Црквата Христова се ослободува од жалоста и од мракот на ересите, и ја облекува ризата на радоста, и со божествена и светлоносна благодат се покрива (Од Канонот на Утрената богослужба)
Денес Црквата слави и торжествува во победата. Ликува во радост, и небесната Црква победничка, и земната Црква воинствена, славејќи ја полнотата на Божеството на земјата во Овоплотениот Син Божји, во Телото Негово, кое сме сите ние. Зашто ние припаѓаме на Црква која, според зборовите на Апостол Павле е столб и тврдина на вистината (1. Тим. 3,15). Не некој друг, туку Самиот наш Господ неа ја основа и ни ги предаде во завештание чистотата на учењето и апсолутната Вистина. И колку оваа наша Црква се борела низ вековите да го одржи тој завет непорочен, да ја запази таа чистота во борбите со непријателот на Вистината! Колку само жртви биле дадени за да израсне семето на верата и да даде плод обилен; колку многу маченичка крв била пролеана низ духовните арени, колку борби со лажните учители и молитвени подвизи на ревнителите за верата за да се зачува во чистота ова свето Православие, што ни е предадено да го живееме денес! Една од најголемите свои победи Црквата ја извојува кога си го одбрани правото да го почитува и да му се поклонува на образот на Христа, на Мајката Божја и сите Светии, зачувувајќи ја неприкосновена и тајната на Боговоплотувањето. Сега, пак, Црквата продолжува да празнува и до крајот на светот победоносно ќе го слави јавувањето на образот на Живиот Бог, Кој е прекрасен во Светиите Свои.
Овој победнички дух на Црквата силно се почувствува и во нашите манастири, исполнети со многу верници кои пристигнаа да торжествуваат заедно со браќата и сестрите на монашките обители. Каков силен восхит заради неприкосновената победа на Православието над сите светски соблазни ги исполни сите, кога нашиот најсакан Старец, Архимандрит Партениј, со моќен глас го прочита во храмот Синодиконот на Православието! И колку трепет во срцата разбуди неговото празнично слово со кое тој повторно низ солзи си спомна за распетието што денес го поднесува нашата Татковина. Но, нескриена беше и неговата огромна надеж и цврста вера дека нашето Православие одново ќе придонесе да се надминат сите кризи и искушенија во кои ни се наоѓа земјата:
Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во манастирската трпезарија, за Неделата на Православието
Господ да ни дава благодат, мили мои, да бидеме достојни на големото, превозвишено име што го носиме – името православни Христијани! Додека го читав пред малку во храмот Синодиконот на Православието, определен од светите отци за овој ден, во кого, патем, ги слушавме сите тие имиња на великаните на православната Црква, вклучително и на нашите рамноапостолни отци, славјанските учители и просветители Кирил и Методиј, Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, солзи ми надојдоа во очите. Се запрашав во себе: достојни наследници ли сме ние на тие отци Божествени? И достојни ли сме на името православни Христијани, воопшто? Зашто тоа име подразбира припадност, своина и наследство Христово. Од новозаветната книга Дела апостолски дознаваме дека за прв пат името Христијани се употребило во античкиот град Антиохија и ги означувало Христовите следбеници: И најнапред во Антиохија ги нарекоа учениците Христијани (Дела 11,26). Иако од градот Антиохија останале само урнати, сепак на тоа значајно историско место за Христијанството денес нè потсетува Антиохиската Патријаршија, една од древните пет Патријаршии, со седиште во Дамаск. Од Антиохија, значи, се раширило тоа свето име насекаде до каде што продрело Христовото Евангелие. Меѓутоа, уште од самиот почеток, уште од времето апостолско, се појавиле и такви, кои, иако се именувале со тоа свештено название, не се покажале достојни за него. За лажните браќа и учители ни сведочат и Апостолите Петар и Павле во своите посланија, како и Апостолот Јован Богослов во Откровението; впрочем и Самиот Спасител, Господ Исус Христос предрекол дека меѓу Христијаните ќе појават лажни христоси и лажни пророци (Матеј 24,24) И не само оние што лажно и погрешно исповедаат и учат за Христа и за Неговото учење, туку и сите што не се трудат да ја сведочат верата Христова со дела, може да се наречат лажни Христијани, недостојни да го носат тоа свето име.
