Игумен на Свештената Бигорска Обител
Епископ г. Партениј
Бигорскиот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј (Фидановски) е роден на 29 октомври 1970 година во Битола, во македонско православно семејство, коешто ревносно ги негувало традиционалните христијански вредности, како и родољубивиот и слободољубив дух. Уште од најрано детство задоен со силна љубов кон Бога, го започнува својот духовен пат, најнапред во средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ во Драчево, Скопје. Потоа, воден од жедта за поголеми духовни знаења, го завршува и истоимениот Православен богословски факултет во Скопје, со дипломска тема посветена на Свети Јован Претеча и Крстител.
Божјата промисла сакала, сепак, тој уште понепосредно и подлабоко да се запознае со православниот духовен и монашки опит, доведувајќи го во манастирот Григоријат на Света Гора, каде што престојува извесно време, под мудрото духовно раководство на, сега веќе блаженоупокоен Старец Георгиј Капсанис, григоријатскиот игумен. Наследувајќи го неговиот благослов, по враќањето во Татковината, кон крајот на месец јули 1995 година, младото момче од Битола, тогаш 24 годишниот Зоран Фидановски, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски митрополит г. Тимотеј, ја започнува својата монашка посветеност, за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во древното македонско православно светилиште – Бигорскиот Манастир. Оваа духовна обнова била повеќе од потребна, затоа што по упокојувањето на последниот монах и игумен, отец Спиридон, во 1948 година, монашкиот живот во Бигорски бил сосема згаснат, а богослужението прекинато. Храмот на Свети Јован Претечата бил целосно запуштен и нечист, конакот Долни палат – само еден несоодветно принаправен објект, Горни палат во распаѓање, немало ни соодветна електрична инсталација ни водоводна мрежа, ниту некакви основни услови за живот. Духовноста била целосно замрена.
Отец Партениј е замонашен на 5 август 1995 година, во навечерието на споменот на Светата Великомаченица Христина, од страна на митрополитот г. Тимотеј. Веќе следниот ден по примањето на монашкиот потстриг, ракоположен е за јероѓакон, а истата година, на 9 август, во охридскиот храм на Пресвета Богородица Перивлепта – и за јеромонах. Следната година, на празникот Рождество на Свети Јован Крстител, е ракопроизведен за игумен, а во 1998 година е одликуван со граден крст, со архимандритско достоинство.
Премудрата Божја Промисла која ги устројува и ги води сите нешта кон спасение на човечкиот род, на споменот на Светите славни и првоврховни Апостоли Петар и Павле, во 2020 лето Господово, уште еднаш го покажа своето блескаво човекољубие. Имено, древниот и преславен храм на Премудроста Божја, соборното средиште на охридски архиепископи, неприкосновениот сведок на нашата црковна историја – стана домаќин и паметник на уште едно небоземно собитие. Во сенародно државно и црковно торжество, во Света Софија Охридска, нашиот возљубен духовен отец, старец и игумен Партениј врз своите плеќи го прими крстот на апостолското служење и беше хиротонисан во највозвишениот свештенички чин – епископскиот, понесувајќи ја титулата епископ Антаниски, според некогаш славниот црковен центар Антанија.
Со доаѓањето на игумен Партениј во манастирот, после долгиот период на духовна замреност и материјална запустеност на Обителта во времето на претходниот општествен режим, започна воскресението на прекинатиот монашки живот. Знаејќи дека духовната обнова на секој Манастир започнува, пред сè, со обновата на литургискиот живот, отец Партениј го воведува редовниот православен богослужбен циклус, според светогорскиот устав и ред на богослужење. Тој посветува посебно внимание на раскошните и торжествени бденија за поголемите празници, особено на благодатното и незаборавно духовно доживување на Христовото Воскресение, коешто од 2009 година е збогатено и со пречекот на Благодатниот оган. Се сето тоа Владиката Партениј создава плодна почва за раѓањето во Христа на многу млади луѓе, кои во манастирот гледаат нова надеж и излез од бесмислата на современото постоење. За кратко време, се гледаат и првите духовни плодови: братството се намножува и денес тоа брои речиси триесет члена и е едно од најголемите монашки братства на Балканот. Секако, посебен и најдрагоцен Божји дар и благослов за Бигорската Свештена Обител е обновата на православното духовно раководство, коешто е венец на христијанскиот живот. Денес, Старец Партениј, освен на Бигорската Обител, е духовен раководител на уште три манастири: на Рајчичкиот, посветен на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец, на Манастирот „Благовештение на Пресвета Богородица“ – Пречиста и на „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец“ во Кнежино, Кичевско. Монашки континуитет во последниов продолжи токму по неговите заложби, а на барање на Митрополитот г. Тимотеј.
