Жртви на задоволството

Уште како философско учење во антиката, хедонизмот се базирал на уверувањето дека човекот нема слободна волја. Робувајќи и на неумоливата судбина, нему не му преостанувало ништо друго освен да се предаде на ситните уживања што ги носи денот. Испразнет од било каква амбиција, или потреба од активизам во животот, сета своја егзистенција тој ја ограничил на привидното живуркање испразнето од смисла. Новите хедонисти и без вака јасен детерминистички концепт зад веѓите, му се поклонуваат на самоугодувањето до степен на патологија, до степен на втора природа. Но, кој го направи првиот погрешен чекор?

Првата генерација родители кои своето детство го поминаа на село, во вообичаена патријархална фамилија, а своето зрело доба, од студентските денови па натаму, во некоја бетонска коцка во загадениот воздух на нашиот еден и единствен мегалополис, планирајќи го своето семејство посакаа нивниот скапоцен пород, нивната природна реткост, да ја/го одгледаат во лабораториските услови на онаа народната: тато носи, мама меси, а детето седи со скрстени раце. Единствена цел и преокупација, па и света желба во животот им стана нивното единче да го одмине горчливата чаша на самопрекорот, самооткажувањето и споделувањето. Во него да ги пресликаат сите свои детски мечтаења од пред панаѓурските тезги со лижавчиња и шарени дрангулии. Со докторфранкенштајновска прецизност, тие, пионерите на новиот хедонизам, започнаа да го создаваат своето слатко чудовиште од посмртните останки на своите младешки страсти и своите неиспилени удобствија. Детето не смее да почувствува никаков недостаток. Сé треба да е потчинето на категоричките императиви на педагогијата од Самерхил:
Купете им станови и тие од нив ќе направат наркомански дизниленд, или куплерај. Купете им компјутери со брз интернет и тие ќе се претворат во куќни духови. Купете им дипломи и од нив ќе нема поглупави суштества на планетава. Купете им телевизори со сателитски антени, само за нив, и тие нема да се измачат со ниту една книга во животот. Купете им скапоцена облека и тие вешто ќе ја сокријат својата баналност. Купете им и пријатели, и тие никогаш нема да се почувствуваат осамени во својот нарцизам. Купете им карта за пат околу светот и тие безрезервно ќе го презираат местото каде што се родиле. Купете им, на крајот, и скапи автомобили и тие брзо ќе го наследат Царството Небесно.

Со стратегијата на стаклено ѕвоно, претечите на нео-хедонизмот го остават своето милениче без елементарниот осет и поим за способност и активитет. Како последица на ова, детерминирани од ритуалните понадоци на своите верни слуги – родителите, првата експериментална генерација на хедонисти ниту имаат развиена волја, ниту пак желба, да се позабават со своите вистински обврски и предизвици. Тие на еден парадоксален начин стануваат покорници на судбината скроена од посесивната родителска квази-љубов. Како зависници на самоугодувањето и самодоволноста тие ја промашуваат секоја поента на своето постоење. А тоа воопшто не е ниту чудно, ни неочекувано. Рудиментиран од прекумерната употреба на родителите како ортопедско помагало во животот, невозможно е од младиот човек да очекуваме тој/таа да се еманципира од својата семејна идила (читај = клопка) и да стане суверена личност. Да стапи во брак тоа значи да се согласи со компромиси кои до сега не биле поставувани како барање пред него/неа. Тогаш светоста на бракот и љубовната заедница во него, која подразбира жртва и постојано самоодрекување, внимание и осет, се нешто неприфатливо и заканувачки туѓо.

Ако на тоа се надоврзе и идејата за многудетно семејство тогаш работата станува навистина конфузна. Многудетно семејство? Што е тоа многудетно семејство? Оксиморон или архаична флоскула? Како да се очекува од младите момчиња и девојки, идни брачни партнери и родители, да го разбираат феноменот семејство со повеќе деца, кога тие никогаш не ја почувствувале благодетта од животот со браќа и сестри? Освен ако, според безмилосните закони на некоја грешка во употребата на контрацепција, неговите/нејзините родители не донеле на свет уште еден брат, или една сестра, подеднакво загушувани со истата стратегија на стаклено ѕвоно. Причина за детска љубомора и изневереност, што дополнително го уништува осетот за природната семејна соборност. И не само тоа. Во кодот на сексуалната свест се врежува стравот од непредвидено зачнување како најголема опасност по животот полн со уживања. Тоа се разбира нема никаква врска со чувањето на девственоста и кај девојките и кај момчињата, туку само страв од можните расипувачи на забави за кои дополнително треба да се бара излез.

Извор: Премин Портал