Повик за торжествен пречек на иконата Скоропослушница во Струмица

Почитувани верници и наши читатели,

Ве известуваме дека во Втората недела на Чесниот Пост, Неделата на Св. Григориј Палама, 12 март 2017 л. Г., во градот Струмица ќе се одржи големо црковно-народно торжество по повод пристигнувањето на копијата на чудотворна икона на Пресвета Богородица „Скоропослушница“ од светогорскиот манастир Дохијар.

Торжеството ќе започне со Света архиерејска Литургија во храмот „Св. Григориј Палама“, во 08:45 часот, со која ќе началствуваат: надлежниот архиереј, Н. В. Митрополитот Струмички г. Наум и Н. В. Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Во 13:00 часот Иконата ќе биде пречекана на плоштадот „Гоце Делчев“ во центарот на градот, а потоа со свечена литија ќе биде пренесена во Манастирот „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“, каде што и ќе остане засекогаш.

Молитвено учество во свеченото торжество ќе земе и Свештената Бигорска Обител, со својот Старец, Архимандрит Партениј. Поради таа причина манастирската слава во Рајчица во чест на Св. Григориј Палама, оваа година ќе биде поскромна – со празнична вечерна богослужба во саботата попладне и Света Литургија во неделата.

Ги замолуваме сите оние што ќе имаат можност, да дојдат во градот Струмица за што поторжествено да ја пречекаме Иконата на Пречистата Мајка Божја.