Во меѓувреме, не изостанаа ни плодовите од материјалната обнова. За нешто повеќе од две десетлетија непрестаен труд, отец Партениј и неговото во Христа братство, со Божја помош, успеваат не само да го вратат стариот сјај и убавина на Манастирот, туку и уште повеќе да го зголемат благолепието на Божјиот дом. Целосно вложувајќи се себеси во делото за враќање на некогашното достоинството на Бигорското светилиште, игумен Партениј ја продолжува мисијата на неговите славни претходници-игумени. Како плод на таа негова посветеност и заложби, најпрвин во 2001 година, во тоа особено тешко и неизвесно време, потполно е возобновен и духовно заживеан манастирскиот метох – женскиот Манастир посветен на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица, каде денес се подвизуваат дванаесет монахињи. Само две години подоцна, заедно со монашкото братство, се зафаќа со комплексниот и доста макотрпен проект: целосна реконструкција и враќање на автентичниот изглед на Долни палат – конакот којшто бил уништен во пожар во 1912 година. Неговиот труд е крунисан во 2006 година, со свеченото осветување на новото прекрасно здание. После ова дело, игуменот Партениј предано се посветува на нов градителски потфат. Во 2009 година, поради сплет на околности, вклучително и големиот пожар на Горни Палат, започнува градбата на нов конак, наречен Источен Палат. Паралелно со ова се одвива и автентичната возобнова на опожарениот Горни Палат, под будното око на отец Партениј, кој не допушта никакви отстапки од некогашната, единствена архитектура на конакот што настрада во пожарот. По пет години интензивно градење, резултатите се видливи во препознатливиот лик на новиот конак, кој се надгради на старите ѕидови што го преживеаја пожарот. Во меѓувреме, Епископот Партениј се зафаќа и со нови градежни потфати, како на пример, впечатливиот дрвен храм посветен на Свети Серафим Саровски во скитот кај манастирскиот овоштарник, изградбата на прекрасниот храм во византиски стил во с. Ростуше, посветен на Пресвета Богородица, како и новиот манастирски метох „Св. Св. Кирил и Методиј“ во с. Битуше, каде игуменот, со својот визионерски дух, подготвува место за духовно образование на најмладите.
Но неспоредливо поголемо значење од градежните потфати има неговата духовната и општествена мисија, спроведувана со несмален интензитет во текот на изминатите две децении. Како искусен и добро образован духовен раководител, отец Партениј со крајна несебичност и пожртвуваност за другите и за Татковината, се вложи во оваа тешка, но благородна задача, помагајќи им на илјадници души од Македонија и пошироко, да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми во ова наше совремие на голема духовна криза и општ пад на моралните вредности. Благодарение на духовното просветление и активната пастирска и хуманитарна дејност на отец Партениј, сѐ поголем и поголем е бројот на семејствата и поединците коишто се спасиле и се оттргнале од работ на пропаста. Особено е значајна мисијата на Епископот Партениј за помош на лица, пред сѐ, од помладите генерации, коишто западнале во тешките пороци на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици и стотици млади души, не само што успеале да се ослободат од канџите на пропаста и смртта, туку и целосно да се рехабилитираат и ресоцијализираат и така да станат полезни членови на нашето општество. Грижата на Епископ Партениј за овие души не престанува ни по нивното заминување од Манастирот. Тој одржува редовен контакт со нив и продолжува сестрано да им помага. Многумина од нив, благодарение на него, станале здрави и морални личности, оформиле семејства и придонесуваат за општото добро во заедницата.
Епископот Партениј, со својата татковска грижа и љубов, ги покрива и оние коишто тешката финансиска состојба ги спречува да го продолжат своето образование. А благодарение на неговите добри контакти со светогорската монашка заедница, како и со видни црковни великодостојници од Грчката црква, веќе десетина наши ученици и студенти учеле и учат на реномираниот теолошки факултет при Универзитетот „Аристотелис“ во Солун. Сите тие придонесуваат за афирмација на нашата земја и на Охридска Архиепископија возобновена во лицето на МПЦ, во соседна Грција и пошироко. Исто така, од големо значење за промовирањето на нашата земја и култура, но и на нашата света православна Црква во борбата за признавањето на нејзината автокефалност, се бројните и добри односи и контакти што Владиката Партениј ги негува, не само со Света Гора Атонска и Грчката црква, туку и со Вселенската, Бугарската, Антиохиската, Ерусалимската, Романската, Руската патријаршија и други Цркви. Благодарение и на овие длабоки врски, православниот свет е веќе добро запознаен со историјата на македонското црковно прашање и со долгогодишниот проблем околу автокефалноста на МПЦ-ОА.
