Во духот на бескрајната Божја љубов, помина и првиот летен камп по Веронаука

Благодатната радост што на празникот Педесетница изобилно се излеа во нашите свештени Обители, деновиве ја збогатија и младите детски души од Куманово, Свети Николе и Битола, кои беа дел од првиот за оваа година летен камп по Веронаука. Нивните насмевки, низ прекрасните моменти на дружба, наука и рекреација, внесоа уште попрекрасни чувства во срцата на браќата и сестрите од Бигорскиот и Рајчичкиот манастир, а најповеќе го зарадуваа нашиот сакан Старец, архимандрит Партениј, кому му ја искажаа својата највозвишена љубов. Овие млади луѓе не само што духовно се одморија и рекреираа, туку и се запознаа со основите на православната вера, со возвишената христијанска етика на однесување, потоа со византиското пеење, но добија и важни поуки и совети од областа на еколошката етика. И што е најважно, имаа прилика, во духот на празникот, да слушаат за љубовта, добрината и радоста, кои се главни одлики на секој Христијанин. Навистина, најубава можност да го доживеат сето она за коешто учеа овие неколку дена, беше редовното присуство на манастирските богослуженија, кои се непресушен извор на ревност, мудрост, љубов и непоколеблива вера.

Предобриот наш Бог нека ги чува овие прекрасни млади души и секогаш нека ги радува нивните срца со штедриот Му благослов.

Давид Јаневски (13 год., Скопје) – Јас во овие пет дена поминав многу убаво. Секое сабајле одевме на литургија, помагавме на монасите, беревме цреши, се молевме на Бога и што е најубаво се видовме со отец Партениј, му бакнавме рака и убаво се видовме со нашиот отец Партениј. Нас не чуваше отец Митрофан, тој не чуваше исто како втор татко. Со Драган искушеник бевме да береме цреши. Отец Кирил ни држеше часови за веронаука. Отец Митрофан ни читаше и ни раскажуваше. За овие пет дена сум и благодарен на родителите што не донесоа во ова прекрасно место, манастирот Св. Јован Бигорски.

Давид Репау (14 год., Скопје) – Голема благодарност до отец Партениј што ни овозможи да дојдеме тука. Дружбата со монасите беше многу интересна, тие ни држеа часови за Бога и ни читаа приказни. Мене многу ми се допаднаа конаците, црквата, и дружбата со новите другари. Богослужбите беа многу добри и јас за прв пат се причестив овде. Исто така сакам да се заблагодарам и на отец Митрофан и отец Кирил бидејќи беа цело време со нас и се дружевме. Но и на сите монаси затоа што се дружеа со нас и ни правеа времето да биде интересно. Јас би сакал и другата година да дојдам овде.

Стефан Анастасов (12 год., Велес) – Прво да се заблагодарам на Бог, а потоа на отец Партениј кој како свои деца не прими во манастирот. Добро бевме примени од братството и веднаш бевме сместени. Ни понудија чај. Кога првпат се видовме со цимерите владееше мрак, што од срам, што од почит. Но по само неколку часа бевме запознаени. Влезе отец Митрофан и на брзина ни го кажа куќниот ред, кој требаше да го почитуваме. Следниот ден со искушеникот Драган бевме до овоштарникот по цреши. Со отец Филарет пак месевме лепчиња во пекарата. И така се случуваа уште многу незаборавни моменти. Но сега повторно, да му се заблагодарам на отец Партениј и на Бог, затоа што со негова помош дојдов повторно во ова свето место.

Димитар Кушлов (13 год., Велес) – Прво да се заблагодарам на Бога што престојував во најдобриот и најубавиот манастир во државата, што запознав нови другари и нови авантури. Потоа сакам да се заблагодарам на сите монаси за неверојатното гостопримство и нивниот смирен, добар карактер и највеќе му се заблагодарувам на отец Партениј што го овозможи сето ова. Првиот ден кога стигнав овде беше многу мирно, бевме пријатно примени во гостинската соба, по неколку минути влезе отец Митрофан, ни објаснуваше повеќе за манастирот но јас секако не очекував ваков добар престој. Влеговме во соба се распакувавме, се запознав со новите другари со кои ќе престојувам следните пет дена. Денот го поминувавме во дворот а потоа одевме на богослужба па јадевме. Вториот ден се разбудивме и веднаш отидовме на литургија, седевме одморивме, потоа јадевме, и вечерта имавме богослужба. Имавме учење со отец Кирил и отец Митрофан. Во библиотека ги гледавме книгите, свиревме на клавирот. Игравме фудбал со отец Филарет и Митрофан. Дружењето во кампот е многу убаво и би сакал да дојдам следната година пак.