Архимандрит Партениј одликуван со орденот на Св. Наум Охридски од прв ред

Св. Климент Охридски, Свети Седмочисленици
и Св. Вмч. Пантелејмон

Славна е и преславна нашата долговековна историја и многубројни се нејзините творци, многубројни значајни имиња го осветлуваат нејзиниот тек. Но, среде тие светли имиња, можеби, најсилно сјаат имињата на превеликите отци и учители наши, Светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Имено, во нивните личности како да се сконцентрирала сета светлина, сета духовна сила на нашиот народ, на нашата Татковина. Еднакви по нарав со Апостолите, овие седмочислени неугасливи Светилници го возвестија среде родот славјански словото на Самиот наш Спасител, Господ Исус Христос. Тоа не било човечко слово. Да би возвестувале тие некоја човечка мудрост, некој философски поглед на животот, тогаш нивните имиња би останале таму, длабоко во историјата, и во најдобар случај би биле еднакви со големите философи од древноста. А, можеби, тие имиња би биле веќе и заборавени. Но нивните имиња не само што ги помниме денес, туку и со најголема чест ги прославуваме. Ги прославуваме затоа што родот наш го научија на познание за Господа, познание во кое се содржи сета полнота неопходна за човечкото спасение, како и способноста да ги приближи луѓето кон највисоките идеали, облагородувајќи ги со највозвишени и најсветли чувства. Божествените слова на кои нè научија нашите сесловенски Просветители ја откриваат пред нас вратата на блажената вечност. И восхитува тоа што токму од нивните Божествени слова изникна моќната словенска христијанска култура и цивилизација. Колку ли само се потрудиле овие Божји работници на нивата Господова! Патувале во разни земји и краишта, исцрпувајќи ги своите телесни и духовни сили, во тешкотии, во глад, во гонења и маки! Бесмртното дело што тие го започнале, го продолжиле нивните преемници, заедно со целата Црква, со собранието на верните. И ден денес нивните верни последователи ревносно и со љубов се трудат да го продолжат нивниот пат и со достојна почит го празнуваат нивниот спомен.

Вдахновена од љубовта на својот Старец, Архимандрит Партениј, кон Светите Седмочисленици, како и кон Светиот Великомаченик Пантелејмон, Бигорската Обител го започна светлото празненство во нивна чест уште од вчерашната Вечерна богослужба. Но, централното торжество во нашата Дебарско-кичевска епархија по повод овој голем празник се случи во преславниот храм на Св. Климент Охридски и на Св. Вмч. Пантелејмон на Плаошник, каде Божествена Литургија отслужи Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Струмички Наум и Митрополитот Европски Пимен, како и со бројното епархиско свештенство. После завршетокот на Светата Литургија, во присуство на големо мноштво народ, меѓу кое беше и Претседателот на РМ, г. Ѓорге Иванов, достојнопочитуваниот ни Архиереј, оддавајќи му чест и благодарност на нашиот Старец поради неговиот 20-годишен апостолско-монашки труд за нашата Црква и Татковина, го одликува со највисокото епархиско одличие – Орден на Св. Наум Охридски од прв ред. При врачувањето на орденот, Митрополитот Тимотеј меѓу другото нагласи дека „и покрај тоа што о. Партениј живеел на Света Гора како искушеник релативно кратко време, тој, сепак, успеа во полнота да го восприми светогорскиот монашки дух, кој во текот на изминатите 20 години, со голем труд и пожртвуваност, во целост го пренесе и кај нас, во Македонија, најпрво во Бигорскиот Манастир, а потоа и во метосите кои од корен ги возобнови и заживеа. Притоа, тој ги обнови не само во материјален поглед, туку што е неспоредливо поважно – ги воскресна духовно, собирајќи околу себе бројно и силно монашко братство и сестринство коишто служат како пример во нашата земја, но и пошироко. Исто така, Архимандрит Партениј има огромна заслуга за возобновата на духовниот живот во Македонија, така што слободно би можел да кажам дека тој е духовен татко на илјадници души, негови духовни чеда“.

Освен нашиот Старец, со орденот Св. Наум Охридски беа удостоени и многупочитуваниот Архимандрит Нектариј, игумен на Манастирот „Св. Наум Охридски“ и еден од првите монаси во поновата македонска историја, како и монахот Бенедикт од Манастирот на Пресвета Богородица во с. Манастирец.

Нека Светите Седмочисленици и св. Вмч. Пантелејмон им даруваат благодатни сили до крај да истраат во подвигот што го прават за спасение на своите души, но и за спасение на мнозина. Амин!