Битола го награди игуменот на „Бигорски“ за животно дело

Општина Битола вечерва со свечена академија го одбележа 4 Ноември – Денот на ослободувањето и ги додели највисоките награди и признанија за поединци и институции од овој град.

Наградата за „животно дело“ годинава му припадна на Архимандрит Партениј, роден во Битола, игумен во манастирот „Св.Јован Бигорски“. Според образложението што го даде претседателката на Советот на општина Битола Силвана Ангелеска, наградата на Архимандрит Партениј му се доделува затоа што како духовен раководител им помагал на голем број млади луѓе и за неговата ангажираност и борбата против пороците на денешнината, особено дрогата од која страдаат младите.

– Оваа награда значи голема поддршка за Македонската Православна Црква. Бескрајно сум благодарен на Бог што ме постави на оваа служба, а особено за ова послушание кое ми го даде – да помагам на оние млади луѓе кои најповеќе страдаат. Резултатите од нашата работа ги знаат верниците во Црквата и посебно родителите на оние на кои најмногу сме им помогнале. Наградата ја посветувам на Македонската Православна Црква на која верно и сеоддано и служам, а материјалните средства од наградата оставам да се распределат во добротворни цели, истакна архимандритот Партениј на вечерашната свеченост во Битола.

Награди за едногодишни постигнувања градоначалникот Владимир Талески им врачи на Елена Гроздановска, државен советник за еднакви можности во Минстерството за труд и социјална политика и на карикатуристот Блаже Докулевски, како и на две институции, на приватната гинеколошко-акушерска болница „Плодност“ – Битола и Фестивалот на класична музика „Интерфест“ кој годинава одбележува 20 години постоење.