Како, пак, да бидеме нелажни Христијани, просветлени од Божјото откровение? Единствено преку нашето смирение во Бога. Да застанеме за миг мисловно пред трите крста на Голгота. Во средината се наоѓа Христовиот Крст, лево од него е крстот на разбојникот, кој во своето несмирение хулеше на Христа и не сакаше да се покае за гревовите, а десно – крстот на благоразумниот разбојникот, кој во смирение и покајание Го препозна Христа како Бог. Гледате, Крстот Христов се издигна на местото Лобно крај Ерусалим за спасение на оние што со смирение Го признаваат Христа за Син Божји и Спасител, и за погибел, за жал, на оние што не сакаат да се покаат. Во еден црковен тропар се вели: „Среде двајца разбојници, Твојот Крст се покажа како праведно мерило; едниот го упатува во адот поради тежината на хулењето, а другиот, пак, се олеснува од гревовите поради познанието на богословието; Христе Боже, слава Ти!“ За разбојникот од десната страна, Крстот Христов стана скала што го возведе до небесата и до познанието на Воскресението и вечниот живот, додека за разбојникот од левата страна, крстот се покажа како скала што го одведе во амбисот на погибелта.
Таа Голготска драма се повторила многупати низ историјата, а Крстот Христов останал и понатаму непоклатно „мерило на правдата“. Колку пати само востанале силите на мракот против Крстот Христов и Црквата Божја и каква сè не жестокост и злоба покажувале против нив! Но, накрај Црквата секогаш победувала, бидејќи имало дејствителни Христијани што неотстапно сведочеле и се бореле за вистината, па макар и по цена на сопствените животи.
Денес, во Првата недела од Чесниот Пост, празнуваме една таква блескава победа на Црквата, со која било востановено почитувањето на светите икони и надмоќта на православната вера над сите ереси и кривоверија. Историјата ни сведочи дека во Византија, во два наврати имало страшни гонења против почитувачите на Божествените икони, но и во двата наврати иконоборците биле срамно поразени. Колку и да се чинела нивната сила голема, сепак, таа била немоќна против искрените пријатели Божји, просветлени од покајанието и смирението, преку кои постанале органи на Светиот Дух, гласници на Вистината. Преку тие свети луѓе Бог ја покажал Вистината за победник, така што денес ние ги имаме светите икони како скапоцен украс во нашите храмови, со посредство на кои, како што слушнавме од Синодиконот, се осветуваат нашите очи, а умот ни се издигнува кон богопознание. Тука ни е и Светиот Божествен Крст на Спасителот наш Исус Христос, кој и денес, според зборовите на Свети Апостол Павле, е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја (1. Кор. 1,18). Зашто, ако погледнеме внимателно, и во наше време светот е поделен на два табора: едните, кои хулат на Христа и на Црквата Негова, а другите – кои во покајание смирено Му служат. А, исто така, имаме и такви што се именуваат себеси Христијани, но со своите дела и лукавство повеќе наликуваат на сатанска збирштина, како што се изразува Св. Јован Богослов (сп. Откр. 2,9;3,9).
Бог е пријател на смирените. Во сета Своја мака и страданија на Крстот, Он не го пренебрегна разбојникот од десанта страна кој бараше спасение, туку со најголема љубов и внимание му ги упати прекрасните зборови: Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот! (Лука 23,43) Чудесен е Бог! Доколку се смириме, Он ќе го отвори за нас богатството на Својата благодат, од кое ќе се исполниме со просветление и богопознание. Затоа и Св. Јован Крстител постојано повикувал: Покајте се, зашто се приближи Божјото Царство, знаејќи дека Царството се крие во смирението.
Следствено, да се уподобиме во покајанието, мили мои, на разбојникот од десната страна на Крстот и во смирение да извикуваме: „Спомни си за мене, Господи, во Царството Свое!“ Зашто, голема одговорност имаме како православни Христијани! Кога бев мал научив дека сме православни Христијани од мојата покојна баба. Имено, во еден разговор дома – бидејќи во тоа време беше речиси невозможно да се слушне нешто добро за верата на школо или каде било надвор, а и ако се слушнеше нешто тоа можеше да биде само исмевање и хула – мојот стрико ја запраша баба ми: „Кажи ми, мајко, какви Христијани сме ние“. И баба ми му одговори: „Ние сме православни Христијани“. Во таа прилика, всушност, за прв пат го слушнав зборот ’православни‘, кој ми прозвучи многу убаво. И оттогаш, уште како дете, почнав да се радувам затоа што сме православни Христијани, затоа што право веруваме и право Бога Го славиме. Тоа чувство на радост секогаш го носев во срцето и сакав сè повеќе да се доближувам до Бога и за Него да учам. Си велев: ние сме православни, а многумина не се. Значи, ние сме удостоени да бидеме во правата вера. Бог, по Неговата неискажлива милост, нè удостоил да се родиме во единствената права вера, богооткриена од Адама па до денес, преку пророците, апостолите, светите отци, мачениците… Слушнавме пред малку на Светата Василиева Литургија, како во една молитва се спомнуваат сведоците што во континуитет го пренесувале Божјото откривање: „не си го отфрлил до крај Твоето создание што си го создал, ниту си ги заборавил делата на Твоите раце, Благи, туку поради добросрдечноста на Твојата милост си нѐ посетил на многу начини: си испратил пророци, си направил чуда преку Твоите светии, кои Ти благоугодувале во секој род; Ти си ни зборувал преку устите на Твоите слуги ‒ пророците, предвестувајќи ни го идното спасение; ни даде закон за помош; постави ангели чувари, а кога се исполни времето, ни проговори преку Самиот Твој Син, преку Кого си ги создал и вековите“. Ете, тоа е нашата вера православна: место каде што Бог постојано им се открива на луѓето, општи со нив, ги приведува при Себе. И навистина, Бог е најблиску до православните. Таа близина, пак, може најсилно да се почувствува во православниот храм на Светата Литургија. Тоа го потврдиле и многу инославни и иноверни, кои кога прв пат влегле во православен храм на Света Литургија, се почувствувале најубаво во животот, како во домот на Отецот небесен. Многумина од нив посакале да станат православни – ја откриле вистината.
