Во блажено успение, подај им, Господи, вечен покој…

Основата на љубовта со која Светата Црква Христова се грижи за своите чеда се состои во молитвата и добрите дела. Преку нив, таа непрестајно го води народот Божји кон спасението на душите и кон царството на вечната радост. Оваа грижа, меѓутоа, не се простира само на нас, живите на земјата, туку подеднакво и на упокоените наши родители и прародители, браќа, сестри и чеда. Притоа, како посебни денови за спомен на покојните, светите отци ги одредиле саботите, а од нив, пак, издвоиле неколку саботи коишто се нарекуваат задушници. Во нив Црквата нѐ повикува на посебен молитвен спомен за нашите упокоени, и да правиме дела на милосрдие и љубов, за покој на нивните души, зашто сите ние, и живите и упокоените, сме едно семејство, една заедница Божја.

Денешната сабота е наречена Духовденска задушница, бидејќи се наоѓа непосредно пред празникот Педесетница, пред слегувањето на Светиот Дух врз Мајката Божја и Апостолите. Пред овој голем празник, значи, кој се нарекува уште и „роденден на Црквата“, таа, преку посебните заупокоени богослужби, ја насочува својата молитвена грижа кон „сите од веки благочестиво упокоени со надеж во воскресението и вечниот живот“. „Богослужбата за упокоените“, пишува големиот светител од минатиот век, Свети Нектариј Егински „е многу соодветно поставена после времето на Вознесението на Спасителот, бидејќи, откако преку него Господ се врати во лоното на Отецот и прими власт на небото и на земјата, постана Владика над живите и над умрените. Црквата, значи, сакајќи од една страна да Го исповеда Исус Христос како владетел на живите и на мртвите, а од друга, да ја возвести нејзината вера во Второто пришествие, ја составила богослужбата за покојните“.

Одѕивајќи се на мајчинскиот повик на Црквата, нашата Свештена Обител со својот Старец, Архимандрит Партениј, вчера и денес го изврши молитвениот спомен за починатите, според предвидениот манастирски чин. И овој пат, со посредство на прекрасните молитви, преточени во богослужбени химни, стихири и молитвословија, се помоливме за „блажен спомен и вечно упокоение на душите на починатите слуги Божји, сите благочестиви и православни христијани, цареви, патријарси, архиереи, јереи, јеромонаси, јероѓакони, монаси, монахињи и сите отци и праотци, дедовци и прадедовци, родители и прародители, браќа и сестри и роднини наши, сите од краиштата до краиштата на вселената починати на земја, на море, во пустини, во гори и пештери и на секое место од почетокот, па сѐ до крајот“.

Упокој ги, Боже, слугите Твои, и во рајот всели ги каде што е соборот на Твоите светии, Господи, и каде што праведниците светат како светила: починатите слуги Твои упокој ги, превидувајќи ги сите нивни согрешенија.