Дојдете, луѓе, да се поклониме на Трииспостасното Божество: на Синот во Отецот, со Светиот Дух; зашто Отецот безвремено Го роди едносуштниот и сопрестолен Син; и Светиот Дух беше во Отецот, прославуван со Синот: една сила, едно суштество, едно Божество. Нему поклонувајќи Му се, сите говориме: Свети Боже, Кој создаде сѐ преку Синот, со содејство на Светиот Дух; Свети Крепки, преку Кого Го познавме Отецот, и преку Кого Светиот Дух дојде во светот; Свети Бесмртни, утешителен Духу, Кој исходиш од Отецот, и почиваш во Синот: Троице Света, слава Ти.
(Славник на Господи воззвах)
Светиот Дух е секогаш со Христа Бога и преку Него во животот на секој човек кој Го прима Христа. Кога Христос беше вознесен на Крст, Духот Свет, според Христовото ветување, им се предаде на сите луѓе. Оти кога Синот Божји во часот на смртта од име на целото човештво даде совршен одговор на љубовта на Својот Отец, тогаш љубовта Божја во образот на Духот Свет се излеа на целиот човечки род. Така, Христовото Воскресение и Вознесение стана источник на Духот животворен за живот вечен. И навистина, Воскреснатиот Христос не можеше да им даде подобар дар на Своите апостоли од Своето дихание, Духот Свет Кој од Отецот излегува и Кој носи прошка на гревовите. Преку нив, пак, прошката се излеа на сите луѓе. Тоа беше залогот на Предесетница – денот кога во вид на огнени јазици, Светиот Дух слезе врз апостолите и сета човечка природа ја проникна со благоволението на Отецот и искупувањето на Синот, кое ги направи причасници на Божествената природа. Во тој ден се даде новиот закон на животот, слободата, посиновувањето, љубовта. Тоа е ден на пресоздавањето на човекот што се објави во дарови, во јазици, во разум, во познание, и од исплашените затворени апостоли направи бестрашни проповедници на Словото Божјо. Ден – роденден на Црквата.
Молитвено отворајќи ги своите срца за Светиот Дух да се всели во нив, бигорските браќа и големото мнозинство верни, кои пристигнаа од разни места пристигаа за да ја најдат Горната одаја, духовно се преселија во Ерусалим и подобно на Апостолите, низ сеноќна молитва Го призиваа благиот Утешител, смирено и трпеливо барајќи ја посетата на Неговата благодат. Необично украсениот храм со бујното и раскошно зеленило, кое вистински ја доловуваше рајската убавина, уште повеќе ги оддалечуваше присутните од секојдневните грижи, и ги насочуваше сите нивни мисли кон таинството на тоа славно собитие, сликовито прикажано низ Богослужбените стихири. Но она што најсилно им го отвори патот кон духовно созерцавање на големиот и неспоредлив дар со кој се удостои човечкиот род на Педесетница, беше умилното читање на молитвите за призив на Духот Свети од страна на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, како и неговата особено вдахновена беседа изговорена во манастирската трпезарија:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, денес празнично си спомнуваме и благодариме за сите блага што Троичниот Бог му ги испрати на човештвото. Го славиме, значи, последниот празник на Божјиот домострој за спасение на човекот, венецот на целиот празничен циклус, празник кој од Спасителот Исус Христос им бил ветен на Светите Апостоли. На овој ден, имено, на Светата Педесетница, во вид на огнени јазици бил испратен Светиот Дух врз Апостолите, кои од прости и неучени луѓе, се преобразиле во премудри гласници по целата вселена. Со овој необичен настан во домот Давидов, простите и едноставни рибари станале ловци на луѓе за Царството небесно.
