Филигрански крст

Филигранството е повеќе уметност отколку занает, уметност во која доаѓаат до израз сета вештина и целото богатство на креативниот дух на мајсторот. Оваа уметност бара големо трпение, љубов кон убавото која само најголемиот Уметник може да ја вдахне во човек и која доаѓа како одраз на големата вера и љубов кон Бога. Нашата земја низ минатото била препознатлива токму по ваквите надарени уметници и нивните уникатни филигрански дела. По нашите музеи сѐ уште можат да се видат тие изблици на македонскиот креативен дух, обликувани од најтенки сребрени нишки, кои и ден денес ги восхитуваат сите со својата убавина. Но духот на новото време направи полека да бледнеат и да се губат сите овие облици на занаетчиското творештво, па сега многу е мал бројот на оние што сѐ уште ги познаваат тајните на филигранскиот занает. Можеби затоа нивните филигрански дела се многу ценети. Радува сепак сознанието дека овој занает сѐ уште опстојува кај нас, а потврда за тоа се и младите изработувачи на филигран, Игор Димковиќ и Ема Абазовиќ Димковиќ од ателјето „Бореј“ во Скопје, кои со особена умешност творат прекрасни филигрански композиции, надоврзувајќи се на богатата филигранска традиција на нашиот народ. Бевме пленети од убавината на филигранскиот архимандритски крст, кој тие со посебно внимание го изработија за нашиот старец, архимандрит Партениј, како подарок од страна на благочестивата Марија Мирчевска од Скопје. Крстот пристигна во нашиот манастир токму пред празникот на Рождеството Христово и му донесе голема радост на нашиот возљубен игумен.