Врачена наградата 4-ти Ноември на архимандрит Партениј

Во прекрасна празнична атмосфера и радосно расположение на неколкуте стотици битолчани во преполнетата сала на Битолскиот театар, вчера, на 4ти Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, беше одржана свечена прослава, на која Општина Битола ги додели Четвртоноемвриските награди и признанија. Највисоката награда – наградата за животно дело му припадна на нашиот старец, архимандрит Партениј, затоа што тој како духовен татко им помага на голем број млади луѓе, западнати во пороците на денешнината. Вадејќи ги од длабочините на погибелта, старец Партениј со огромна љубов и пожртвуваност повторно ги насочува младите души на Христовиот спасителен пат. Доделувањето на наградата беше проследено со долготрајно и громогласно ракоплескање од присустните, меѓу кои имаше и мноштво духовни чеда, кои љубовта ги поттикна да дојдат и да му искажат благодарност и почит на нивниот возљубен духовен татко. Израз на таа сеприсутна љубов беше мигот кога старецот беше буквално опсипан со бројни цвеќиња и букети.

Историски чин е тоа што оваа престижна граѓанска награда на градот Битола за прв пат од нејзиното постоење се доделува на човек од клирот на МПЦ, со што на нашата Мајка Црква ù се оддава должното признание за нејзината благотворност во нашето општество.

Во своето резиме за тоа зошто наградата му се доделува токму на нашиот старец Советот на град Битола го напиша следново:

Архимандрит Партениј Фидановски е роден на 29. 10. 1970 год., во Битола. Основното училиште го заврши во „О.У. Тодор Ангелевски“, средното образование го стекна во Македонската Православна Богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево, Скопје, а потоа школувањето го продолжи на Теолошкиот факултет, исто така во Скопје, каде што подоцна и дипломира.

Во периодот помеѓу 1990 – 1995 год., во неколку наврати ја посетил Света Гора, при што извесно време и живеел таму, како искушеник во манастирот „Григоријат“, каде што црпел од вековното духовно искуство на прекрасната православна традиција. Во 1995 год. тој доаѓа во манастирот посветен на св. Јован Крстител – Бигорски, каде што го посеа преизобилното семе на Светото Предание, стекнато во светогорските манастири. Така во 1995 год. отец Партениј најпрвин е замонашен во овој манастир, а потоа, на празникот посветен на св. Климент Охридски, истата година е ракоположен и за јеромонах. Во 1997 год. тој добива чин игумен, а во наредната год. е произведен во архимандрит. Заради неуморниот труд во поглед на духовната мисија за оцрковување на народот, на два пати е предложен за митрополит од страна на Светиот Синод на МПЦ, но грижата за своето братство и сестринство, како и љубовта кон Бигорскиот манастир го навела да ја одбие таа висока должност.

Огромна е неговата заложба во борбата против пороците на денешницата, од кои страдаат не само младите луѓе на Битола, туку и пошироко. Тие, не можејќи да се соочат со предизвиците на денешниот модерен свет, прибегнуваат кон еден имагинарен начин на живеење, препуштајќи се на дрогата, алкохолот, проституцијата и другите пороци, трпејќи, притоа, и страшни последици од нив. Воден од својата сострадална љубов кон секое човечко битие во неволја, о. Партениј ја прими на себе и веќе цели 11 год успешно ја исполнува тешката задача на лечење и духовно преобразување на бројни несреќни жртви на оваа современа епидемија, која секојдневно зема во своите канџи сè повеќе млади луѓе и ги фрла во прегратките на гревот и смртта. Со Божји благослов, како и со застапништвото на св. Јован Крстител, отец Партениј ги отвори вратите на својот манастир за сите тие отфрлени млади луѓе, отворајќи го притоа и своето срце за со татковска љубов и грижа да ги поткрепи, поучи, преобрази и упати кон вистинскиот пат, давајќи им сила и поддршка да се ослободат од ропството на погубните пороци. Голем е бројот на оние луѓе, кои со негова помош се спасиле од тој демонски начин на живот. Отецот со својата љубов ги преобразува во одговорни млади личности и лојални граѓани, ги упатува кон вистинскиот начин на живот, ги ресоцијализира, ги поттикнува на образование, работа, формирање на семејства, воопшто – ги приспособува во личности корисни за општеството. Денес, тие доста успешно се вклучени во општествено – културниот живот на град Битола и пошироко, се истакнуваат со својот пример и поттикнати од надежта, верата, љубовта и радоста, која ја добиваат во Бигорското светилиште, помагаат во спасувањето и исправување и на други животи.

На многаја лета, возљубен наш старецу!