Именден на Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј

Во присуство на многу народ денес во Вселенската Патријаршија се прослави споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава.

На овој ден го празнува својот именден Вселенскиот Патријарх, Неговата Сесветост г. Вартоломеј. Во светиот патријаршиски храм на Свети Георгиј Победоносец, Великиот протосингелот на Патријархот, о. Андреј, отслужи Божествена Литургија. Патријархот претстоеше на својот трон, додека веднаш до него стоеше Претстојателот на автокефалната Црква на Украина, Митрополитот Киевски г. Епифаниј.

Патријаршискиот храм беше преполн од јерарси, клирици, монаси и мноштво верни, коишто побрзаа да му направат чест на Вселенскиот Патријарх.

Празнична беседа изговори Високопреосвештениот Митрополит на Никеја, Старец Константин, којшто, меѓу другото, нагласи дека „именденот на Вселенскиот Патријарх повеќе не претставува просто еден празник, бидејќи не е поврзан само со историјата, туку и со сите достигнувања што го образуваат Православието“.

Собрани околу Вашата почитувана личност, со убедување дека претставувате факт на сесветска светлозарност, ние верните во животниот реализам на Црквата, која дејствува како благодарност во духот на вековното предание и тоа дека Светиот Дух ја образува институцијата на Црквата, сесрдно Ви посакуваме многу, удвоени и празнични да бидат годините на вашето патријархување“ – додаде на друго место Старец Константин.

Братството на Светата Бигорска Обител Му благодари на Бога што на светиот вселенски престол денес се наоѓа една таква личност, којашто е благослов за целата Христова Црква. Од длабочините на своето срце, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, заедно со браќата и сестрите, му посакува на Сесветиот Вселенски Патријарх Вартоломеј уште многу години да ја води Христовата Црква исто како и досега, со добри дела и татковска љубов. Смирено Го молиме Господ да му испрати небесна помош за носењето на тешкиот крст и големата одговорност што ја има за Светата Црква, како и да му ги преумножи љубовта, мудроста и расудувањето кои се негова одлика. На многаја лета, Ваша Сесветост!