Настанот што се случил пред скоро две илјади години, во Горната одаја во Ерусалим, каде сите апостоли беа заедно и еднодушни, нема само историски и моментен карактер. Преобразбата на Педесетницата се повторувала безброј пати со луѓето што преку подвигот на љубовта, молитвата и трпението, ги направиле своите срца приемчиви за Духот Свети. Следствено, истото нешто, истиот шум од небото, истата несфатлива за логиката на овој свет преобразба може да стане и со секого од нас. Благодатта на Светиот Дух е таа што го прави човекот совршен, т.е. го прави човек во полнота, во создателната смисла на премудриот Творец. Преку несоздадените Свои енергии, Светиот Дух го прави богоподобен човекот што Него Го прима, онака како што и била Неговата промисла при создавањето на светот. Да создадеме човек според Нашиот образ и според Нашето подобие како што сме Ние, се вели на почеток од Светото Писмо (Битие 1,26). Во предвечниот Совет, значи, на Света Троица било создадено битие подобно на Неа. Сега, преку испраќањето на Светиот Дух, се пресоздава тоа богообразно и богоподобно битие, кое беше пострадало и ја изгубило својата божественост после падот во непослушание и грев.
Во преубавите стихири на празникот што имавме можност да ги чуеме на вчерашното бдение, на еден поетски и возвишен начин е изразена длабоката теологија на денешниот празник. Во една од стихирите слушнавме дека „Светиот Дух дава сѐ: Он е изворот на пророштва, ги усовршува свештениците, неписмените на мудрост ги научи, рибарите богослови ги направи, го утврдува целото црковно собрание. Едносуштен и сопрестолен на Отецот и Синот, Утешителу, слава Ти“. Чудесни се даровите што Бог ги дава на човекот преку Утешителот. Апостолот Павле, тој избран сад на Духот Божји, од искуство им пишува на Галатјаните дека плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. И потоа додава: против такви нема закон. Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите. Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме (Галат. 5,22-25). Зошто Апостолот вели дека против такви нема закон? Затоа што оној кој се труди да Го придобие Светиот Дух, да стане причесник со Неговите обожувачки енергии, тој ќе се исполни со љубовта Божествена, која никогаш не прави нешто непристојно, никого не повредува. Човек што ја придобил љубовта, како најголем дар од Духот, во сѐ го исполнува законот Божји. Господ Исус посведочи дека безрезервната љубов кон Бога и кон ближниот се двете најголеми заповеди на кои се држат целиот Закон и Пророците (Матеј 22,37-40). Па така, човек кој придобил Божја љубов е подготвен секогаш да се жртвува за другиот.
Денес, на Светата Литургија го слушнавме описот на апостолот и евангелист Лука, кој во Делата Апостолски говори подробно за самиот миг на слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите. И видовме како тие коишто претходно биле неписмени и веројатно, го зборувале само својот мајчин јазик, одеднаш почнале да зборуваат на различни јазици, односно на јазиците на сите народности коишто тогаш се наоѓале во Ерусалим. Започнале Апостолите на сите луѓе да им го возвестуваат Божјото слово за спасението на светот, на нивниот мајчин јазик. Светиот Дух ги просветлил, ги описменил, ги облагородил, но и ги охрабрил. Истите тие луѓе кои досега се плашеле од Јудеите, како од жестоки противници на Христа и на Неговите приврзаници, сега ги гледаме храбри и одлучни да појдат дури и во смрт заради вистината. И храброста е, значи, еден од даровите на Духот, дар на кој сме повикани и ние, за сведочење на Божјото присуство.
Рековме дека во даровите на Светиот Дух спаѓа и радоста. Можеби некој ќе се запраша: како може да се зборува за радост, кога Христијанството подразбира постојана жртва, подвиг, воздржание, едно доживотно носење крст? Како тогаш може среде тоа страдање и тага да постои радост? И навистина, логично би било тоа прашање, но согласно логиката за овој свет. Меѓутоа, во Божествената логика нештата стојат поинаку: колку човек повеќе се жртвува за Бога и за ближните, колку повеќе љуби, толку повеќе се исполнува со радост, неговото срце неизмерно се весели, бидејќи се уподобува на Бога. Бог, пак, е непресушен извор на радоста. Каде што е Он, таму е и радоста. Затоа, Божјите луѓе со самото свое присуство шират мир, спокој, распространуваат љубов, иако зад себе го носат тешкиот крст на страданието. Ако ги читаме Житијата на Светиите ќе увидиме колку луѓето отсекогаш сакале да другаруваат со таков човек, долготрпелив, полн со љубов, кој било да е свесен или не, дарува мир на другите, им ги одмара душите со самото тоа што постои.