Така, голема одговорност имаме како носители на Вистината, а и тешки последици доколку не се трудиме да ја зачуваме чистотата на верата онака како отците за кои читавме денес, кои до смрт биле подготвени да сведочат за неа. Оти, кога станува збор за чистотата на верата, компромиси не се дозволени. Гледаме од историјата: кога православните народи ќе застранат од правиот пат, ги снаоѓаат големи искушенија. Исто како и древниот Израил во Стариот Завет, кој беше единствен носител на Божјото откровение; кога ќе се оддалечел од таа вистина, тој на многу начини бил казнуван и честопати во ропство предаван. Ете зошто и ние православните денес сме многупати казнувани од нашиот возљубен небесен Татко, Кој на тој начин нè воспитува да ја пазиме неотстапно вистината до крајот на светот и вековите. И оваа сеопшта криза што ни се случува во државата е последица од нашето отпаѓање, или недоволно почитување на боготкриената вера. Затоа, да се молиме на сите свети отци, особено на нашите духовни татковци, Светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, да се застапуваат пред престолот на Господа Исуса Христа, за целиот наш народ да се вразуми и да се обрати кон вистината. Па така, Господ ќе ни ја сочува оваа наша мала Татковина родена во многу крв и нема да дозволи да имаме нови страданија како во последните стотина години. Оти, ако погледнеме наназад во историјата, ќе видиме колку многу нашиот народ страдал: крваво задушеното Илинденско востание, Балканските војни, двете светски војни, годините меѓу нив… А и после Втората светска војна, па сè до осумдесеттите години, иако навидум имавме своја држава и надворешен мир, затворите ни беа преполни, не толку со разбојници, колку со политички затвореници, од кои многумина се жртвуваа за историската правда и слобода на нашата земја-маченица, како што и светите отци исповедници се жртвуваа за чистотата на верата. И токму поради жртвата на сите оние што ги положиле своите животи на олтарот за слободата на верата и Татковината, Господ да ни ги сочива и двете неповредени до крајот на овој преоден век. Амин!
Во продолжение, игуменот Партениј му се заблагодари на големиот пријател на Бигорската Обител, почитуваниот г. Андреј Куку, кој на нашата голема радост, го сподели денешниот ден со нас:
„Особена чест ми е да ви го претставам директорот на компанијата ’Лукоил Македонија‘, нашиот скапоцен пријател и брат во Христа, благочестивиот г. Андреј Куку. Денес тој, со својата сопруга Марија, се молеа заедно со нас на светото богослужение и се причестија со светите Христови Тајни. Андреј Куку е главниот виновник што нашиот манастир се грее во зимниот период и може непречено да ги извршува своите дејности. А, знаете, тоа не е мала квадратура – над 10 000 метри квадратни корисна површина! Затоплувањето на толкав простор повлекува навистина многу средства. Исто така, и камбаните од црковната камбанарија, што благовестат за свештените богослуженијата и за радоста во Христа, ги подари лично тој, од своите семејни средства. Нека е од Бога благословен, и тој, и целото негово благочестиво семејство, бидејќи се покажа вистински Христијанин на дело! Морам да кажам дека за нашите манастири тој направи многу, повеќе дури и од многу поимотни Македонци. Затоа, ве замолувам, да се помолите за благослов на неговиот дом и напредок на неговата компанија. Ние се надеваме дека и неговиот наследник ќе го има истото благочестие и љубов кон православните светињи, и ќе продолжи да го помага нашето братство за тоа да може да ја спроведува својата евангелска мисија“.