Како голем љубител и познавач на македонската историја и на културното наследство, Епископ Партениј непрестајно се залага за нивна што поголема афирмација и презентација. Тој е еден од најзаслужните црковни дејци коишто се изборија за повторно воведување на нашето древно источно-православно црковно пеење во храмовите на МПЦ-ОА и во нејзините образовни институции. Освен тоа, отец Партениј стои и зад организацијата на неколку јавни трибини за актуелни духовни и општествени проблематики, зад издавање на духовна литература, зад уредувањето на манастирскиот сајт… Работи активно и на промоција на истакнати личности од нашата национална и црковна историја, како што се: Архимандрит Анатолиј Бигорски Зографски, Епископ Партениј Зографски, Архимандрит Арсениј Бигорски, свештеник Овентиј Фрчковски итн. Отец Партениј беше и главниот иницијатор за првите канонизации на Светии во МПЦ-ОА.
Неговата љубов за убавото и естетиката даде придонес во збогатувањето и на нашата уметничка и културна сцена. Имено, по негова иницијатива и со негови заложби, во 2012 година, за прв пат во историјата на македонската музика, беше направен спој на источното црковно пеење со западниот музички филхармониски систем. Тоа резултираше со два прекрасни духовни концерти во Универзалната сала во Скопје. Првиот концерт, насловен како „Велигденски духовен концерт“, беше одржан во 2012 година, а отец Партениј ѝ го посвети на нашата Мајка Црква – Охридската Архиепископија, по повод 45-годишнината од обновата на нејзината автокефалност во лицето на МПЦ. Вториот концерт, „Страданијата Господови“, се одржа следната, 2013 година, а како специјален гостин учествуваше познатата пејачка од Грција – Нектарија Каранѕи. Овој концерт отец Партениј го посвети на 1700-годишнината од Миланскиот едикт на Светиот цар Константин Велики и на 1150-годишнината од Моравската мисија на Светите рамноапостолни учители и просветители Кирил и Методиј. Посебно треба да се нагласи дека ваква успешна и со толкав размер филхармониска оркестрација на источно-црковното пеење, дотогаш не била направена во ниту една друга православна земја. Исто така, на барање на отец Партениј, беше направена оркестрација на одредени црковни песнопенија за поголемо достоинство и благолепие на свечената Литија во Струга, којашто се одржува ден после споменот на Свети Георгиј Победоносец (7 мај). Оваа традиционална и со векови стара струшка литија, којашто до пред неколку години беше речиси целосно замрена и заборавена, повторно е обновена по иницијатива и заложби на отец Партениј и дополнително збогатена со уште некои нови елементи, како што е оркестарот, цветниот епитаф со моштите на Свети Георгиј од манастирот во Рајчица и др. Обновената литија последниве години прерасна во една голема и прекрасна верска, но и културна манифестација, на која присуствуваат илјадници гости од целата земјата и однадвор. Уште една возобновена традиција, којашто својот процут им го должи на иницијативата и заложбите на бигорскиот игумен и неговото братство и сестринство, е објавувањето на Христовото Рождество преку т.н. бадникови поворки и пеењето на божикните каланди од страна на многу илјади дечиња ширум Македонија.
Како човек на мирот и на љубовта кон сите луѓе, без разлика на нивната верска, етничка и расна припадност, Епископ Партениј ги издигна Бигорскиот Манастир и Манастирот во Рајчица во вистински центри на соживот во Мијачко-реканскиот крај од нашата земја. Со својот филантропски однос кон сите, тој успеа да го направи Бигорскиот Манастир силен фактор на безбедноста, стабилноста и соживотот во тој крај, така што ова Светилиште стана духовно прибежиште и културна знаменитост, не само за православните верници, туку и за Македонците со мухамеданска вероисповед и за етничките Албанци од Македонија, коишто имаат голем респект кон Манастирот и кон неговиот игумен.
Севкупната дејност на Неговото Преосвештенство Епископ Анатаниски г. Партениј, ја забележале бројни поединци, организации и институции, коишто досега јавно и отворено му оддале повеќе признанија и награди поради неговиот труд. Така, Епископ Партениј е добитник на бројни општествени признанија, како што се: наградата на град Битола за животно дело „4-ти Ноември“ (2011 г.); признанието „Личност на годината“, доделено од страна на „Нова Македонија“, после електронското гласање, на кое о. Партениј освои најмногу гласови (2012 г.); Признанието за хуманост, доделено до страна на Здружението за Македонско и Босанско-херцеговинско пријателство и соработка „МаБиХ“ и Амбасадата на Република Босна и Херцеговина во Македонија (2014 г.); Орденот „Св. Наум Охридски“ од Дебарско-кичевската епархија (2015 г.); неколку грамоти од милосрдното здружение „Самарјанин“; наградите за личност на годината на повеќе неделници и интернет портали, наградата за Τрајни вредности – највисока награда на печатеното гласило „Битолски весник“ (2018 г.); „Европски Граѓанин“ – највисоката почесна награда на Европскиот Парламент (2018); наградата „Илинден“ од македонското друштво „Илинден“ во Тирана (2019); Благодарствена плакета од месната заедница во Галичник (2019); Благодарствена плакета од месната заедница во Тресонче (2019); Признание од Агенцијата за иселеништво (2021) и др.