тоа зад себе оставаат само безредие и раздор. Ветуваат просветление, а донеле само мрак и пустош во срцата и мислите; возвестуваат слобода, а со демонските вериги на гревовите и страстите оковале милиони млади души. Се покажуваат како застапници на правдата, а злорадосно молчат за неправедното и систематско уништување на Христијанството во источните земји и насекаде во светот, а ништо помалку и кај нас.
Тие мрачни и разорни сили, надахнати од поднебесните духови на злото (Ефес. 6,12), лукаво продираат и во нашето православно општество и со својата лажна филозофија и празна измама (Колос. 2,8) ги поткопуваат од темел нашите вековни, христијански морални вредности. Меѓутоа, имајќи ги на ум Господовите зборови дека: Царството небесно насила се зема и силните го грабаат (Матеј 11,12), да се спротивставиме на злото што ни се заканува, како храбри Христови воини, откако ќе се вооружиме со љубовта Христова и ќе се утврдиме, живеејќи побожен светотаински живот во Црквата, која е коработ на вечното спасение. Да се угледаме на богоносните предци наши, цврсто да се држиме до нивната и наша вера и да ги воспитуваме во неа нашите синови и ќерки, знаејќи дека ниту нашите предци ја изневерија таа вера, ниту, пак, таа ги посрами нив. Зашто сѐ друго од овој свет поминува и исчезнува, како што тоа премудро го кажал великиот отец на Црквата, преподобниот Ефрем Сирин: „Богатството се исцрпува“, вели тој, „славата поминува, убавината овенува, сѐ се менува и одлетува како дим, исчезнува како сенка, се заборава како сон“. Единствено Христос вечно ист останува, и затоа само Он може да се нарече Вистина.
Така, овие денови, кога ќе го изговорите серадосниот божиќен поздрав: „Христос се роди!“ – знајте дека со тоа вие го сведочите доаѓањето на Вистината на земјата. Јас сум Патот, Вистината и Животот – рекол Господ (Јован 14,16). Вистината не е предмет или, пак, некој безличен апстрактен поим, таа е Личност, онаа иста Личност, Која денес се раѓа во Витлеемската пештера. И попусто денешниот обезбожен човек заблудено талка по густата шума на разни површни и лажни филозофии, идеологии и мислења, барајќи го одговорот на прашањето: „Што е вистина?“ Нема никогаш да го најде таму каде што го бара. Ете зошто ние, Христијаните, сме повикани на светот што нѐ опкружува да му кажеме и со својот побожен живот во Христа да му покажеме Кој е вистината; да му одговориме дека Вистината е Личноста Која денес се раѓа од Пречистата Дева Марија и ја зема нашата човечка природа за на сите нам да ни биде пристапен и сите да нѐ придобие и спаси.
Нека милостивиот Христос, по молитвите на Својата преблагословена Мајка и Владичица наша Богородица и на сите Светии, оваа ноќ ги исполни нашите души со Својата серадосна и неискажлива рождественска благодат, та да заприлегаме на преисполнет кладенец од кој блика чиста вода и ги напојува жедните цветови околу себе.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!