Веронаука: силна потреба за правилен развој на личноста и темел на образованието

Нема поважна дејност од онаа која ја преобразува личноста и во неа го сее семето на Христовата љубов и совршен морал, зашто тоа семе со тек на време дава обилен плод од кој вкусува и се храни не само таа личност, туку и целото општество. А особено важна е мисијата меѓу најмладите и работата со нив, кои како иднина на нашата Мајка Црква и Света Татковина се надеж и утеха за сите нас. Зашто кога младиот човек ќе се сретне со Христа, тој се среќава со Началникот на мирот, радоста и љубовта. Па така, ако Веронауката која како школо на љубовта ги насочува овие млади души кон овие толку полезни вредности, тогаш сигурно е дека таа ни е особено потребна во образовните институции. И како што би рекол нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј: „Веронауката е една силна потреба за правилен развој на личноста и таа претставува темел на образованието. Христијанството е учење коешто во душите на младите луѓе внесува радост, мир, љубов, надеж и светлина. Доколку тоа се начелата по коишто се раководи човечкиот живот, овој свет би бил едно навистина прекрасно место, една вистинска оаза на радоста и љубовта. Токму затоа, сите ние, и Црквата како духовен воспитувач и државните институции, особено оние коишто го организираат и реализираат образовниот процес, имаме света должност да им го направиме на младите достапно ова учење“.

И еве веќе по четврти пат ова лето во нашите два манастири – Бигорски и Рајчица – на пет дневен престој пристигнаа група од 30 – тина деца, овој пат од градот Прилеп и секако, повторно од Скопје. Интересот за посуштинско и практично запознавање на верата кај овие млади, прекрасни луѓе се беше разбудил уште на часовите по предметот „Етика на религиите“, кој во Прилеп доста предано го предава наставничката г – ца Моника Дервеновска. Таа со огромна радост ја прифати и прегрна иницијативата за летни школи по Веронаука на нашиот игумен, Архимандритот Партениј, кој пожртвувано се залага за воведување на овој предмет меѓу младите, во образованието и прави сѐ што е во неговите можности за да им овозможи да присуствуваат на овие часови по практична Веронаука.

Во овие свети Обители децата, со поддршка на директорот од матичното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп г – нот Пеце Крагуевски, имаа можност да престојуваат неколку дена. Нивната незапирлива жед за постојано учество во радоста и љубовта Божја, интересот за нашата чудесна православна вера, детскиот искрен и незлоблив пристап, нивните широки насмевки, ја збогатија и направија уште поблагодатна атмосферата во манастирите, но пред сѐ дадоа богат плод во нивните за Бога отворени срца. Децата беа интегрирани во разните послушанија на манастирот, учествуваа во Богослужбите, присуствуваа на часови по Веронаука, како и на часови по Источно-византиско пеење, во кои свој огромен придонес заедно со сестринството даде и нивната благородна наставничка по предметот Музичко воспитание г – ѓа Белинда Ристеска. Децата се рекреираа во живописната манастирска околина, за нив беа организирани разни интерактивни работилници, но и посебни активности по ракоделие како изработување на икони, бројаници и слично. Просто, не пропуштаа ниту еден миг од својот престој тука да ги збогатат своите духовни искуства, да дознаат повеќе за светот и животот, за клучните егзистенцијални прашања.

Се надеваме дека деновите поминати овде ќе останат длабоко запечатени во нив и дека ќе придонесе за нивно уште покорисно интегрирање во Црквата и општеството, со љубов и вера во Христа на Кого постојано Му се радуваат.

Впечатоци од децата:

Елеонора Талеска 12 години: „… На сите тие Богослужби тивко разговараме со Бога кој нѐ слуша и се радува. Спокојот овде ме прави најсреќно девојче на светот“.

Лора Штаргоска 12 години: „Во храмот, на Литургија се чувствувам многу смирено, зашто тоа е место каде што мислам на моите слабости и добивам сила за да се борам против нив. Молитвите ми помагаат да се чувствувам посреќно и послободно“.

Мила Андоноска 12 години: „Пред сѐ му благодарам на отец Партениј, на сестрите и браќата кои многу ги засакав, на неизмерната љубов, на тоа што ме научија на многу добри нешта, на љубов, трпение, добрина, и ги молам да се молат за нас. Секој момент во овој манастир беше исполнет со другарство, со многу радост и смеа. Сега се радувам на секое добро дело и знам дека никогаш нема да го заборавам ова. Ве сакам најмногу“.

Впечатоци од повеќе девојчиња 13 години: „Деновите тука се исполнети со различни активности, преку кои учиме за секојдневниот живот во манастирот, учиме повеќе за нашата вера. Сакаме да изразиме огромна благодарност до отец Партениј, до сестрите во манастирот за поуките, трпението и времето кое несебично ни го посветија. А пораката која ја упатуваме до сите другарчиња низ цела наша земја е: ’Не трошете го залудно вашето време пред компјутери, телевизори, по места кои ве прават нервозни, а за да можете барем на кратко да го избегнете сето тоа дојдете поскоро овде и најдете го мирот и спокојот во вашите души‘“.

Стефан 12 години: „Во оваа убавина, еден човек влезе низ овие големи порти. Од тој ден 06. 08. 1995 год., сам почнал да се моли на Бога и Му се посветил. Се молел секој ден со голема вера во Бога и трпение и Го молел да му даде многу монаси и еве денес го изградил овој манастир и го направил еден од најголемите манастири во Македонија и пошироко“.

Пантелеј Ситковски 15 години: „Писмово кое сакав да ви го напишам нема да ги има сите зборови што сакам да ви ги кажам, па затоа ќе започнам со молитвата: ’Благословен си Ти Господи и благословени се луѓето Твои‘… Пред точно 20 год., кога ние и не постоевме, вие го започнавте својот трнлив пат. Со Божја помош ги разбудивте заспаните манастири, со потта своја ги навадивте ливадите и на нив изникна љубов. На пустите ниви засадивте вера, а тоа е вера која ја пренесовте во нашите срца. Започнавте невозможна мисија и ја претворивте во копнеж по Бога. Го собравте сиромашниот народ по душа и го исполнивте со љубов и радост“.