Втор Акатист

Радувај се, ти ги поправаш луѓето; Радувај се, ти ги соборуваш бесовите; Радувај се, ти си ја победила силата на заблудата; Радувај се, ти си ја изобличила идолската измама; Радувај се, море што го потопи духовниот фараонЧ Радувај се, карпо, што ги напои жедните за живот; Радувај се, огнен столбу, ти ги водиш оние што се во темнина; Радувај се, ти си свет покров, поширок од облак; Радувај се, ти си храна што ја замени маната; Радувај се, служителке на светата радост

Радосно воскликнува срцето човечко слушајќи ги овие прекрасни стихови што поетската душа ги составила и упатила до сите оние кои верно ги примија за со нив да се насладуваат и утешуваат. Како под некое раззеленето и многуплодно дрво се приклонува духовно изморениот патник за да одмори, умилкувајќи се во прегратките на Премилостивата Мајка. Треперат сите гледајќи во Нејзиниот лик во кој ја наоѓаат сета небесна милост и поткрепа. Нашата Добротворката која најголемиот Добротвор ни Го роди, со добрини сиот свет го дарува и силен бедем за оние кои цврста заштита од непријателите бараат таа станува. Таа е Мајка на Младенецот Кој со чудесната радост Своја вечно млади душите ги прави, и земен Почеток на Беспочетниот Кој со благодат човекот го озарува. Во неа, како од непотрошлив извор, нежност, кротост и неискажливо смирение црпеме и свештена убавина во мајчинското долготрпение гледаме.

Во овој втор петок од Великиот и Свет Пост, земно-небесно ликување ги исполни срцата на многубројните присутни кои радосно притекнаа во нашите Обители – Бигорската, Рајчичката, Пречистантската и Кнежинската, за со братството и сестринството да ѝ ги испеат на Богомајката прекрасните умилителни химни. А кога тие пофалби кон Богомајката се засилени и со молитвеното посредување од нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, кој целосно предаден на Пречистата Мајка, умилно и синовски од неа бара таа да се застапува пред Бога за бројните Негови деца, тогаш благодатта ги прелева садовите на душата.

Нека небесната Застапничка измоли од Бога спасение и спокој за нашите изморени души, мајчински нека нѐ прегрне и заштити со нејзината голема и неискажлива милост.