Ете такви, мили мои, треба да бидеме ние Христијаните. Затоа, да го отвориме срцето за во него да влезат радостотворните зраци на Духот Свети, со кои ќе зрачиме како вистински Христови апостоли и ученици. Тие зраци ќе нѐ преобразат најнапред нас самите во носители на нелажната и неминлива радост, а потоа со нив ќе можеме да го преобразуваме и светот околу нас. Секој кој Го прима во себе Светиот Дух, Ги прима и Отецот и Синот и станува сместувалиште на Триединиот Бог. Преку Духот, всушност, Го љубиме Синот, Кој вели: Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме (Јован 14,23). Бог ни дава толку големо достоинство, што сака да нѐ направи Негови живеалишта, Негови носители. Сака да живее со нас и во нас. Затоа и ни ја остави страшната тајна на светото причестување, преку која нѐ прави членови на Неговото тело. Причестувајќи се со пречистите Тајни, ни стануваме еднокрвни со Господа. А сето тоа станува преку Светиот Дух. Доколку внимаваме на молитвите на Светата Литургија, ќе забележиме дека пред осветувањето на лебот и виното, кои преку неискажливото таинство стануваат истоподобни на телото и крвта Христови, свештениците Го призиваат Светиот Дух: „Уште ти ја принесуваме оваа словесна и бескрвна служба, и просиме, и молиме, и умилно бараме, испрати Го Твојот Свет Дух на нас и на овие предложени Дарови“. Светиот Дух е Тој Кој дарува сѐ што ни е потребно, Кој оживотворува, преобразува, обожува.
После празникот на Светата Педесетница, практично влегуваме во времето на благодатта, во епохата на Светиот Дух. Да Му дозволиме да продре во нашите срца, та да ја почувствуваме Неговата радост и љубов. Несомнено е дека на сите ни е потребна радоста во овој живот. Вистинската, пак, радост, повторуваме, ја дарува единствено Тој. Затоа, ако сакаш радост во срцето свое, радост неовенлива, обновувачка, преобразувачка, и ако сакаш да немаш страв од ништо во овој живот, тогаш биди вистински Христијанин. Понекогаш ме зачудува тоа што некои ќе кажат: јас не можам да бидам толку посветен Христијанин, не можам, тоа не е за мене и сл. Зарем ќе ги пренебрегнеме сите тие прекрасни дарови кои ни ги дава Светиот Дух и кои водат кон бесмртност? Кој е тој што не сака да биде радосен? А да се биде Христијанин е нешто најубаво. Затоа да ги отвориме срцата за Светиот Дух и ќе се исполниме со небесна убавина и веселие. Христос за тоа и слезе на земјата, се воплоти, пострада, се распна, воскресна и се вознесе на небото, вознесувајќи ја и човечката природа оддесно на Бога Отецот. Веднаш после тоа, Он им Го вети Светиот Дух на Апостолите, а преку нив и на сите нас: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене… ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата (Дела 1,4,8). А силата во Господа се состои токму од даровите што ги набројува апостолот Павле. Сила чудесна, која може да го преобразува светот. Впрочем, со таа сила, со сеоружјето на Светиот Дух, а не со некакви оружја и мудрост од овој свет, немоќните рибари од Палестина се распрснале по целата планета, приведувајќи ги сите народи како дар на Христа.
Нека Светиот Дух Утешител биде со сите нас, а преку нас и со сите луѓе! Како Христијани должни сме да Го носиме Него во нашите срца. Само тогаш ќе бидеме квас и за другите луѓе, да можат и тие да ја спознаат радоста од Бога, што тече во живот вечен.
Да сте живи и здрави!“